АНАЛИЗА: 15 држави сакаат да ја видат Грција надвор од Еврозоната
Објавено во: Балкан 07 Јули, 2015 21:29
Атина без нов предлог на средбата во Брисел, ги повторува старите барања.
Четири земји од еврозоната само го поддржуваат останувањето на Атина во вкупната монетарна унија, а 15 се против. Во кампот на Грција се уште Франција, Италија и Кипар, напиша весникот „Дејли телеграф“ пред клучниот состанок на министрите за финансии од еврозоната денеска.
Министрите се собраа да ги слушнат новите предлози на Атина за спасувачкиот финансиски пакет по референдумот во неделата, на кој Грците гласаа масовно со „не“ на претходниот предлог на кредиторите.
Новиот министер за финансии Евклид Цакалотос пристигнал на состанокот во Брисел, и прво разговарал со шефот на Еврогрупата Јерун Деиселблум. Во Брисел пристигна и грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој пак ќе ја претстави позицијата на средбата на лидерите од Еврогрупата подоцна. Почетокот на средбата на лидерите беше закажана за 19,30 часот по македонско време.
На влегување финансиските министри најавија дека целта им е да се запознаат со новите грчки предлози и не очекуваат пробив веднаш. За реструктуирањето на долгот би се разговарало во подоцнежна фаза.
Средбата на министрите заврши после 2 часа, откако било јасно дека грчката делегација не донела никакви нови предлози. Новиот министер за финансии Цакалотос не поднел ништо напишано, а направил „презентација“ на грчката позиција, објави весникот „Дејли телеграф“. Во неа ги повторил барањата кои Атина веќе ги постави - барање за трет спасувачки план од Европскиот механизам за стабилност за 30 милијарди евра за период од 2 години.
Јерун Деиселблум објаснил по средбата дека за среда (уте) е закажана нова телеконференција на министрите за Грција. Се очекуваше Атина да достави официјално барање за помош од Европскиот механизам за стабилност.
Министрите за финансии ќе разговараат за среднорочна програма на механизмот за Грција, објасни шефот на Еврогрупата.
Не беше јасно што точно ќе разговараат евролидерите на средбата во Брисел вечерта.
Форумот во Брисел беше проследен од средба на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд во Елисејската палата во понеделникот. Двајцата излегоа со изјава дека очекуваат сериозни предлози од Грција.
„Вратата за преговори е отворена“, изјавил претседателот Оланд. Во исто време, сепак, Меркел изјави дека „во моментов не постојат условите за започнување на преговори за конкретна програма на Европскиот стабилизационен механизам“.
Германија се залага доста за цврста линија од Франција и предупредува дека нема да дозволи безусловно отпишување на дел од долгот на Атина.
Разликите меѓу Берлин и Париз беа уште појасни пред средбите во Брисел
Париз настапи како лидер на земјите кои го поддржуваат останувањето на Атина во Еврозоната. „Франција ќе направи сè што може за да се задржи Грција во еврозоната“, изјавил францускиот премиер Мануел Валцер. Запрашан за отпишувањето на долгот, министерот за финансии на Германија, Волфганг Шојбле, пак, рече дека „кој ги познава договорите на ЕУ, знае дека тоа е забрането“.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас зборувал во понеделникот по телефон со гувернерот на Европската централна банка Марио Драги и го повикал да ја поништи контролата над капиталот, наметната од владата и централната банка во Атина.
Реакцијата на „ЕЦБ“ од Франкфурт сепак беше токму во спротивна насока. Управниот одбор на банката одлучи засега да задржи дејството на грчкиот фонд за итна поддршка на банкарскиот систем, но да ги зголеми барањата за помош што банките ги обезбедуваат во замена за помош.
За пристап до истиот обем на помошни средства банките ќе треба да понудат повеќе од досегашните средства.
„ЕЦБ“ уште еднаш одби да ги финансира дополнително четирите структурни банки на Грција. Според „Фајненшл тајмс“ без надворешна ликвидност тие ќе се срушат за неколку дена.
Барем една од четирите главни банки била особено загрозена. Во исто време, извршниот директор на „ММФ“ Кристин Лагард исто разговарала со Алексис Ципрас и изјавила дека Фондот нема да обезбеди нов кредит на Атина поради задоцнетите плаќања на долгот. Банките во Грција ќе останат затворени до четврток.
Јункер си пишува СМС пораки со Ципрас на дебата во Стразбур, пратениците му се карале
Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер се скарал со европратениците, кои му направија забелешка за тоа дека го гледал телефонот за време на парламентарната дебата за Грција во Стразбур. Тој изјавил дека во моментов си пишувал СМС пораки со грчкиот премиер Алексис Ципрас.
„Стоп за брборењата дека постојано си гледам во телефонот. Во моментов си пишувам ... со грчкиот премиер“, беше изјавата на Јункер пред Европскиот парламент. „Не знам дали ќе имате шанса да го правите тоа, но морам да го завршам денес. Работам, па престанете со оние глупави шеги, за кои едноставно нема причина“, додал тој.
На референдумот на Грците беше претставено прашање кое не може да биде поставено, изјавил Јункер. Затоа, за да можеме да разбереме на што Грците рекле „не“ и да го почитуваме, прашањето кое е важно, изјавил тој во изјавата денеска наутро пред Европарламентот.
Во својот говор Јункер ја отфрлил можноста да го поддржи излезот на Грција од еврозоната. Во исто време, тој изјавил дека нема да прифати од претставниците на европските институции да бидат нарекувани терористи од страна на грчката влада. „Не можеш да се држиш на овој начин во Европа“, повторил Јункер, алудирајќи на поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис.
Претседателот на Европарламентот Мартин Шулц, исто така се огласи за останување на Грција во еврозоната, откако во неделата изјавил за германско радио дека може Атина да воведе друга валута, пренесоа агенциите. Шулц истакнал пред новинарите во Стразбур дека според него оние кои сакаат да ја поделат еврозоната, грешат. „Моето лично мислење е дека нашата цел не може да биде „Грекзит“, додал тој.
Сценарио
Брисел разгледува три можни сценарија за Грција по резултатите од референдумот, пишува весникот „Катимерини“.
Првото сценарио е поврзано со усвојувањето на нова програма за реформи во Грција, кое ќе бара и ново дотур на средства во економијата на земјата. Тоа несомнено е најскапата од трите опции, бидејќи бара покривање на некои дефицити во платниот биланс, враќање на домашното кредитирање и рекапитализација на грчките банки. За да се случи тоа, се очекува Атина да понуди структурни промени не само во финанскиот систем, туку и во економијата и социјалните плаќања.
Второто сценарио вклучува воведување на паралелна валута во земјата. Предлогот е на германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле. Тоа значи дека во Грција ќе се појави нешто како хибрид во рамките на Еврогрупата. Воведувањето на драхмата паралелно со еврото сепак бара добро подмачкана државна машина и прекрасна техничка подготовка, што едвај постои сега во земјата.
Третото сценарио е контролиран банкрот и излез на Атина од еврозоната. Според извори кои сакаат да останат анонимни, мнозинството од највлијателните членови на еврогрупата тежнеат кон оваа опција, единствено Франција и Кипар засега се против. Тоа е и најевтиното сценарио за земјите од еврозоната и за Европската централна банка.
Премиерот Алексис Ципрас крева крвен притисок, Варуфакис пие пиво
Грчкиот премиер Алексис Ципрас страда од висок крвен притисок, а напрегањето од последните недели разбуди гласини дека тој има проблеми со здравјето, пишува весникот „Њујорк тајмс“. Неодамна еднаш или двапати морало да бидат повикани лекари, за да му го мерат крвниот притисок. „Тој се чувствуваше многу уморен и збунето“, вели извор од Атина. Премиерот сепак бил поставен на здрава исхрана и сега бил подобар, додава тој.
Во исто време, поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис, кој ја напушти функцијата по референдумот во неделата, беше снимен како пие пиво заедно со неговата сопруга Дана Страту во паб во центарот на Атина, објави весникот „Дејли мејл“. Двајцата биле во друштво на пријатели. Тоа се случило само неколку часа по објавувањето на неговата оставка и додека министрите од еврозоната се подготвуваа за средба за да разговараат за евентуално доделување на хуманитарен заем на Атина.
Цело време Варуфакис бил во прекрасно расположение, се шегувал, а насмевката не паѓала од неговото лице. Во еден момент поранешниот финансиер №1 почнал да разгледува низ интернет во својот смартфон. Конечно се качиле на моторот со кој редовно се движат, и двајцата со Дана и се вратиле дома.
Москва: Атина не побарала наша помош
Грција досега не се свртие кон Русија со барање за финансиска помош, Ова го изјавил во понеделникот вечерта прес секретарот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
Малку порано било јасно дека Ципрас ги прекинал политичките консултации со грчките партии, за да зборува по телефон со Путин. Иницијативата била од страна на Атина. Руските експерти коментираат дека најверојатно Ципрас сакал да и објави на еврозоната дека „Путин е подготвен да инвестира во земјата и да пушти пари колку да има до крајот на годината“.
Веројатно токму тоа го предизвикало објаснувањето на Песков. Портпаролот на Кремљ најавил дека Русија се однесува со почит кон резултатите од референдумот и многу внимателно го следи развојот на ситуацијата. „Им посакуваме на грчките партнери што е можно побрзо да го достигнат потребниот компромис со кредиторите“, изјавил Песков.
В.С.
Можеби ќе ве интересира
Што вели Рама за идејата на новите членки на ЕУ да им се ограничи правото на вето?
(ВИДЕО) Пратениците во албанското Собрание се тепаа и фрлаа чадни бомби
„МИНИСТЕРОТ НЕ ЗЕМА НИТУ ДИНАР“ Вучиќ: Обвинението против Селаковиќ е срамно и безобразно
„Њујорк тајмс“: Фирмата на зетот на Трамп - Кушнер се повлекува од договорот за изградба на хотел во Србија
Граничниот премин Богородица затворен за сообраќај
Потврден случај на лепра во Хрватска: Почната е задолжителна постапка за вакцинација




