ВЕВЧАНЦИ: Се работи за популарните зомби по филмовите и немаат никаква поврзаност со Зијадин Села
Објавено во: Македонија 15 Јануари, 2025
Вевчанци се јавија со реакција откако ДУИ реагираа за маска на карневалот за која сметаат дека го покажува обидот за убиство на Зијадин Села во Собранието.
Велат дека реакцијата на партијата ДУИ по повод маската која предизвика внимание на Вевчанскиот карневал е погрешно насочена и политички мотивирана.
„Маската која предизвика контроверзија не беше политичка, туку избрана како дел од културната креативност на учесниците, кои се инспирирале од популарните зомби по филмовите и немаат никаква поврзаност со Зијадин Села. Точно е дека на карневалот има маски кои директно се однесуваат на политички лидери и случувања, но оваа зомби маска не беше една од нив“, велат вевчанци.
Додаваат дека она што треба да се напомене е дека имаше и други маски кои имале очигледна политичка алузија.
„На пример, беше претставена сцена во која се прикажуваа функционери од ДУИ, вклучително и бегалецот од ДУИ – Артан Груби, како играат фудбал по канцеларии, што е еден вид сатира која алудира на нивниот начин на политичко однесување и функционирање. Во исто време, иако маската беше забавна и хумористична, таа немаше за цел да ги изолира поединечните личности, туку да критикува одредени аспекти на политичката практика. Ниту за оваа маска, која јасно се однесува на политичките лидери на ДУИ, не се појави реакција од истата партија. Но, некако, само една зомби маска – која воопшто нема политичка конотација – стана причина за контроверза. Во оваа ситуација, многу е јасно дека партијата ДУИ, си ја има „мувата на капата“. Кога веќе се толкуваат и најневините карневалски маски преку политички призма, тоа зборува за нервозата и несигурноста во нивната политичка положба“, реагираат од Вевчани.
Потсетуваат дека Вевчанскиот карневал има долгогодишна традиција во која учесниците носат различни маски, од митолошки суштества до популарни фигури од светската култура и нивната цел е да го забавуваат народот, а не да влегуваат во политички игри. Велат дека кога една група учесници ќе избере зомби маска, тоа е само по себе рефлексија на светските културни трендови, а не политички став или напад на партија.
„Иако на карневалот постојат и маски кои директно се поврзани со политички алузии, како што беше онаа со сцената на фудбалот по канцеларии, ова не значи дека сите маски треба да се гледаат со исти очи. Зомби маската, која предизвика толку многу реакции, не е политички напад врз никого, туку е само креативен избор на учесниците кои се одлучиле за популарна културна тема. Ова што се случува сега е класичен пример за тоа како политичките партии се обидуваат да ги искористат културните настани и традиции како политички алатки. Реакцијата на ДУИ ја нагласува оваа тенденција, бидејќи не се појавува ниту еден протест против маската што ги исмева нивните функционери во „фудбалскиот тим“, а веднаш реагираат кога е во прашање маската која, воопшто, НЕМА политичка конотација. Вевчанскиот Карневал нема да биде предмет на политички манипулации. Нема да дозволиме. Затоа, реакцијата на ДУИ е неоснована“, велат вевчанци.
Со палењето на маските заврши карневалот во Вевчани кој има долга традиција.