05 Декември, 2025
0.3172

АГРОБИЗНИС: Како да го вратиме памукот на македонските ниви?

Објавено во: Агробизнис 26 Септември, 2014 09:30

Добивај вести на Viber

Цената на памукот на светските берзи благо но континуирано расте. Оваа индустриска култура е се побарана на глобалниот пазар. Производството на памук е важно за развојот на текстилната и маслодајната индустрија. Од неговото семе се прави квалитетно масло за човечка исхрана, а коспето се користи за сточна исхрана. Може ли оваа индустриска култура повторно да заживее на макдонските ниви? Во Македонија интензивно почнува да се одгледува во периодот по Втората светска војна. Така во 1948 година во земјава имало 16.000 хектари со памук. Во доцните 60-ти и почетокот на 70-тите години на 20-от век, површините се намалиле на околу 10.000 хектари на кои се произведуваше 7.700 тони суров памук. Според агрономите Македонија има услови за повторно да го врати производството на памук.
- Реони каде во минатото се одгледуваше и се уште може да се одгледува памукот во Македонија се по долината на реката Вардар, Црна Река (реоните на Велес, Неготино, Кавадарци, Струмица, Богданци и Валандово) и Брегалница (реоните на Штип и Кочани). Во овие делови на Македонија има почвени а особено климатски услови за негово успешно одгледување, како и системи за наводнување. Факт е дека некогашните површини на кои се одгледуваше памук сега се преорентирани кон други доходовни и пазарно јасно ориентирани култури (праски и градинарство во Росоманско, градинарство на отворено и пластеници во Струмичко), затоа производството на памук би требало да се одвива на површини кои се плодни, но немаат доволно системи за наводнување и каде доминира пченицата. Треба да се напомене дека и во времето кога годишното производство беше максимално (околу 15000 тони суров памук односно 4-5000 тони влакно), добиеното производство во тогашниот период не беше доволно за да се задоволат потребите за памук на домашните (македонските) предилници за памук, вели професорот Златко Арсов од Факултетот за земјоделски науки и храна.
Во своето истражување посветено на можностите за враќање на оваа култура на нивите, професорот посочува дека тоа претставува алтернативен и одржлив сектор за македонските производители, во контекст на поволните климатски услови, но и во период кога Светската здравствена организација бара намалување на површините со тутун, земјоделците да се преоринтираат кон ова производство.
- Памукот отвора можност за плодоред и овозможува подобро искористување на капацитетите на постојната базична текстилна индустрија и особено за индустријата за масло, а куспето би се користело за сточна исхрана. Исто така во блиска перспектива се очекува и намалување или укинување на субвенционирањето на производството на тутун, како резултат од активностите на Светската здравствена организација. Ќе биде потребно да се извршува преорентација од производство на тутун кон други земјоделски култури, а памукот би бил една од тие култури. Во Грција производителите на крупнолисни тутуни веќе се преорентираа кон производство на памук, како резултат од претходно наведените ограничувачки фактори, објаснува професорот Арсов.
Зошто исчезна памукот од македонските ниви? По 70-тите години површините со памукот почнуваат да се намалуваат. Така во 1997 година, беа засадени само 6 хектари. Сега по пауза од 15 години, културата повторно беше  засадена во 2012 година на површина од 15 хектари во регионот на Штип кај само еден производител.
- Во периодот непосредно по втората светска војна, со производство на памук се занимавале индувидуални производители, задруги и земјоделски комбинати. По 1980 година се до неговото исчезнување од редовното производство со производството на памук исклучиво се занимаваат големите земјоделски комбинати, се до нивното одење во стечај и ликвидација (главно тоа се  поранешните АК Лозар Велес, ЗИК Црвена Цвезда Штип и ЗИК Овче Поле од Свети Николе). По одењето во стечај и ликвидација на наведените комбинати, комбајните се продадени како старо железо.Големите текстилни комбинати кои имаа и предилници и ткајачници за памучни платна (Македонка од Штип, Ветекс од Велес, Преспатекс од Ресен, Биљана од Прилеп и други) не беа заинтересирани за македонскиот памук. Во тој период  цената на памукот на светскиот пазар беше ниска, а можеше да се набави и памук со висок квалитет. Тоа беше и периодот на експанзија на синтетичките влакна (полиестер, малон, полиакрил и сл.) кои ги потиснуваа сите природни влакна. Во тој период Југославија политички и стопански активно соработуваше со земјите од групата на неврзани земји (Индија, Египет и други кои и тогаш и сега се големи производители на памук), на највисоко ниво било одлучено дека производстово на памук кој исклучиво се произведуваше во Македонија, веќе не е од интерес за СФРЈ, вели професрот Арсов.
Домашното производство добредојдено за текстилната индустрија Домашното производство на памук ќе ја направи текстилната индустрија поконкурентна. Од оваа индустрија коментираат дека за почеток на ова производство потребно е да се рестартираат некогашните фабрики за памук.
- Секако дека е важно за текстилната индустрија да има домашна суровина, тоа автоматски ќе не направи поконкурентни на пазарот, а исто така може да остварувме и дополнителн профит од нус производите, како целулозата, вискозата и друго. Македонија има услови за производство на оваа култура, но веќе ги немаме фабрките, предилниците, сите оние капацитети кои на времето го произведуваа памукот. Тоа е еден долг процес, треба барем дел од фабриките да се рестартираат. Но прво треба да се направи анализа, на колкави површини ќе се засади, колкави приноси ни се потребни а колку ќе има, колку предилници ни се потребни, вели Мирјана Перковска, претседател на Кластерот за текстил.
Експертите сметаат дека иднината на производството на памук е поврзана и со текстилната индустрија и индустријата за масло.
- Големите трансформации коишто настанаа во текстилната индустрија на Република Македонија во транзициониот период со пропаѓањето на неколкуте крупни текстилни комплекси, доведоа до големи структурни промени во поглед на асортиманот и обемот на понудата на текстилни производи. Некогашната релативно доста диверзифицирана производствена програма (почнувајќи од основните суровини-синтетски влакна, преку предива од памучен, волнен, синтетски и мешовит тип, преку богата палета на ткаенини, до готови текстилни  производи  за  најразлични  намени),  се  сведе  на  минимално  производство  на предива и ткаенини и на производство за облека, чиј обем и асортиман скоро исклучиво е димензиониран од странските нарачатели преку лон-аранжмани, наведува професорот Арсов.
Според проценките на агрономите, доза на оптимизам влева интересот од дел од текстилните компании за домашно производство на памук. Но некои од комапниите сметаат дека домшаното производство треба да се искористи за извоз.
- Памукот има перспектива за враќање во производството, но секако тоа нема да биде брзо и лесно. Ќе треба време да се разработи пазарот на суров тутун. Охрабруваат изјавите на некои помали текстилни претпријатија кои се подготвени да откупуваат и преработуваат домашен памук. Од друга страна цените на памукот на светскиот пазар се во благ, но континуиран пораст, што е резултат на се поголемата побарувачка на текстилни влакна од природно потекло, како и континуираната политичка и економска нестабилност во некои земји кои се традиционални производители и извознички на памук. Треба да се има во предвид фактот што голем број од некогашните преработувачки капацитети за памук се ликвидирани, малку се активни и се снабдуваат од увоз. Исто така и според наведеното во Стратегијата за развој на текстилната индустрија каде е јасно кажано дека домашната текстилна индустрија воопшто не е заинтересирана за домашен памук, иднината на производството на памук треба да се гледа во негово производство кое би било насочено кон извоз. Односно извоз на суров памук во земјите од ЕУ, а конкретно најблизок пазар би бил Грција. Во Солун постои и ф-ка за екстракција на масло од памук со современа Холандска опрема. Исто така и ф-ката за масло во Велес со одредени прилагодувања на опремата само во делот за рафинација, може да преработува и памуково масло, вели професорот Арсов.
Клучно за враќање на памукот на македонските ниви се субвенциите, кои сега за оваа култура ги нема. Според пресметките на проф. д-р Златко Арсов, субвенциите за минимум површина од 0,5 ха, да бидат  21.000 ден/ха, за површини од 1 ха до 10 ха 100%, а да се намалува со зголемување на пријавените површини.  Истовремено потребни се и субвенции за воведување нови производствени технолгии, механизација, производство на сертифицирано семе, инвестиции во капацитети. Инаку во Европската унија, памукот се произведува само во три земји на површина од околу 300 000 ха. Грција е главен производител на памук, со 80 % од површините во Европа под памук. Во ЕУ, памукот учествува со 9,1 % од финалниот земјоделски аутпут. Ј.С.

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

ИМА ДОБРИ ПРИНОСИ, А БАРА МАЛКУ ЃУБРИВО: Оваа култура станува популарна во Војводина

ИМА ДОБРИ ПРИНОСИ, А БАРА МАЛКУ ЃУБРИВО: Оваа култура станува популарна во Војводина

Koj е најголемиот европски центар за производство на зеленчук?

Koj е најголемиот европски центар за производство на зеленчук?