Добивај вести на Viber
Иднината на Грција продолжува да е главна тема на светските пазари, откако земјата се приближува се повеќе до прогласувањето на банкрот на државниот долг.
Дури Централната банка на Грција во средата предупреди дека земјата ќе тргне по "болен пат" кон банкрот и излез од еврозоната, ако владата и меѓународните кредитори не успејат да постигнат договор за доделување на последната транша од спасувачкиот заем. Колку е важна всушност Грција за светска економија и од толку големо значење ли ќе биде ако прогласи банкрот?
Грчката економија се намалила за 25% од 2009 година и не придонесува особено за економскиот раст на глобално ниво. Само околу 2% од економијата на еврозоната се потпира на земјата.
Иако се очекува грчката економија да настрада уште повеќе од турбуленции, пошироката европска економија има неколку добри инструменти, со кои да и покаже поддршка - вредноста на еврото се намали за 20% во однос на минатата година, цените на нафтата остануваат ниски, а Европската централна банка (ЕЦБ) управува програма за парични стимулации во вредност од 1 трилион евра.
Она за што најчесто се говори во последно време, сепак е ризикот од верижна реакција. Според аналитичарите, тој не треба да се потценува, макар да е помал во споредба со претходните критични точки на грчката криза.
Постојат две главни причини за тоа. Првата е дека јавните органи, на пример Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), а не приватните институции, се оние кои држат поголемиот дел од грчкиот државен долг. Ова би требало да ограничи каква и да е верижна реакција поради банкрот. Грција должи рата од 1,6 милијарди евра на ММФ со рок на отплата до 30 јуни, како и едно големо плаќање кон ЕЦБ со рок на достасување до крајот на јули.
Втората причина е дека во последните неколку години ЕЦБ создаде институции во помош на секоја земја членка која се соочува со неволја. Освен тоа централната банка има програма за парични стимулации во вредност од 1 трилиони евра, преку која други мали економии од еврозоната, како Португалија и Шпанија, презедоа активности за јакнење на нивните банкарски системи.
Имајки го во предвид членството во НАТО и стратешката позиција во близина на арапскиот свет и недалеку од Русија, Грција е изненадувачки важна земја од геополитичка гледна точка. Токму затоа особено многу треба да се внимава за евентуален банкрот, кој ќе го покрене прашањето за нејзината иднина во еврозоната.
"Јасно е дека претставниците на САД и Европската унија (ЕУ) не сакаат да ја држат пропадната држава во рацете во момент во кој Грција е на предна линија по неколку геополотически линии на поделба, со нестабилната ситуација на Блискиот Исток и проблемите со Русија" , вели Мајкл Хјусон, главен аналитичар на пазарот во CMC Markets UK.
Фактот дека банкрот на Грција се очекува некое време, значи дека ако тоа навистина се случи, пазарите нема да се особено изненадени и е малку веројатно да бидат дестабилизирани така, како што беа погодени од колапсот на американската инвестициска банка Lehman Brothers во 2008 година .
"Lehman беше вистински шок, зашто дојде од ведро небо, но грчката криза се влече со години, па еден банкрот сам по себе нема да биде особено шокантен", вели Џулијан Џесп, главен економист во Capital Economics.
"Повеќе вознемирувачко ќе биде ако Грција ја напушти еврозоната и други земји ја следатво тој чекор, бидејќи тогаш зборуваме за иднината на втората најважна валута во светот по доларот", додава тој.
Обработка: К.К.
Извор: CNBC