Анализа: Кој ќе ја преземе контролата над ЕУ и каква е перспективата за Македонија?
Објавено во: Анализа 05 Јуни, 2019
Европските избори
донесоа голема неизвесност околу тоа кој ќе ја има контролата над Европската
комисија, како и на Европскиот парламент со растот на нови политички движења
кои добија солидна поддршка и со тоа има се доближија на традиционалните
политички групации и во левицата и во десницата. Дел од европската јавност е
загрижена дека профитираа партии кои промовираат национализам и
евроскептицизам, додека пак останатиот дел од Европа е загрижен дека новата
распределба на силите во европарламентот ќе доведе до поголема нефункционалност
во процесот на носењето на одлуки.
За резултатите и опциите за коалиции од кои
ќе зависи и погледот на Брисел врз Македонија разговараме со Стефан Василевски
и Александар Богоевски од тинк-тенкот Конзерватив кој инаку соработува со
групацијата на европски конзервативци. Исто така анализираме какво и колкаво
беше учеството на Македонците низ Европа кои имаа право на глас, како и за
евро-перспективите на Македонија и претстојната комбинаторика од која ќе зависи
дали ќе добиеме конечно зелено светло за да ги започнеме преговорите за
членство во ЕУ.
Кој ќе го контролира Европскиот парламент, а со тоа и изборот на Европската комисија?
Стефан Василевски:Контролата на Европскиот парламент зависи директно од изборот на новиот претседател на Европската комисија. Според изборните резултати на европските избори, сега за сега само една работа е јасна: мнозинството на социјал-демократите и демо-христијаните е срушено, а плурализмот победи.
Мандатот на освоени пратеници од страна на постоечките парламентарни групи укажува на раст на прогресивните сили и најава на таканаречен „прогресивен бран“ во Европа кој веројатно ќе ги збрише апетитите на Европската народна партија (ЕНП) за добивање на претседател на Европската Комисија (ЕК). Либералите, социјалистите и зелените леви движења веќе најавија формирање во прогресивен блок кој е спремен за соработка и со екстремната левица што во превод значи дека доколку ЕНП би сакале Манфред Вебер да стане претседател на ЕК, тогаш сламката за спас ќе треба да ја бараат во европските конзервативци (ЕКР групата) кои се дел од глобалната фамилија на АКРЕ (Алијансата на конзервативци и реформисти).
Раката кон ЕНП е подадена од страна на европските конзервативци, а едно од барањата доколку Манфред Вебер ја сака позицијата претседател на ЕК е всушност шпицкандидатот на конзервативците да биде поддржан за претседател на Европскиот парламент. Со оваа информација располагаме од извори на АКРЕ со кои сме во постојана соработка. На тој начин, контролата во ЕУ ќе остане во рацете на центар-десно ориентираните сили вкулучувајќи дел од либералите. Макрон и прогресивните сили се запознаени со овој факт и затоа побрзаа и веднаш делуваат во обратна насока, а тоа се докажува со средбата изминатите денови помеѓу Макрон и В4 групата (Полска, Унгарија, Чешка, Словачка). Засега, В4 групата има изградено став дека заеднички ќе настапи во поддршка на следен претседател на европската комисија.
Conservative.mk исто така беше доста активен пред европските избори во партнерство со конзервативните партии. Какво беше учеството на Македонците низ Европа на изборите, и колку сте задоволни од остварените резултати, ќе имаме ли нови поддржувачи во европските институции?
АЛЕКСАНДАР БОГОЕВСКИ: Конзерватив МК започна со своите активности пред помалку од една година и поради тоа овие се првите европски избори што како организација им ги пренесуваме на нашите истомисленици и читатели. Затоа нашата активност пред сѐ беше информативна, односно целта беше да се информираат нашите сограѓани за некои од најинтересните и најважните случувања околу европските парламентарни избори и различните парламентарни групикои ќе го сочинуваат идниот парламент. Секако, ние како организација која е во постојана соработка со АКРЕ (Европските конзервативци и реформисти) имавме намера и да ги пренесеме идеите врз кои е заснована оваа групација, како на пример, традиционалните европски вредности и слободна трговија во Европа и во светот. Впрочем, сметаме дека токму некои од овие идеи се клучни и за развитокот на нашата држава, како на социјален така и на економски план. Еднаквоста на сите членки во ЕУ без разлика на нивната големина е исто така и позицијата на ЕКР и доколку Македонија во иднина влезе во ЕУ, таквиот пристап и идеја нам ни оди во прилог.
Од
овие прични и многу други, колку поголема е поддршката за групацијата ЕКР во
европскиот парламент и за партиите членки на ЕКР во нивните матични земји толку
е тоа подобро за Македонија и нашите граѓани. Според моето мислење голем дел од
Македонците кои остваруваа право на глас на овие европски избори не излегоа да
гласаат, прво затоа што не чувствуваат дека тоа би имало директно влијание врз
нив и нивното семејство или, пак, сметаат дека гласањето би немало никакво
позитивно влијание врз состојбата во која нивната Македонија се наоѓа. Тоа од
една страна е разбирливо, но мора да бидеме свесни дека подобрувањето на
положбата на Македонија на меѓународно ниво може да се случи само доколку секој
од нас индивиуално ги искористи сите начини за позитивно влијание, а овие
избори беа еден од тие круцијални начини. Колку е подобра положбата на
државата, толку е подобра и позицијата на секој од нас како нејзини државјани,
но секако и обратно.
На овие избори имаше судир меѓу старите
и новите партии, поделени и во левицата и во десницата, кој од нив
е во најповолна положба, а кој може да се смета за губитник?
Стефан Василевски:Од овој судир, едно е јасно: граѓаните на ЕУ се изморени од европските бирократи па затоа можеме да забележиме огромен пораст на нови политички партии и движења како на национално така и на европско ниво. Ние ќе дадеме пример за десниот блок иако истото важи и за новите леви сили, движења и партии. Форум за демократија во Холандија која важи за модерна конзервативна партија, за две години од своето дејствување успеа да победи на национално ниво и да освои највеќе места во сенатот. Партијата ВОКС во Шпанија стана најбрзо растечкото движење и е едно од најголемите изненадувања на национално ниво во Европа. Исти пример може да видиме и во Италија со Браќата за Италија кои исто како ВОКС и Форумот за демократија, освен на национално ниво, успеаа да земат значителен број на европратеници на првите избори на кои учествуваат. Како изненадување од регионот може да се наведат ВМРО од Бугарија кои минатиот пат преку платформата на обединети патриоти (повеќе од 3 партии и движења) едвај издејствуваа 2 пратеника, а сега самите го постигнаа истиот резултат, но и блокот на суверенисти во Хрватска предводен од европратеничката Ружа Томашиќ кој успеа да ја надмине втората десна партија МОСТ и доколку на национално ниво го повторат резултатот, тие ќе се сериозна закана за моментално владеачката ХДЗ.
Тронот во изненадувањата може да го доделиме на Нигел Фараж и неговата штотуку формирана БРЕГЗИТ партија која освои најмногу пратеници на овие избори на штета на конзервативците кои беа казнети за неиспорака на договор за БРЕГЗИТ. Сепак, на национално ниво, конзервативците сеуште стојат добро на анкетите.
Најголем губитник
се европските бирократи.
Како новиот распоред на силите ќе се одрази врз европските перспективи на Македонија,
ќе се наметне ли политика против проширувањето на
ЕУ?
Стефан Василевски:Јас не знам зошто на дел од дебатите во Македонија каде што се спомнувала оваа тема, голем број аналитичари кажуваат дека „евроскептиците“ имаат проблем со проширување на ЕУ. Баш напротив, главна кочница за нас се Макрон, а пред некој ден слушнавме дека и партијата на Меркел (ЦДУ, дел од ЕНП) сака да го пролонгира датумот за старт на преговорите од Октомври па натака.
Таканаречените „евроскептици“ се ЗА проширување на ЕУ паралелно со спроведување на внатрешни реформи, додека пак останатите „проЕУ“ групации се тие кои најверојатно ќе не блокираат/одложат датумот. Доказ за ова е всушност изнесените зборови од шпицнкандидатот на евроскептиците и конзервативците на главната дебата во Европскиот парламент што се оддржа на 15ти мај каде што учествуваат сите кандидати предложени од групациите.
“Јас сум про интеграциски настроен, но сакам Европа со децентрализирана моќ” – вели Јан Захрадил, претседателот на АКРЕ.
Постои ли закана од силна коалиција меѓу евроскептиците и популистите, што бараат тие и како ќе функционира Европската унија по нивен терк?
Стефан Василевски:Овие групации јасно кажуваат дека не се евроскептици како што ги нарекуваат туку еврореалисти.
Одговорот е едноставен: тие сакаат повеќе брзинска Европа односно “multi speed Europe”. Десните групации надвор од Европската народна партија (но и дел од партиите во ЕНП како пример партијата на Виктор Орбан и Себастијан Курц), се залагаат за реформи во Европската унија во насока на поголема моќ на одлучување на суверените држави членки на ЕУ во однос на нивните внатрешни прашања, а самата ЕУ да е спој за прогрес, економија, трговија и кохезија помеѓу државите.
Тие се противат на проектот ЕУ да стане држава по примерот на Америка и се противат на идејата за ЕУ да биде супер-сила која ќе им наредува на националните парламенти како да одлучуваат и што е најдобро за нив. Пред се, ова се однесува на фактот дека расата, религијата и етникумот ја дефинирале скоро секоја нација во Европа, за разлика од американската. Американската нација е дефинирана според вредности! Па така, за да ја разберете Америка, треба да ги разбирате вредностите врз кои е изградена. Тоа се: E Pluribus Unum [од повеќе, едно], Liberty [слобода] & In God We Trust [веруваме во Господ]. Конзервативците односно евроскептиците и популистите не веруваат дека овој концепт може да се преслика во Европа.
Единствен начин за креирање на силна коалиција и блок помеѓу таканаречените евроскептици и популисти и сите тие конзервативни и националистички движења е да се обединат преку глобалната политичка групација АКРЕ - Алијансата на конзервативци и реформисти со прифаќање на декларацијата од Рејкјавик потпишана во 2009та година. Зошто обединување преку АКРЕ, а не преку групациите на Салвини или Фараж? Бидејќи АКРЕ е најголема конзервативна глобална мрежа каде членуваат и Републиканците од САД, ЛИКУД од Израел, Либералите од Австралија кои само што победија на избори, конзервативците од Канада како и многу други партии и движења од Африка, Латинска Америка и останати земји во светот. АКРЕ е добро воспоставена мрежа која има свој тинк-тенк (Нов правец, New Direction) основан од Маргарет Тачер, свои медиуми, младински организации, интернационалните конзервативни мрежи, итн.
Засега, главна пречка во обидот за обединување на десните сили претставува Марин ле Пен која е јасно дефинирана како анти-семитист (од страна на Нигел Фараж), поради про-руската и во последно време анти-американска ориентација (една од причините зошто конзервативците од Полска и АКРЕ одбиваат било каква соработка), но исто така и блокадата за Марин ле Пен од страна на АКРЕ поради тоа што таа не припаѓа на конзервативната и либерална центар-десно идеологија, односно таа е голем подржувач на државниот интервенционализам. Доколку оваа пречка за Ле Пен не постоеше, партијата на Матео Салвини веќе ќе беше член на АКРЕ.
Сепак, доколку во
наредните неколку години се направи фузија во еден блок, тој блок со
сигурност ќе биде најголем по бројот на пратеници во мандатот 2019-2024.
Конзерватив МК при крајот на месец Јуни е поканет со претставници во Брисел
каде што ќе има средба на АКРЕ и каде што веќе се најавува зголемување на
нивната групација во европскиот парламент (ЕКР) со нови партии и членки.
Голем раст забележаа и зелените партии од Европа кои се обидуваат да понудат нешто ново на левичарскиот фронт, постои ли моќност тие да соработуваат со десничарите и каков би бил еден таков однос, што од нив може да научат македонските активисти за чиста животна средина и борба со последиците од климатските промени?
АЛЕКСАНДАР БОГОЕВСКИ:Точно е дека зелените партии се во постојан порасткако во Европа така и во светот и тоа е нормален начин на размислување, бидејќи колку е една држава економски поразвиена со граѓани кои немаат егзистенцијални проблеми, толку повеќе тие исти граѓани ќе размислуваат за природата и нејзината заштита. Капитализмот (слободниот пазар и трговија) е до сега докажано најбрзиот начин како една држава тој економски раст да го постигне. Капитализмот е исто така алатка што нѐ учи како да раководиме со ресурсите кои природата ни ги дала, користејќи ги, но и на тој начин зачувувајќи ги. Социјализмот од друга страна (огромната владина интервенција), нѐ дели од природата и не дозволува да ја почуствуваме и да научиме колку е таа богата, едноставно нѐ оттргнува од одговорноста да ја зачуваме и да почувствуваме дека сме дел од истата. Доколку тоа го имаме на ум, ќе увидиме дека енвиронментализмот не е левичарска кауза и погрешно би било тоа така да го гледаме, иако за жал, голем дел од луѓето тоа го мислат. Токму поради ова, зелените партии мора да изнајдат заеднички јазик со конзервативците и другите десни групации, а верувам дека доколку сакаат, тоа и го можат.
Воедно верувам дека доколку крајната цел е зачувувањето на природата и ресурсите, нема да им биде толку важно на кој начин тоа ќе се изврши, дали преку прекумерното централизирано влијание од страна на владата како што социјалистите предлагаат или преку индивидуалниот морал, етика и претпримништвото како што предлагаат конзервативците за да биде вистинска локалната приврзаност кон средината, а не наметната од страна на владата.
Македонија има огромен проблем со загадувањето долги години и секое решение било оставено на владите што знаеле да ветат решавање на проблемот, но не да ги исполнат своите ветувања, те така една по една само се менуваат. Решението за овој проблем можеби и не зависи толку од владата како што повеќето и очекуваат, туку од самите нас како индивидуи, преку бизнисот и претприемништвото да се најдат начини како профитабилно и истовремено морално да се раководи со ресурсите што нашата богата земја ни ги дала на располагање. Само тоа што навистина го чувстуваме како наше, ќе се бориме и да го сочуваме, така се развива и патриотското чуство. Крајот на својот одговор на Вашето прашање во врска со македонските активисти и што сите ние можеме да научиме од конзервативните размислувања околу оваа тема, би го завршил со еден цитат од Сер Роџер Скрутон, еден од лидерите на конзервативните зелени движења во светот.
„Сепак, сама по себе, каузата за животната средина не е воопшто кауза на левицата. Не се работи за „ослободување“ или зајакнување на жртвата, туку зазачувување на ресурсите. Не се работи за „напредок“ или „еднаквост“, туку зазачувување и рамнотежа. Нејзините следбеници можеби се млади и неуредни, но тоа е најмногу поради тоа што деловните луѓе не успеаа да разберат каде лежат нивните вистински интереси и вистински вредности. Можеби навидум енвиронменталистите се противат на капитализмот, но доколку правилно ја разбрале поентата, многу повеќе би биле против социјализмот со неговите огромни, непоправливи проекти кои што ги контролира државата, отколку против етосот на слободното претприемништво.“ – Сер РоџерСкрутон
Стефан Василевски – Управител на идеолошкиот и аналитички центар Конзерватив МК
Александар Богоевски – Претседател на идеолошкиот и аналитички центар Конзерватив МК и Главен и одговорен уредник.
Х.С.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.