ГО СЛАВИМЕ НАЈРАДОСНИОТ ПРАЗНИК, БОЖИК – ХРИСТОС СЕ РОДИ: Ова е најголемиот празник на христијаните!
Објавено во: Македонија 07 Јануари, 2025
Божик е првиот од дванаесетте големи христијански празници. Литургиското име на овој празник е - Рождество во тело на Господ и Бог и спасителот Исус Христос.
Луѓето се поздравуваат со зборовите: „Христос се роди!“ а се отпоздравува „Навистина се роди“.
Поради своето посебно значење, Божик во црковните книги се нарекува и „Мал Велигден“, а Св. Јован Златоуст ја нарекува „почесна и пославна од сите празници и мајка на сите празници“. Да го немаше Божик, немаше да има Велигден (празник на сите празници), немаше духови, немаше црква, немаше христијанство.
Зошто било потребно Христос Бог да земе човечко тело и да стане она што не бил порано - човек?
Бог стана човек за да ги спаси Адам и неговите потомци од моќта на гревот и смртта. Адам бил во човечко тело кога ја престапил Господовата заповед (кога паднал под власта на гревот и смртта), затоа Адамовиот Создател - Синот Божји, доаѓа во тело за да го спаси Адам и неговите потомци од гревот и смртта. Бог станува човек за човекот да стане бог – „бог по благодат“ – не учат светите отци. Со своето раѓање Господ ни ја открива тајната на создавањето на човекот, неговото достоинство, а на дело ја открива својата безгранична милост и смирение.
Во Богочовекот Христос се стекнале сите свети тајни на небото и сите тажни земни тајни. Преку него невидливото станало видливо, небесно-земно, божествено-човечко, оно-овосветско. Станувајќи човек, Христос не се одвојуваше од своето божество и од својот небесен татко, го задржа сето она што го имаше и беше порано. Тој примил само нешто ново - човечката природа, а неговите вечни својства не биле намалени со восплотувањето, ниту пак се променил неговиот однос кон Отецот и Духот. Со слегувањето на Божјиот Син на земјата, луѓето „примија посвојување“ (Гал. 4, 5), а како синови Божји ги примија сите дарови од Бога како Отец затоа што „тие веќе не се туѓинци, туку ближни граѓани на светците и на Божјиот дом“ (Ефес. 2, 19). Овие свети дарови христијаните ги добиваат во Светата Црква преку Светите Тајни и Светите добродетели.
Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат божикни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи архиерејска литургија на Св.Василиј Велики.
По повод Божик, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упати Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав – Христос се роди!
Милостивиот Бог, преку Неговата љубов и Неговата благодат, може да ги преобрази нашите стравови и несовршености во љубов и усоврушување во радоста на Светиот Дух.
Оттаму Христовата жртва, започната со Неговото рождество по тело, и завршена со Неговото страдање на Голгота, ни укажува дека секој човек е достоен за љубов. Синот Божји, Господ Исус Христос, Се даде Себеси за сите да нѐ направи вечно живи. Затоа свети Иринеј Лионски истакнува дека „Славата Божја е – живиот човек“! А вистински жив човек е оној којшто пребива во љубовта Божја. Според тоа, треба да живееме според поуката на апостолот кој поучува: Љубете се едни со други срдечно, со братска љубов; натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг. Живеејќи така, ќе го стекнеме мирот одозгора и ќе ги почувствуваме во нас плодовите на Царството Божјо, а тоа се: праведност и мир и радост во Светиот Дух. Па, чувајќи го единството на Духот преку врските на мирот, да се трудиме да имаме мир во себе, мир во својот дом, мир со луѓето и мир меѓу народите, знаејќи дека за тој мир копнееле мирољубивите души низ целата историја.
Затоа, празнувањето на Божик нè поставува пред изборот како ќе одговориме пред Христа Богомладенецот: дали ќе го следиме примерот на исплашениот Ирод, што води во погибел; или оној на смирените и искрени мудреци и пастири, кои со радост Му се поклонија на новородениот Цар?
Па, нас ништо не нè принудува да наликуваме на Ирода! Напротив, бивајќи крстени во името Христово, можеме да ја следиме ѕвездата на нашата совест којашто нè води до Христа, та Нему да Му ги принесуваме нашите лични дарови и таланти. Правејќи го ова, се ослободуваме од духовната поробеност, со што ни се покажува друг пат, патот на Евангелието, патот на вистинската слобода во радосната заедница на Неговото вечно Царство.
Со овие пораки ви го честитаме празникот на Христовото рождество на сите чеда на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, како во Татковината, така и насекаде по светот, поздравувајќи ве со радосниот поздрав:
ХРИСТОС СЕ РОДИ!
Честито и од Бога благословено новото 2025-то лето Господово!“, се вели во пораката на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан
фото: МИА