30 Април, 2024
0.0253

Зошто кучето се лиже?

Објавено во: Колумни 12 Април, 2016

Добивај вести на Viber

Го знаете оној виц – зошто кучето се лиже...таму? Оти може! И во нашиов случај – оти можат. ДПМНЕ можат сè. Мислам стварно, докажавте семоќни сте. Ви се може. Ве разбирам, сè е во ваши раце – од интелектуалци до подземје. Можете да распишете избори, да си учествувате на нив и да си „победите“. Но, видете, тоа сепак останува лижење гениталии...и ништо повеќе. Освен, веројатното самозадоволство, друго арно од тоа нема да произлезе. Оваа „анимална“ аналогија - да признаам дури и за мој вкус премногу невкусна - е илустрација на менталитетот демонстриран од власта. Менталитет на аздизана моќ. Дека е во прашање менталитет,ergo психологија (да не кажам патологија), а не политика, ни демонстрираше и бившата министерка за внатрешни Јанкуловска. Пазете, не се чувствувала виновна не само за сегашниве, ами и за сите идни обвиненија што некогаш ќе биле покренати! Да, до крајот на светот и векот! Со еден елегантен потег се самоамнестираше од сите идни обвиненија, па макар и какви и за што и да биле тие. Разбирам, од чисто правен аспект таа е невина се додека не се докаже спротивното. Но, јас зборувам за психологија, зборувам за менталитетот што го носат дека самите се убедени дека сè што правеле, правеле во името на народот и од љубов кон татковината. Верувајте, голем дел од нив се убедени дека сè што чинат, чинат од добронамерни разлози. И дека заради тоа народот ги поддржува. И дека заради тоа се моќни. А дека таа психологија раѓа врвна самоувереност, покажува и вториот дел од нејзината изјава – „не е важно колку случаи ќе отвори СЈО, важно е колку ќе затвори“, што ќе рече – „џабе ви е, нашата моќ е неограничена“! И така, во пикот на таа моќ си распишаа избори! Па бурјум, кој сака нека повели, кој не сака, па и не мора. Оти им се може! Едноставно им се може. И можеби токму и затоа овој текст го започнавме намерно вулгарно шеговито, за да не изгледа страшно. А страшно е. Во страшната варијанта можевме да го започнеме и вака, со следнава аналогија: -Јуни е, но не 5-ти и не 2016-та, туку јуни, 22, 1925 година. Датум на одржувањето на првиот конгрес на Фашистичката национална партија, кога Дуче во својот говор воскликнува: „Нашата дива тоталитарна волја ќе биде спроведена со уште поголемо дивјаштво“! Уф, каква случајност. Наместо Италија, лоцирајте се во Македонија 91 година подоцна и преведете го овој восклик: „Нашата дива тоталитарна волја ќе спроведе уште едни тоталитарни избори, со уште поголемо дивјаштво“! Оти ни се може! Дивјаштвото го досегнува својот врв. Моќта го добива своето целосно отелотворување. Во својата заслепеност таа воскликнува – до крај, до последниот, со уште поголема жестина, со целосно, поголемо дивјаштво. Драги мои, не сакам да ве плашам, но ваква демонстрација на моќ е за плашење. Во комбинација со споменатиот менталитет-психологија, креира една „псевдополитика“ која може да има страшни последици. Мене токму таа психологија/патологија ме плаши. Тоа лудило кое во зенитот на својата моќ демонстрира таква псевдо слобода да чини што сака е навистина страшна комбинација. Авторитарниот менталитет впрочем станува во голема мера таков, токму поаѓајќи од позицијата – „јас не сум виновен“, дури напротив – „другите се виновни“. Се сеќавате на репликата во легендарниот „Буре барут“ – „кој е виновен, кој е виновен“? Слично прашање си поставува и Достоевски во една негова новела. При тоа одговара дека здравиот менталитет секогаш ќе го најде смирението во одговорот – „јас сум виновен“, нездравиот во – „другите се виновни“. Фанатизмот на авторитарниот ум и тоталитарниот систем произлегува токму од тоа идеалистичко уверување дека работите за доброто на државата, народот и нацијата. И во мигови на криза и распад на тој систем, наместо да се видите како виновник, се гледате како жртва. На прашањето зошто побогу после десет години ова не го бидува, тие одговараат – тие се виновни, да не беа тие, досега ќе ни тргнеше. Познатата теоретичарка на тоталитаризмот Хана Арент многу јасно го лоцира тој идеализам: „идеализмот, будалест или херојски, секогаш произлегува од некоја индивудуална решеност или убедување...“ Јас мислам дека во „психоанализата“ (затоа што политичката анализа овде е јалова), на ова 10 – годишно владеење на ДПМНЕ е испуштен токму овој момент на идеализам. Кој што сака нека говори, но сепак мислам дека клучниот момент е токму ова нивно длабоко лично уверување дека се месии, дека се водени од идеи и идеали за спас на овој народ. И токму затоа се толку жилави, а особено толку горди и бесрамни; не се чувствуваат виновни (ни за овие, ни за идните обвиненија), а и моќни (не е важно колку истраги ќе се отворат, ами колку ќе се затворат) и затоа ја бараат „довербата“ уште еднаш и уште еднаш и уште еднаш („сто“ избори до сега распишаа кога ќе им текнеше). А во голема мера, на таквата психологија се должи и нивниот успех кај гласачите. Затоа што, повторно повикувајќи се на Хана Арент, ќе заклучиме: „до нивните фанатизирани членови не може да се допре ниту преку искуството, ниту со аргументи; идентификацијата со движењето и тоталитарниот конформизам како да ја уништиле сосема способноста за соочување со стварноста, дури и ако таа е толку екстремна, како тортура или страв од смртта.“ Решението? Веројатно во шок-будење на фанатизираното паство. Како? Како што многу пати до сега инсистирав – до целосно досегање на безнадежноста на ситуацијата во која дури и најфанатизираните ќе се разбудат. Болно, но нужно. Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД