20 Август, 2018
0.2480
    FERS 58000    -2.52%     OKTA 4211    -0.1%     SBT 2000    0%     STB 1035    0.34%     STIL 135    2.88%     TEL 277    -0.14%     TNB 14100    -0.21%     TPLF 1216    -0.33%     UNI 2360    -1.67%

АЛАРМОТ Е ВКЛУЧЕН: Кои се опасностите од ниските капитални инвестиции

Објавено во: Анализа 26 Јули, 2018

Станува збор за алармантно ниско ниво на реализирани капитални инвестиции кои водат до други опасности за економијата, велат за Фактор домашни економски аналитичари. Податоците за извршување на буџетот годинава до јуни, кои вчера ги објави Министерството за финансии покажаа дека за половина година се потрошени само 16 отсто од сите пари предвидени за важните капитални инвестиции годинава. Економистите тврдат дека и покрај тоа што во последните десетина години, некако без исклучок капиталните расходи се остваруваат под планираниот износ, сепак ова ниво е најниско досега. Бараат Владата за која имаат чувство дека се фокусира доста на политичките прашања, да обрне внимане и на економските приоритети.

ЌЕ ТРЕБА ДА РЕАГИРА И НБМ

Професорот на Никола Поповски вели дека првата половина од годината е секогаш со помала реализација на капиталните расходи, но дека оваа година податоците укажуваат на алармантно ниско ниво кое не се должи на немање пари во буџетот бидејќи приходите се задоволителни.

„Тоа се должи буквално на слабата реализација на инвестициите или пак можеби на релативно добра реализација, но на неплатени обврски од државата што е помалку веројатно. Со ваква динамика постојат две опасности: прво вкупните инвестиции да се остварат на многу ниско ниво до крајот на годината и второ, исплатите да се концентрираат во ноември и декември, дури и во последните недели од годината што може да предизвика инјектирање на непланирана ликвидност во економијата со опасност за намалување на нивото на девизните резерви за што НБРМ ќе мора да интервенира со свои мерки, вели професорот Попоски.

Категоричен е дека, како што вели, во целата гужва со посветеноста на власта кон преговорите со Грција и подготовката на референдумот мора да се најдат сили и вниманието особено на Владата да се насочи и кон економските проблеми.

„Нереализацијата на инвестициите нема многу директно и премногу да се одрази на вкупната економија, но во услови на отсуство на економски раст овие активности стануваат многу битни. Дополнително, некои сектори од економијата што со години се научени да функционираат врз основа на реализација на јавни програми можат да имаат и директна штета од ваквите состојби, одговара Поповски за Фактор.

ПОЛИТИКАТА ЈА ЗАНЕМАРИ ЕКОНОМИЈАТА

 Со него се согласува и професорот од Универзитетот на Југоисточна Европа, Насир Селими. Тој вели дека не е новина капиталните инвестиции да бидат први закратење во буџетот, но алармира дека мора да се смени актуелната статистика.

„ Обично, секоја Влада па и претходната најлесно крати на капиталните проекти. Сепак јавноста очекува многу повеќе токму во овој дел затоа што капиталните расходи се предуслов за развој на економијата. За жал и годинава има потфрлување и оваа Влада не е ангажирана многу за капиталните инвестиции. Треба многу посериозно да се зборува и да се делува. Во ред е да има фокус на политичките проблеми, тие до некаде имаат предност, особено ЕУ и НАТО интеграцијата но мора институциите да се фокусираат и на инфраструктурата и на другите капитални проекти. Тоа што не е изграден патот Кичево –Охрид веќе станува голем проблем на пример. До Драч еве на пример се патува по осум часа што не било случај, вели Селими за Фактор.

Како што објавивме, за половина година не се потрошени ниту една петина од предвидените пари за патишта, училишта градинки, железница. Од месец во месец реализацијата на капиталните расходи беше лоша, па на полугодишно ниво кога практично треба да се реализирани барем 40 до 50 отсто од овие расходи, не се потрошени ниту 20 отсто. Според податоците од Министерството за финансии за капитални расходи, државата годинава во шестте месеци потрошила само 65,3 милиони евра, што е точно 16,65 отсто од предвидените пари за годинава. Имено за оваа намена во годинешниот буџет се предвидени 392 милиони евра.

Инаку вкупните приходи се реализаирани во процент од безмалку 47 проценти од вкупно предвидените, а расходите се реализаирани во процент од речиси 45 отсто.

Од Министерството за финансии  велат дека во моментов не се работи на ребаланс на буџетот, оти и прибирањето на приходите е на задоволително ниво.


Александра Томиќ

Можеби ќе ве интересира

КАКО ЛИХТЕНШТАЈН СТАНА ЕДНА ОД НАЈБОГАТИТЕ ЗЕМЈИ: Даночна оаза со само 40 000 жители

КАКО ЛИХТЕНШТАЈН СТАНА ЕДНА ОД НАЈБОГАТИТЕ ЗЕМЈИ: Даночна оаза со само 40 000 жители

Фирмите си ги плаќаат долговите за три месеци: А колку им должи државата?

Фирмите си ги плаќаат долговите за три месеци: А колку им должи државата?

ТУРСКА КРИЗА: Oна што се увезува ќе биде поевтино за македонските компании

ТУРСКА КРИЗА: Oна што се увезува ќе биде поевтино за македонските компании

Македонските фирми во банкрот: Што ја зголемува стапката на згаснати компании

Македонските фирми во банкрот: Што ја зголемува стапката на згаснати компании