23 Април, 2024
0.0392

Зошто реализацијата на капиталните инвестиции е ниска крвна слика за секоја Влада

Објавено во: Колумни 31 Јануари, 2020

Добивај вести на Viber

Зошто реализацијата капиталните инвестиции во нашата држава е скромна со години, а посебно последните неколку години, кулминираќи со последниот податок за реализација на истите од 78 проценти за 2019 година? На оваа тема со години се водат бројни дебати во политичката, академската и целокупната јавна сфера имајќи ја предвид важноста на овие инвестиции како основа за зголемување на економската активност и благосостојбата на населението. Нашите претходни анализи јасно ги потврдија краткорочните скроми ефекти кои ги имаат капиталните инвестиции врз целокупната економска активности во државата, потврдувајќи ја тезата на ММФ дека во земјите во развој кои имаат скромен јавен финансиски менаџмент зголемувањето на јавните инвестиции за 1п.п придонесува кон зголемување на БДП за само 0,3 п.п (оваа вредност кај развиените земји е двојно повисока). Меѓутоа да се навратиме на главното прашање – Кои се причините за слабата реализација на капиталните инвестиции? Одговорот се наоѓа во тоа што успешната реализација на капиталните инвестиции преставува ТЕСТ – проверка на ефикасноста на целокупниот инструментариум и функционирање на јавниот сектор – како што кај човекот е направената „крвна слика” од која се гледаат перформансите и индикаторите за здравјето на истиот. Зошто е тоа така?

Кратка елаборација на темата - капиталните инвестиции почнуваат со планирање,  тестирајќи ги капацитетите на државата за определување на потребната сума на капитални инвестиции, притоа имајќи ги предвид стратешките приоритети на државата и посебните сектори. Во нашата држава се уште капиталните инвестиции преставуваат резидуал по утврдување на фиксниот дел од буџетот (плати, надоместоци, стоки и услуги, трансфери итн.). Се уште чекама на долгоочекуваната среднорочна буџетска рамка без која нема сериозно капитално планирање, како и јасна стратегија за капитални инвестиции поткрепена со анализи и податоци, а не фундирана на политичка програма и желби. 

Во контекст на претходното капиталните инвестиции исто така го тестираат процесот на приоритизирање на проектите, процесот на анализа на потребата и трошоците за секој проект, цената на чинење на проектот, како и транспарентност и ефикасноста на институциите за селекција на проектите. Ова го отвора прашањето за тоа дали имаме транспарентна постапка и кретириуми при селекција на секој проект,  дали постои јавно достапна cost-benefit анализа, дали е направена анализа на можните ризици при реализација итн.  После првата фаза, на тест се става ефикасноста на различните институции и буџетски единици од кои треба да се добијат соодветните дозволи, документи (урбанизам, животна средина итн.) и одобрување за реализација на капиталниот проект и тоа во предвидениот рок.  Почетокот на реализација на секој капитален проект е исклучително интересен дел од целата постапка кој од една страна го тестира капацитетот за проектниот менаџмен на креаторите на политиките, системот на јавни набавки (кој, како и колку добива од јавниот колач), како и ефикасноста на јавната админстрација во навремена реализација на проектите. Особено важен дел кој го тестираат капиталните инвестиции преставува капацитетот за надзор, контола на јавните институции над проектните процеси, што директно е поврзано со оценката дали граѓаните добиле вредност за потрошените пари, и се разбира кој е одговорен за добрата или лошата реализација на преоктите (дали граѓаните имаат транспарентни индикатори за да ја утврдат ефикасноста во реализацијата на проектите, дали одоворноста а слаба/лоша реализација  се лоцира) . Не помалку важен е тестот кој се однесува на правниот систем и владеењето на правото имајќи предвид дека големите повеќегодишни капитални проекти кои ангажираат големи ресурси често се поврзани со корупциија, нерегуларности, правни процеси и процедури. Овие правни состојби и процеси во неефикасни системи може да траат со години и да ја одлоговлечат реализацијата на проектите,а притоа да се потрошат големи суми на финансиски средства. На крај капиталните инвестиции ја тестираат политичката култура, разбирање и волја да ги надминат тесно политичките интереси во корист на граѓаните и овозможат реализирање на вистинските капитални проекти без разлика на субјективната политичка сопственост врз истите.

Треба да се запрашаме кој од претходните тестови ги помина нашата земја, дали се тоа еден, два или повеќе тестови кои треба повторно да ги полагаме. Се надеваме дека оваа кратка елаборација на оваа сложено прашање, направи барем малку појасно дека причините за слабата реализација не се само на едно место и во една институција туку се наоѓаат во системот на кој треба многу работи  за „крвната слика” да се подобри.

Проф. д-р Борче Треновски

Екониомски факултет – Скопје, УКИМ


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок