03 Мај, 2024
0.0247

Анакиев: Никој не ги ферма експертите, партиски функционери одлучуваат за земјоделството

Објавено во: Агробизнис 18 Август, 2013

Добивај вести на Viber

На чело на Министерството стојат некомпетентни луѓе кои не се разбираат во земјоделството, највисоко поставените советници не се агрономи и има сериозни грешки кои мора да се исправат, вели Борис Анакиев, професор во пензија на Земјоделскиот факултет, во неделното интервју на Радио Слободна Европа. „Пред се не знам зошто ја прогласија за земјоделска земја. Земјоделска земја не може да биде со учество во Бруто домашниот производ со 8 до 10 отсто или со земјоделско население според пописите 11,9 отсто. Тоа не е земјоделска земја, ние сме нормална земја во развој. Беше Македонија земјоделска земја во шеесетите години на минатиот век, кога БДП се формираше од 60 отсто земјоделски приход, вели Анакиев. Професорот во интервјуто исто така вели дека институциите не ги фермаат вистинските стручњаци од оваа област и не ги слушаат нивните препораки. „Нашиве научни институти имаат директори кои не можат да се побунат, кои се, како што знаете, партиски функционери и тоа така си тече, но тие не се виновни. Не се виновни што генерално нема идеи, ни Министерството за земјоделство нема идеи зошто ни се случуваат вакви работи, зошто ние не можеме да го покренеме приносот на пченица од 3 тона по хектар, три тона по хектар не е исплатливо. До кога мислиме дека на овој начин ќе го штитиме домашното производство? До кога? Тоа не можеме постојано да го правиме, еве сега Србија најавува дека ќе не блокира итн., ние лошо име стекнуваме на светскиот пазар со тоа што реметиме или со административни мерки спречуваме увозот“, вели Анакиев за Радио Слободна Европа. Во делот на субвенциите Анакиев посочува дека иако се знаат планираните средства по години, никаде не може да се сретне колку навистина е исплатено. „Ако вие сте планирале со пченица да учествуваат 50 илјади земјоделци, но не се јавиле 50 илјади, туку 30 илјади, а вие сте планирале средства за 50 илјади, дефинитивната исплата не е позната. Малку ми е тука незгодно да тврдам дека тоа не се поклопува. Има оправдани причини да не се поклопува. Зошто нема соодветни резултати на планираната финансиска подршка, на висината на планираните средства не е јасно затоа што и нема опстојни анализи, нема анализи на база на кои се планираат средствата. Јас имав некои податоци за неколку години, имате многу голема разлика во проценти на учество во растително производство и сточарско производство. Оди од 35 до 55 проценти, а нема причина зошто се тоа менува. Во последните години нешто се менува кај сточарството, меѓутоа сточарството стагнира, ние имаме намалување на условниот број грла“, забележува професорот.

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?