25 Ноември, 2024
0.0252

Анализа: Добар почеток на договорот Заев-Мицкоски, но има ли одржливост на долг рок?

Објавено во: Анализа 30 Март, 2021

Добивај вести на Viber

Дали постигнатиот договор по лидерската средба е одржлив на долг рок, од една страна е договорено одложување на пописот, а од друга Заев потенцираше дека методологијата останува иста.

Вчерашниот ден го обележа оптимизам и конструктивност на двете најголеми политички партии, но поучени од минатото и нивото на политичка култура сосема очекувано е во следниот период да се собираат поени, да се протолкува договорот како триумф на едната и пораз на другата страна. Токму прашањето околу измени на Законот за попис и методологијата која жестоко ја напаѓаше опозицијата може да бидат каменот на сопнување во следните фази на собраниско дејствување.

Дали може да се очекуваат нови препирики помеѓу власта и опозицијата или овој пат имаме конечен договор за одблокирање на процесите.

"Јас ова не го гледам како конечен договор туку како некаков почеток. Тоа што беше критично во моментов е да се одложи потписот којшто требаше да започне за два дена. Јасно беше дека или ќе оеопаднепе или ќе се добиеја резултати коишто не соодветствуваат со реалната состојба и џабе ќе се фрлеа милиони евра. Во однос на другите прашања кои се многу значат како што е самата методологија на пописот, и еден куп нелогичности кои ги наметна законот треба да се решаваат понатаму. Затоа што на пример имаше предлог на опозицијата пописот да се спроведе со апарати за отпечатоци од прсти. Оправдувањето дека нема време да се набават сега паѓа во вода, а тие апарати секако треба да се набават и за изборите. Сега пописот ќе биде пред локалните избори, така што сега нема изговор зошто да не се спроведе без "фингерпринт" апарати. Друго видовме во изминатите денови околу попишувањето на дијаспората беше еден вид на предизборна кампања на ДУИ отколку каква било статистичка операција. Во принцип никаде не се попишува дијаспората, нема таква држава, нема поента. И ако треба да се попише дијаспората за информации за нивното образование и други параметри зошто ја напуштиле државата тоа може да се направи со скратен прашалник без истакнување на етничката припадност. Трето платформата за попис е бугарска и во оваа ситуација да зависиме од неа кога е нестабилна и недоверлива е сосема нелогично. Но, ова е добар почеток, тоа што е најважно е се одложи пописот бидејќи имавме рекорден црн баланс со 41 починат во еден ден", смета аналитичарот Владимир Божиновски.

Мицкоски истакна дека главната цел е да се спасат животи, а Заев рече дека кога има разумни барања може да се постигне компромис во интерес на државата.

Дали овој договор им носи политички поени или пак ќе им нанесе штета на позициите бидејќи имаше идеи за влада за национален спас коишто се одбиени, а од опозицијата ќе се очекува да дејствува конструктивно во Собранието и да даде целосна поддршка во процесите, особено во откочување на повеќе итни закони што беше и главна критика кон нив дека не го сторија порано или навремено.

"Не гледам што би изгубила сега опозицијата. Заев понуди таква влада на национален спас, а опозицијата ја одби. Едноставно барањата на опозицијата беа разумни и логични. Тоа што може да се препише како минус пак, на власта е тоа што чекаа досега да го одложат пописот. Тврдеа дека е патриотска должност во време кога дневно имаме по 1500 заразени. Тие муабети кои се пуштаа повеќе беа неформални и прашање е од каде доаѓаа. Тоа што го бараше опозицијата за преодна влада беше со цел да се закажат предвремени избори. Ако мнозинството на власта се согласи да има предвремени избори во следниот период тогаш може да се формира таков вид на влада. Што се однесува до широка коалиција свесни сме дека за време на техничката влада немаше функционалност, а Наќе Чулев како единствен претставник на опозицијата беше обвинуван дека е виновен за сите проблеми три месеци според власта. Јас по изборите говорев за концентрациона влада бидејќи така налагаа бројките и соодносот во Собранието. Со тенко мнозинство и многу предизвици е тешко да се владее", смета Божиновски.

Во сенка на вечерашната средба беше прашањето за консензус околу надворешната политика односно спорот со Бугарија кој ги закочи процесите на интеграција во ЕУ. Возможен ли е национален консензус и по ова прашање и поставување на т.н позиција на црвени линии. Јавноста ќе очекува соодветен одговор на македонскиот политички врв по се побезобразни и навредливи настапи на бугарските политичари. Таков договор ќе ја увери македонската јавност дека без оглед кој ќе биде на власт нема да има промени во преговорите со Бугарија.

"За да се постигне таков консензус не е потребна концентрациона влада, може да се договорат заеднички за да се воспостават црвени линии во однос на Бугарија. Мојот став е дека треба да се напуштат целосно преговорите со Бугарија бидејќи топката ја префрлаат на нивен терен на кој можеме само да изгубиме. Ние постигнавме Преспански договор со кој го сменивме името и целото раководство на ЕУ даде поддршка дека со ова конечно може да започнат преговорите за членство, за после да се испречи Бугарија. Ние нашите обврски ги исполнивме, а тие не. Грција го доби тоа што го сакаше, нема да не блокира но, нема ни за што да се ангажира за ние да станеме членка на ЕУ. Ние немаме излезна стратегија, не во смисла да се укине Преспанскиот договор, туку одредени одредби да се исполнат со одложен рок, наместо да се тркаме што побрзо да ги исполниме, бидејќи Бугарија начека шанса да ја преземе улогата на блокатор која ја имаше Грција. Зошто пак, сега ние би имале поттик да го исполниме Преспанскиот договор кога не сме ги започнале преговорите за членство во ЕУ, а тек потоа, ќе треба да затвораме поглавје по поглавје", потенцира Божиновски.

Може ли конечно по долг период на политичка депресија и блокада на институциите да очекуваме стабилизација на политичката сцена, конструктивност и преземање на одговорност за започнатите процеси. Со оглед на тенкото мнозинство и проблемите околу обезбедување на кворум и присуство на пратениците на власта на долг рок може да се претпостави дека би се закажеле вонредни избори. Разликата е што барем засега општеството нема да биде ставено во "лер" и во исчекување дали партиите ќе си ги завршат домашните задачи.

Ако се стави фокусот целосно на решавање на здравствената и економската криза предизвикана од КОВИД-19 пандемијата, ако се овозможи масовна вакцинација и во тек се решаваат веќе начнатите проблеми околу изборната регулатива, изградбата на новиот клинички центар, и мерките за поддршка на економијата и граѓаните тогаш многу полесно би се дошло и до таа следна фаза на планирање на избори и продолжување на партиската битка.

Х.С. 

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.