Добивај вести на Viber
Во првите три месеци годинава резервациите се 6,5 милиони евра, а од април до јуни растат за 11 милиони евра до износ од 17,5 милиони евра. Растот на резервациите е проследен со тренд на пад на кредитирањето во однос на првите шест месеци лани. Во истиот период добивката пораснала само за 0,5 милиони евра, а во првите три месеци била 2,75 милиони евра
Резервациите за кредитни пласмани на Комерцијална банка пораснале за 687,6 милиони денари (над 11 милиони евра) во периодот април-јуни годинава до износ од 1,082 милијарди денари. Тоа значи дека толку пари одвоила банката за своите кредитни пласмани, кои во првите шест месеци годинава во споредба со истиот период лани се пониски за речиси една милијарда денари и изнесуваат 46,76 милијарди денари, ова се најзначајните параматри од полугодишниот извештај на една од трите најголеми банки во земјава што беше објавен деновиве на сајтот на Македонската берза за хартии од вредност.
Високиот скок на средствата што банката ги издвоила за резервации веднаш паѓа во очи кога ќе се види билансот на банката за првите шест месеци годинава. Особено кога износот од 1,082 милијарди денари (17,5 милиони евра) ќе се спореди со средствата што за истата намена биле издвоени во првите три месецо од годинава и нивниот износ е 394,4 милиони денари (околу 6,5 милиони евра). Ова значи дека во период од три месеци средствата за резервации се за безмалку 150 отсто поголеми во однос на периодот јануари-март.
Оваа операција директно влијаела врз добивката на банката која во вториот квартал изнесува одвај 500.000 евра односно 31,2 милиони денари, наспроти добивката од 170 милиони денари (околу 2,75 милиони евра) за периодот јануари-март.
Важно е да се напомене и тоа дека резервациите бележат фантастичен раст во период кога кредитните пласмани на Комерцијална банка бележат намалување од речиси една милијарда денари , споредбата се однесува на првото полугодие годинава во споредба со првото полугодие лани. Во недостиг на официјални информации не може да се утврди со сигурност зошто банката толку нагло ги зголемила своите резервации во услови кога се намалил квантумот на кредити. Дали се работи за тоа дека дело од корисниците на кредити потешко ги враќаат па заради тоа се зголемени резервациите или пак банката станала поригорозна и издвојува повеќе резервации засега не се знае. Како и да е факт е дека резервациите се многу зголемени и дека, според опитимистичката варијанта, кога тие ќе бидат ослободени можат солидно да ја подигнат и добивката на банката.
Најголемата приходна ставка, нето приходите од камати за првите шест месеци се 1,569 милијарди денари што одговара на 25,4 милиони евра. Приходите гледано по квартали се идентични и изнесуваат по 784,4 милиони денари нето. Кај втората приходна ставка нето приходите од надоместоци и провизии има минимално намалување во периодот април-јуни во споредба со периодот јануари-март. Како и да е тие изнесуваат 419,7 милиони денари нето за првите шест месеци.
Како што веќе напишавме најголем расход во билансот на успех се резервациите кои изнесуваат 1,082 милијарди денари и бележат огромен раст во вториот квартал. Останататите расходи од дејноста изнесуваат 332,6 милиони денари за шест месеци, а загубата заради оштетување на нефинансиски средства изнесува вкупно 139,7 милиони денари за шест месеци.
Од билансот на состојба освен намалувањето на кредитирањето важно е да се истакне и тоа дека банката има намалување и на депозитната база на коминтенти (во која не влегуваат депозитите на другите банки). На крајот на јуни годинава граѓаните, здруженијата и фирмите во Комерцијална банка чувале 80,49 милијарди денари што е намалување за 3,3 милијарди денари во споредба со состојбата за истиот период лани.
Р.Ф.