05 Декември, 2025
0.0273

Ако сакаш да не најдеш решение формирај комисија – Што ќе донесе анкетната расправа за Кочани?

Објавено во: Анализа 25 Ноември, 2025 09:55

Добивај вести на Viber

Од ниту една парламентарна или анкетна расправа во Собранието по најголемата трагедија предизвикана од пожарот во дискотеката во Кочани во поновата македонска историја, до најава за формирање на две анкетни комисии по предлог и на власта и на опозицијата.

Додека пратениците со месеци молчеа за причините кои доведоа до смрт на 63 луѓе и над 200 повредени, и откако започна судењето за пожарот, сега се тркаат кој попрв да формира анкетна комисија чиј мандат ќе биде специфично наменет за утврдување одговорност на институциите и сите вклучени во несреќата во Кочани.

Во политичката теорија има една стара максима „ако не сакаш да најдеш решение формирај комисија“.

Тоа е не само македонска особеност, туку класична карактеристика на парламентарните системи кои предвидуваат формирање на ад-хок комисии чија задача е да утврдат зошто се случиле одредени несреќи или скандали и да ја лоцираат политичката одговорност, но и потоа нивните материјали да послужат како нови докази за покренување на кривична одговорност од правосудните органи.

Но, претходните искуства покажуваат дека токму партиските разлики воделе кон тоа наодите на комисиите да не бидат усвоени или блокирани во зависност од политичките интереси.

Најпопуларна е Вореновата комисија која го истражувала атентатот на американскиот претседател Џон Кенеди чии недоследности и брзање во носење на заклучоците беа извор на бројни теории на заговор и трајно нарушување на довербата во државните институции.

Истото во поново време важи и за Комисијата 9/11 која ги истражуваше околностите за терористичкиот напад на 11 септември 2001 година врз Кулите близначки во САД изведен од Ал Каеда во кој загинаа над 3.000 луѓе што се смета за најкрвавиот напад врз американско тло по Перл Харбор во Втората светска војна.

Сепак, заклучоците одговараа само на потребите на тогашниот претседател Џорџ Буш и неговиот воен кабинет решен да изврши инвазија врз Авганистан и Ирак. Токму „дупките“ во извештајот на комисијата сега ги разоткрива новинарот Такер Карлсон.

Дали судскиот процес и анкетната комисија се паралелизам за „Кочани“?

Најавите за формирање анкетна комисија се засилија откако Димитар Апасиев, лидерот на опозициската Левица, најави дека ќе закаже седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите права и слободи бидејќи до него била доставена претставка од страна на родителите на загинатите во Кочани.

Левица исто така го поддржа предлогот на СДСМ за формирање ад-хок комисија за чие поднесување се потребни најмалку 20 пратенички потписи, но истата е одбиена од собранискиот спикер Африм Гаши затоа што како што тврди тој не може мнозинството во составот на комисијата и претседателот на истата да бидат од редовите на опозицијата.

Власта веднаш најави свој предлог за ад-хок комисија во која мнозинството членови ќе бидат од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, а претседател ќе биде предложен од редовите на комисијата.

Работата на комисијата не значи нужно и паралелизам со тековната судска постапка во која се обвинити 35 физички и 3 правни лица, бидејќи пратениците пред се треба да утврдат политичка одговорност кај носителите на државни функции, а потоа доколку дојде до нови сознанија или докази истите да ги достави до јавното обвинителство.

Без оглед на форматот и мандатот на предложените комисии најголем предизвик ќе биде да се отстрани партискиот интерес и обидот за лов на евтини политички поени на грбот на големата трагедија, но мора да се дојде до „правдата и вистината за Кочани“ за да се врати довербата во системот и институциите и дека не може никој да биде заштитен или амнестиран повикувајќи се на неговата партиска припадност или економски статус. 

Х.С.

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот

КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот

СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени

СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени