Добивај вести на Viber
Скопски Водовод планира да потроши половина милион евра за нов софтвер за управување со финансиите во претпријатието. Ова е проценетата вредност во јавниот оглас за набавка на софтверот, објавен на сајтот на Бирото за јавни набавки на 23 март. Од јавното претпријатие не одговорија на прашањата на Фактор.мк, зошто одлучиле да купат скап софтвер наместо да продолжат да го користат постоечкиот, кој според нашите информации, функционира без никакви проблеми. Иако, првично во телефонски разговор, раководните лица ни рекоа дека ќе добиеме одговори по електронска пошта, потоа ги игнорираа нашите мејлови и телефонски повици.
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, исто така, не добивме одговор ниту на прашањата зошто проценетата вредност на набавката е речиси 500.000 евра, кога пазарните цени за слични софтверски решенија се значително пониски, како и кои се главните придобивки кои ги очекуваат од новиот софтвер. Според упатените во овој бизнис софтверско решение од овој „калибар“ не би требало да изнесува повеќе 100.000 илјади евра и тоа доколку се работи за комплетно нов производ, кој нема да биде доработка или превземен од постоечки систем.
Молкот од ЈП Водовод и канализација само дополнително ги подгреваат шпекулациите дека се работи за набавка на производ кој во моментов, воопшто не и е потребен на фирмата, со оглед на тоа што во истата веќе функционира софтвер кои без никакви проблеми си ја извршува својата функција.
Главната функција на т.н. софтвер за интеграција на систем за финансов менаџмент е тоа што автоматски ги изработува и ги печати сметките за секој корисник поединечно. Станува збор за решение кое денеска е широко застапено, особено во компаниите кои нудат услуги на голем број претплатници.
Фирмите кои сакаат да учествуваат на тендерот за изработка на софтверот мора да имаат испорачано најмалку едно слично решение за минимум 150.000 корисници во текот на последните три години. Исто така, во јавниот оглас како услов се посочени и годишниот приход на компанијата, кој мора да изнесува најмалу 20 милиони денари, како и бројката од минимум 15 вработени лица со високо образование од областа на информатичко – комуникациските технологии.
Единствен критериум за доделување на договорот е најниската понудена цена. Краен рок за доставување на понудите е 9-ти мај, кога ќе биде одржано и јавното отворање.
М.Т.
Дополнување:
Еден ден по објавувањето на текстот од ЈП Водовод добивме одговори на прашањата, кои ги испративме уште во текот на минатата недела. Од таму тврдат дека потребата за нов софтвер се јавила со оглед на фактот што претпријатието во последниот период има превземено дополнителни обврски, со што се наметнува потреба од еден побрз, поефикасен и поцелисходен начин на работа во повеќе домени од финансиското работење и системски пристап во обезбедување на услуги и подобра комуникација со деловните објекти. Согласно променетите деловни барања, согласно брзиот развој на технологиите, неминовна е потребата од еден ваков целосен интегриран систем за управување со финансиите кој ќе претставува основа за секојдневно, нормално и правилно функционирање на договорниот орган. Во однос на проценетата вредност на набавката од 500.000 евра, од Водовод велат дека е согласно бараните карактеристики на системот и истражувањата кои ги направило јавното претпријатие за вакви и слични системски побарувања во компании со слична дејност.