19 Март, 2024
0.0475

Анализа: Дали премиерот ќе стане премоќен со новата Агенција за национална безбедност?

Објавено во: Анализа 20 Март, 2019

Добивај вести на Viber

ОЗНА, УДБА, ДБК, УБК – АНБ. Низ децениите се менуваа имињата на тајните служби, се правеа промени во начинот на кој е организирана тајната полиција, но остана чуството кај граѓаните за злоогласеност по бројните скандали со прислушувања, политички прогон, нарушување на човековите права и слободи и користење на службите за исклучиво партиски цели. Со новите закони кои ќе го реформираат разузнавањето треба да се формира Агенцијата за национална безбедност како орган кој ќе ја замени Управата за безбедност и контраразунавање и ќе делува надвор од Министерството за внатрешни работи со засилена цивилна контрола. На почетокот на јавната дебата за новите закони експертите упатија голем број на забелешки со цел да не се направи само козметичка измена на УБК, како и да се спречат нови услови за злоупотреба на моќта, како на пример недостатоци во внатрешната контрола и кратките рокови за спроведување на реформата. Новата АНБ ќе има директор по предлог на Владата и под надлежност на самиот премиер. Исто така ќе има обврски за поднесување извештаи и пред Собранието, но дали овој закон е доволно добар? Анализа правиме со експертот за безбедност Магдалена Лембовска од Евротинк.

Фактор: Дали со новото предлог законско решение за реформа на тајните служби и националното разузнавање му се дава преголема моќ и ингеренции на премиерот?

Лембовска: Според предлог Законот, директорот на Агенцијата за национална безбедност го именува Владата на предлог на Премиерот. Тоа и не лошо решение, бидејќи сепак ваквиот тип на агенции имаат задача да собираат и анализираат информации од значење за националната безбедност кои потоа треба да им служат на донесувачите на одлуки, односно на Премиерот и надлежните министри. Сепак, најважно ќе биде на раководните позиции во новата Агенција да се изберат лица со интегритет кои професионално ќе си ја извршуваат функцијата и нема да бидат подложни на политички и други влијанија.

Исто така, со новите решенија се формира Совет за координација на безбедносно-разузнавачките служби, со кој ќе претседава Премиерот. Воспоставување на механизам за координација меѓу актерите на безбедносниот сектор е повеќе од потребно и логично е службите да се координираат од страна на извршната власт, но се заборава дека извршната власт е бицефална, а Претседателот на државата има сериозни надлежности во однос на безбедноста и одбраната на државата. Затоа, потребно е подобро да се осмисли овој координатиен механизам и соодветно да го вклучи Претседателот, но и да се воспостави комуникација и координација со постоечкиот Совет за безбедност кој е уставна категорија и со кој раководи Претседателот на државата.

Фактор: Дали АНБ ќе може да прислушува без налог и кои се механизмите за спречување на ваков вид на злоупитреби и во какви околности ќе може да врши надзор или прислушување со сопствена опрема надвор од ОТА?

Лембовска: АНБ не би смеела да прислушува без налог и било какво прислушување без налог би било и противзаконски и противуставно. Токму воспоставувањето на ОТА треба да биде гаранција дека АНБ, но и другите институции кои имаат надлежност да прислушуваат, нема да го прават тоа без судски налог. Сепак, прислушувањето може да се изведува и преку посебна опрема, без посредство на ОТА. Тоа се таканаречените “жолти комбиња”, односно опрема која може да се пренесува на разни локациисо која УБК ќе може самостојно да прислушува. Како мерка, истата е легитимна и неопходна за потребите на националната безбедност, но важно ќе биде да се воспоставаат силни гаранции кои ќе оневозможат нејзина злоупотреба. Исто така, не треба да се заборави дека “следење на комуникации” не опфаќа само прислушување на телефонски разговори, туку и пристап до електронските комуникации како што е мејл, апликации од типот на Вибер и сл. Најголемиот ризик по приватноста постои доколку се користат софтверски решенија за директен пристап до електронските комуникации, бидејќи истите е најтешко да се исконтролираат.

Фактор: Постојат ли механизми кои ќе спречат нова злоупотреба на тајните служби за политички прогон и задушување на човековите права и слободи?

Лембовска: Најважниот аспект на реформата на службите е расчистување со минатото, отстранување на внатрешните системски недоследности кои овозможиле злоупотреби во минатото, но и воспоставување на одговорност за истите. Составен дел на тоа е да се осигураме дека лицата кои биле вклучени во такви злоупотреби во УБК нема да најдат место во новата Агенција за национална безбедност. Селекцијата на кадарот е суштински дел од реформата и истото ќе треба да биде спроведено врз основа на јасни критериуми, а уште поважно е кој и како ќе ја прави таа селекција.

Понатаму, ќе треба да се обезбедат силни надзорни и контролни механизми кои ќе треба да оневозможат било какви злоупотреби. Тука можеби најважна е внатрешната контрола и многу ќе биде важно да се обезбеди независност на внатрешната контрола во Агенцијата за национална безбедност, силни и јасни надлежности, но и доволно квалификуван кадар и ресурси за вршење на тие контроли. Истото важи и за парламентарната контрола и тука ќе бидат потребни посериозни интервенции во предлог законот  со цел овој надзорен механизам конечно да заживее.


Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ДАЛИ ВРЕДИ ДА СЕ КУПУВА ПОЛОВЕН АВТОМОБИЛ? „Кога ќе ја видам километражата околу 150.000 километри, првото нешто што ми паѓа на памет е дека километражата е вратена“

ДАЛИ ВРЕДИ ДА СЕ КУПУВА ПОЛОВЕН АВТОМОБИЛ? „Кога ќе ја видам километражата околу 150.000 километри, првото нешто што ми паѓа на памет е дека километражата е вратена“