Активисти побараа да не се злоупотребува власта за прикривање на Диме Спасов
Објавено во: Македонија 30 Октомври, 2016
Група на граѓански активисти инволвирани и во Шарената револуција и други движења за промени побараа одговорност од дополнителниот министер Диме Спасов за неодговорното однесување. Тие од улица „Алжирска“ испратија пораки дека ваквото однесување на владин функционер е недозволиво и покажува злоупотреба на власта и моќта.
- И да се разбереме ние не сме денес тука затоа што Диме Спасов се забавувал. Ние сме денес тука, бидејќи тој постапил на начин кој не му доликува на кое било пристојно човечко суштество, а уште помалку на висок државен функционер, рече Павле Богоевски граѓански активист, кому му се суди за учество во протестите на Шарената револуција.
- Во текот на вчерашниот ден, повторно ја видовме пропагандата и криминалот на ДПМНЕ на дело. Повторно видовме изигрување на правдата. Прво, влегол во возило кога не смеел да влезе и искршил се што му се нашло на патот. Второ, избегал од полицијата и од местото на настанот. Оставајќи ги зад себе другите учесници во несреќата. Потоа, друго лице дојде да ја лаже полицијата и да се жртвува за да го спаси угледот на младиот заменик министер, кажувајќи дека тој управувал со возилото.
Влатко Васиљ истакна дека немало да бидат денес тука, доколку Диме Спасов веднаш преземеше одговорност за своите постапки.
- Неговата неодговорност и прикривање повлече сплет на настани што резултираа со уште поголеми лаги, манипулации и презентирање на лажни факти пред јавноста.
Затоа бараме од Министерството и од министерот за внатрешни работи да ги преземе сите потребни дејствија за расветлување на случајот и санкционирање на сторителите. Истовремено, потсетуваме дека и давањето лажен исказ и лажното пријавување кривично дело се посебни кривични дела за кои мора да постои одговорност, посочи Васиљ.
Извор: novatv.mk