25 Април, 2024
0.0271

Зошто го сакам Скопје?

Објавено во: Колумни 07 Јули, 2019

Добивај вести на Viber

Прашањето пред некоја година ми го постави Вики Софкаровска-„Трнче“ со која успешно соработував во 90-те уште кога беше уредничка на неделникот „Свет“.Подготвувaшe пилот-број на нов магазин,кој не излезе,за жал,но ми остана текстот,посветен на Скопје:

Се почесто и се повеќе се фаќам себеси во размислување за личната дилема-на кое скопско маало му припаѓам, не сега, туку, што би се рекло-по потекло?

Роден во Уред, како што велеше мојата покојна мајка Јела и однесен на мансардата во палатата Мацура-карши киното Младина и во непосредна близина на „кино без пари“ кај Офицерскиот дом, каде што сме живееле годинаипол-значи сум од строгиот центар!

Потоа се селиме во срцето на Дебар маало, се до 1959 година, со што се здобивам со лиценца на дебармаалец. Школскиот инспектор Ѓоко Мојсов, така честопати му бече презентирано името на татко ми Ѓорѓи Мојсовски, конечно доби поголем стан во центарот, на улица Луј Пастер.Таму повторно се вратив во центар-во Циган маало.

Земјотресот не фрли во Кисела Вода, во Бирарија, каде што сите цетворица се ширавме во една шупа четири на четири, чекајќи да ни се заврши монтажниот стан во Тафталиџе, каде што живааме и ден денас. Меѓутоа најмногу љубам да се нарекувам себеси  дебармаалец, сметајќи дека и моето сегашно пребивалиште му припаѓа на Дебар маало, иако тука беа само бавчи и овоштарници, каде што ние дечишта, се насладувавме со украдено овошје, бегајќи од чуварот Шакир...

Местата, каде што сакам да поминувам и да престојувам во слободно време во градот што не би го менувал за ниту еден друг на светот  се Вардар и неговиот прекрасен кеј, заедно со  патеката за велосипади и ролери. Овде доаѓам со точак секојдневно, едноставно денот не ми поминал успешно, ако не сум бил, макар и на кратко-на ова локација. Тука наоѓам мир и возбуда од средбите со моите некогашни и сегашни другари и пријатели. Доаѓаат од различни причини-некои од здравствени, некои од естетски, а некои, како мене-од навика и од желба за дружење.

Патот, потоа, ме води од кај Жабарот, до плоштадот,по Кејот 13 Ноември ќе дојдам до Маџир Маало или ако скршнам преку мостот до Пајко маало и ќе поседам кај Мрвка во Алтан..

Се враѓам во сеќавањата на Џафте корзо, каде што маџир-маалки доаѓаа на налани за да бидат кибнати или да кибнат некого и трчаница назад дома под будното око на таткото или на постариот брат...

Покрај Уред и зградата на Парламентот повторно на Плоштад-до Кај Фуфо, некогашен Пелистер, каде што мораше барем еднаш во денот  да се дојде на кафе или на пополнување тикет на спортска или лото..

Од лево останува она што се уште стои од хотел Македонија, пред кој дреждев со саати со друштвото. Со години на корзото продававме честитки за Нова година или пак, цвеќе за 8-ми Март.Скудните џепарлаци до динар беа потрошени во старата Македонија, трошна барака со многу човечка топлина, со гости од различен состав-студенти, работници, директори на ге-ге претпријатија, до сомнителни женски, а најчесто кај Јоле и Почу, во Клубот на писателите.

Кругот на култните места на пријатните сеќавања и спомени скршнува по неколку агли на квадратот по скопските коти-кафеаната Зора во Колонија, кај Сута и во Боеми, Идадија и стадионот, Учителската школа и калдрмата по која се труцкаа првите автобуси 1 и 2 на градскиот сообраќај на два ката, Зоолошката градина, уличките и куќичките во Дебар маало, каде што игравме фанта и  фудбал-викторија.

  Веројатно секој си го сака својот роден град, па не гледам причина јас да бидам некаков исклучок. Познавам многумина нескопјани кои едноставно, тука само јадат, пијат, работат, а градот го мразат. Не знам зошто?

  Всушност, знам, но не би сакал да зборувам за тоа. Јас го сакам зашто тука се сите што ги сакам и почитувам-другари и пријатели. За жал и по некој гроб, на близок, пријател,другар.. Ги сакам миризбата и сјајот на Вардар во лето, неговата бучава наесен и напролет, кога е преполн со матна вода што ја носи од Шара и Треска. Ги обожувам липите на Партизанска, костените околу Идадија, тополите накај Стадион. Го сакам Скопје затоа што тука ја сретнав мојата најголема љубов, кој со време стана мајка на две прекрасни ќерки, а и тие трите неизмерно го сакаат родниот град покрај Вардар. Кога станува збор за Скопје љубовта спрема него станува наследна особина и феномен. Засега, не можам да видам друг град на земјината топка со перформанси што ја задоволуваат мојата пребирливост да го почнам и да го завршам животот-а и да го трошам-со сите негови маани и недостатоци. Едноставно тоа е Скопје. Моето Скопје!

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД