25 Ноември, 2024
0.0242

Анализа: Дали „идилата“ на Заев и Мицкоски ќе ја торпедираат албанските партии?

Објавено во: Анализа 01 Април, 2021

Добивај вести на Viber

Заев како премиер и Мицкоски како лидер на опозицијата за првпат по подолго време ги тргнат настрана суетите и излегоа од вкопаните партиски ровови. Но, во Македонија ништо не може да биде идилично и кога сите помислија дека лесно може да се спроведе договореното од Клубот на пратеници, сега торпедирањето пристигнува од албанските партии, особено тие од опозицијата. Алијансата за Албанците и Алтернатива увидоа одлична можност и да го нападнат Ахмети особено по поените кои ги донесоа Груби и Османи со агитирањето низ дијаспората. Новото оружје на опозицијата е ако стотици илјади Албанци се регистрирани во странство тоа значи дека баш и не биле среќни со 20 годишното владеење на ДУИ. За проблемите за постигнување целосен консензус, одблокирање на Собранието, носење на итните реформи како и посветеност на справување со кризата, разговараме со аналитичарот Исен Салиу.

Заев и Мицкоски успеаја да постигнат политички консензус за одблокирање на работата на Собранието и институциите и притоа е договорено пописот да се одложи за септември, додека пак електронскиот попис на дијаспората ќе продолжи и понатаму. Дали албанските партии, особено тие од опозицијата ќе го почитуваат овој договор и ќе бидат конструктивни во процесите?

"Албанските партии во опозиција веќе најавија дека нема да го почитуваат договорот Заев-Мицкоски, поддржан и од ДУИ, за одложување на пописот. Поради неприфаќање на нивниот предлог за промена на Законот за државјанство, Алијанса и Алтернатива имат ставено до знаење дека ќе направат максимум да блокират се друго, бидејќи за нив е приоритетно ниту еден граѓанин во Македонија да не остане без дежавјанство" вели Салиу.

Можеби изненадувачки, но најголем отпор покажа собранискиот спикер Талат Џафери кој доаѓа од ДУИ, клучниот партнер на Заев во Владата. Исто така и коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива истакна дека ќе стори се за да не биде одложен пописот, обинувајќи го Ахмети дека прави договори за сметка на интересите на Албанците. Ако веќе стигнавме до договор меѓу власта и опозицијата, можно ли е по прашањето на пописот нови „кочничари“ да бидат албанските партии?

"Очигледно е дека албанската опозиција не е спремна да го прифати стилот на политичко одлучување само меѓу двете најголеми македонски партии, туку сакат да се задржи стилот на одлучување во “четворка”. За ставот на Талат Џафери, се создава впечаток дека е резултат на внатрепартиските превирања во ДУИ, па некогаш не се доволно искоординирани меѓу себе и за битни прашања.

Сето ова може да не доведе во ситуација пописот законски да не може да се одложи, и тој да се спроведе формално, меѓутоа со опфаќање на мал број граѓани, а тоа пак ќе наметне потреба за скоро одржување на нов попис. Се надевам дека ќе се најде решение, бидејќи знаеме дека ако се случи тоа, ќе дојде до двојни непотребни трошоци на буџетски пари, имајќи предвид дека пописот не е евтина статистичка операција" истакнува Салиу.

Исто така едно од важните прашања кои ги наметна албанската опозиција е Законот за државјанство за кој веќе начелно има постигнат договор по средбата со Заев. Дали со затворање на ова прашање ќе има конечна согласност за прифаќање на пописот како статистичка операција која потоа нема да биде оспорувана од партиите?

"Мислам дека со евентуално пронаоѓање на решение за Законот за државјанство, ќе се отвори пат за компромис не само за пописот, туку и за други прашања кои моментално се блокирани во собранието. Може тоа на пример да резултира со договор за одржување на пописот во месец јуни, какоо што и порано бараше албанската опозиција" вели Салиу.

Дали Алијанса се обидува да добие политички поени напаѓајќи го Ахмети и ДУИ за сметка на воспоставувањето на консензус по една долга депресивна фаза на македонската политичка сцена, кога имаме тешка здравствена и економска криза, недостиг на вакцини и закочени опшстествени реформи?

"Искрено јас немам таков впечаток. Мислам дека албанската опозиција повеќе работи во правец да стави до знаење на СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ дека проблемите не можат да се надминат со консензус само меѓу Заев, Мицкоски и Ахмети, туку дека мора и ставовите на албанската опозиција да се земат во предвид. Не знам кој сакаше да наметне систем на функционирање на државата преку триото СДСМ-ДУИ-ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа брзо се покажа дека таа е погрешна логика. Мислам дека е добро што премиерот Заев ја увиде таа грешка, веројатно наметната од коалициониот партнер кој не сака албанската опозиција да фигурира негде кога се носат одлуки, меѓутоа тоа не може да функционира. Заев направи добар чекор што седна со албанската опозиција, и првите позитивни знаци веќе се видливи" смета Салиу. 

ДУИ преку Груби и Османи одлично ја искористи можноста за политички маркетинг при повиците на дијаспората, но нивните активности наидоа на жестоки рекации кај македонската јавност форсирајќи го етничкиот национализам наместо граѓанскиот концепт. Засега ниту албанските опозициски партии не ја користат шансата за да промовираат една нова политика која ќе биде прифатлива за сите граѓани на Македонија, наместо да се користи единствено националистичка и шофинистичка реторика, има ли изгледи дека оваа архаична политика ќе се промени?

"Како што велите и вие, ја искористија шансата само за добар политички маркетинг. Сепак, нивниот политички маркетинг, ако ним им носи политички поени, не им носи ништо конкретно на граѓаните. И не би рекол дека направиле добар политички маркетинг, бидејќи тоа може да се сврти наопачки против нив, кога со текот на попишувањето на дијаспората ќе произлезе дека надвор од државата има, ако не повеќе, тогаш ист број на албанци од Македонија, колку што има тука во земјата. Сигурно тие не ја напуштиле земјата поради тоа што им било многу убаво тука додека ДУИ е на власт. Исто така не знам дека им оди многу во прилог договорот дијаспората само да се евидентира, а не и да се попишува, бидејќи Груби, Османи и другите од ДУИ пред албанската јавност преставуваат една сосема друга реалност во врска со пописот, а која по се изгледа е лажна" заклучува Салиу.

Х.С. 

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.