Зошто младите не сакаат да работат во фабрика?
Објавено во: Економија 30 Мај, 2016 18:21
Младите не сакаат да работат во текстилните или чевларските фабрики, а за овие профили учениците се помалку пројавуваат интерес.
За оваа појава алармираа неколку пати од Источна Македонија, но и другите региони во државата не се имуни. За младите овие работни места не се привлечни заради ниските плати до двесте евра, лошите услови за работа, работа за празници и викенди. Оние кои работеле во овие дејности раскажуваат и дека одморите ги користат кога обемот на работа ќе се намали, а не кога тие ќе посакаат. Младите кадри поголема сигурност гледаат во работата во администрација или работата во странство каде се нудат повисоки примања.
„Не би избрала да работам во нашите фабрики во 21-ви век каде што стандардите се ужас, условите во кои што работат работниците се за никаде, на минус температури греењето не се вклучува, луѓето мрзнат и земаат греалки од нивните домови, додека на високи температури луѓето се гушат. Притоа нивниот глас воопшто не се зема в предвид, со наведнати глави луѓето работат за да извадат парче леб, да однесат во своите домови и каде што сето тоа изгледа како еден ланец на робови каде што се потчинети на нивните робовладетели. Луѓето работат со пот за мизерни плати и евтино го продаваат својот труд. Го губат здравјето на нивното работно место, а кому му е грижа за тоа?- вели Оливера Стојковска, студентка на правни студии на Правен Факултет – Јустинијан Први.
Од чевларска фирма во Куманово потврдуваат дека имаат вработено млади луѓе, но нивниот број е помал во однос на постарите работници. Велат дека платите во овој сектор не се високи и затоа младите не сакаат да се занимаваат со оваа работа.
„Сите знаеме дека младите сакаат полесна работа и поголема плата. Во Куманово квалитетни работници има затоа што од поранешен Чик сите се тука во градот во приватните фирми се вработени. Куманово е чевларски град и нема проблем за наоѓање на кадар“-кажа Круме Максимовски, вработен од локална чевларска компанија.
Давид Алексовски, магистер по економски науки објаснува дека неатрактивноста на трудо-интензивните сектори се должи на серија економски и општествени фактори. Според него, од економските фактори ниските плати се клучен демотиватор, кои обично се движат околу законски утврдениот минимум, а од друга страна овие дејности вообичаено бараат вложување на поголем физички напор и енергија во текот на работниот ден.
„ Анализа на структурата на бруто домашниот производ на Македонија по дејности покажува дека услужните сектори добиваат се поголемо значење. Глобализацијата и развојот на технологиите во сите земји доведе до трансформации во секторите на производство со што се намали значењето на трудо-интензивните сектори кои важат за ниско продуктивни во споредба со технолошко интензивните. Во Република Македонија не постои образовна стратегија со која врз основа на тестови на младите по завршување на основно и средно образование ќе им се сугерира одредена професија на база на покажаните резултати и склоности, со што би се намалила дефицитарноста на одредени економски сектори“ - додава Алексовски.
Тој вели дека се поголем број млади се запишуваат на факултет, завршуваат високо образование, а со тоа имаат поголеми амбиции и очекуваат подобро работно место.
Можеби ќе ве интересира
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии
ЕБОР: Рекордно ниско ниво на лоши кредити во Централна, Источна и Југоисточна Европа
На бензинските пумпи се појави нов вид гориво: Ќе се испорачуваат со „розови пиштоли“, а ќе може да се користи во сите автомобили
Планирате патување на одмор? Овие аеродроми во Европа ќе штрајкуваат до крајот на годината
Германија ги заострува условите за социјална помош
Руски министер кажа колкав процент од БДП потрошиле за војната во Украина
(ВИДЕО) АВСТРАЛИЈАНЕЦ СЕДУМ ГОДИНИ СОБИРАЛ АМБАЛАЖА: Заштедил за куќа




