ААМ бара поддршка од граѓаните за иницијативата за референдум
Објавено во: Македонија 19 Март, 2015
Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), како подносител на барањето за референдум за задржување на автентичниот изглед на Градскиот трговски центар – Скопје изразуваат задоволство за прифаќање на оваа иницијатива од страна на општина Центар.
„ААМ како единствено професионално здружение на архитектите во РМ има должност и обврска да работи во интерес на негување и развивање на архитектурата и урбанизмот во согласност со архитектонската наука и етика и зачувување на Македонското градителско наследство, во кое несомнено спаѓа и ГТЦ како еден од најмаркантните објекти од нашата понова градителска историја. Во таа насока ААМ во изминативе неколку години има преземено голем број активности во форма на апели до сите надлежни институции, како и активности за мобилизација на стручната и пошироката јавност во форма на дебати, собирање потписи за поддршка и јавни протестни собири. Од таму, прифаќањето на нашата иницијативата за овој прв референдум во општина Центар е значаен исчекор во правец на нашите заложби“, велат од оваа Асоцијација.
Во оваа најделикатна состојба за архитектурата во РМ, тие сметаат дека ова е историски важен момент за македонската демократија и јавно повикуваат на поддршка од сите граѓани и организации кои ги делат демократските вредности.
Истовремено, испраќаат апел до советниците на општина Центар да ја поддржат иницијативата за референдум со што директно би им овозможиле на граѓаните да го реализираат своето уставно загарантирано право.