Анализа: Може ли да го подигнеме „просекот“ дома додека „положиме“ кај Бугарија и докторираме“ во Брисел?
Објавено во: Македонија 20 Ноември, 2020
Во моменти кога сметавме дека надворешните проблеми и отворените прашања со соседите се решени за конечно да ја трансформираме општествената енергија со јасен пат во евроатлантските институции, повторно сме блокирани. Овој пат од соседна Бугарија која не се придружува кон Договорот за добрососедство од 2017 година и наместо да понуди рака на пријателство за заедничка иднина небулозно се враќа во 19 век, на времето на балканските пропаганди и негација на македонската нација, јазик и особеност. Македонската дипломатија се соочи со нов удар, без оглед што сигналите од Берлин како предводник на процесот на проширување беа позитивни. Разбирливо домашните реакции се жестоки и изгледите дека може да дојде до зближување со бугарската држава, екипата на Борисов, Каракачанов и Захариева ги вратија, ако не години, туку и децении назад, исфрлајќиги на површина сите национални фрустрации. Несомнено Бугарија ни брцна во окото, но дали може да „прогледаме“ и да најдеме правец како Македонија ќе се развива без догледна европска перспектива во блиска иднина, со заглавени реформи и стагнирање па дури и девастирање на сите домашни општествени сфери.
За европската перспектива како и продолжената внатрешна криза поради надворешните прашања правиме анализа со Катерина Јакимовска од Вилфрид Мартенс институтот од Брисел. Јакимовска е координатор за настани во рамки на тимот за надворешна соработка и настани при Вилфрид Мартенс Центарот за европски студии, официјален тинк тенк институт на Европската Народна Партија. Ја следи политиката на проширување и соседска политика на ЕУ и Западниот Балкан како регион.
Фактор: Повторно добрососедските односи се наметнуваат како услов за започнување на преговори за членство со ЕУ и отворените заканите за бугарско вето се остварија. Отворените прашања на Балканот се чини дека тешко се затвораат. Што треба да преземе македонската дипломатија во наредниот период, и што треба внатрешно да се преземе за да се искористи зеленото светло кое претходно беше дадено од Брисел?
Јакимовска:Очекуваните закани се остварија. Не можеме да се преправаме дека ова е новост, но треба да признаеме дека очекувавме „божествена интервенција“ од страна на ЕУ (на пример, канцеларката Ангела Меркел) и да ги разубеди властите во Бугарија да ги омекнат позициите. За жал, настојувањата за историски ревизионизам и „пазарење“ околу идентитетските постулати како што е јазикот извојуваа пирова победа врз европската перспектива не само на РСМ, туку и на целиот регион. Дотолку повеќе што од страна на ЕУ се испраќа порака дека ова е прифатливо, да се блокира процес на земја кандидатка спротивно од вредностите и постулатите за самоопределување и неповредливост на идентитетот на нацијата. Без разлика на високата раздразливост и емоциите што во моментов се разбирливо негативни кон Бугарија, поради политиката на консензуално одлучување во рамки на ЕУ, нам ќе ни треба нивниот „печат“ за отпочнување преговори и целиот процес кој следи. Се надевам дека се свесни дека нанесоа огромна штета врз билатералните односи. Очигледно е дека во моментов нема добра волја за разговори, ниту приближување на било какви позиции, а во Бугарија претстојат парламентарни избори следната година напролет, и до тогаш не верувам дека ќе се створат услови за надминување на овие разлики каде нема простор за преговори. Во овој период, Македонија како апсолутен приоритет треба да го стави назначувањето на амбасадор во Софија и да ја зголеми својата дипломатска активност меѓу сите ЕУ членки, да ги потсети дека критерумите за отпочнување преговори се исполнети и Бугарија го потврдила тоа во март 2020 година, но и претходно во сите нивни декларативни заложби за помош и поддршка на земјите од Западен Балкан за членство во ЕУ.
Фактор: Имаме старо-нова влада и рокади во двата клучни сектори МНР и СЕП, каде улогите си ги заменија Османи и Димитров. Секако, за успешно водење на преговорите со ЕК ќе треба голем административен капацитет, но и искористување на потенцијалот на цивилниот сектор и бизнис заедницата. Кои модели треба да се применат за да се насочи и канализира општествената енергија кон остварување на оваа стратешка цел?
Јакимовска:Процесот на преговори за членство во ЕУ е како пишување докторат, особено за земја која има само 30 години искуство како парламентарна демократија. Сеопфатен испит за се што (не) сме научиле во изминатите 30 години од независноста. Вицепремиерот Димитров посочи дека има проблем со кадарот во формирањето на тимовите, каде проблем е дискрепанцата во финансискиот надомест за административците, наспроти надворешните консултанти кои се подобро платени во бизнис/НВО секторот и не се дел од постојаните тимови во рамки на министерствата, но и резултат од високо партизираната администрација. Ова е проблем на кој итно треба да се работи, за да не нè изненади „снегот“, потребни се стручни кадри за отворање, но што е побитно за затворање на сите 35 поглавја. Апсолутно е неминовно и не е новост дека овој процес ќе биде успешен само доколку постои учество од страна на сите чинители во општеството, позиција, опозиција, медиуми, граѓански сектор, бизнис заедница. Од огромна корист, а верувам дека ќе се случи, е вклучување на експерти од преговарачки тимови на земји што веќе успешно го комплетирале процесот, па и оние кои во моментов преговараат, за споделување на позитивни пракси, уште повеќе ако се од регионот (Хрватска, Црна Гора, тоа може да биде и Бугарија). Исто така, потребна е континуирана кампања за информирање на населението што значи членство во ЕУ и уривање на некои заблуди (пр. „бесплатно здравство во ЕУ“, несмасно искористено во кампањата за референдумот во 2018), или дека на датумот кога ќе станеме членка на ЕУ, нашите животи магично ќе се сменат. Трансформацијата на општеството ќе биде постапна и треба да биде континуирана.
Фактор: Заев и коалиционите партнери во првиот мандат премногу се фокусираа на надворешните прашања, а сега ветија дека ќе се посветат повеќе и на домашната агенда. Колку владата предводена од СДСМ, ДУИ и БЕСА може да одговори на прашањата како борба со корупцијата, владеење на правото и вистински реформи во образованието, здравството, културата, медиумите и останатите клучни општествени сфери кога повторно со недели се говори само за надворешната политика?
Јакимовска:Не е прашање колку може, туку ќе мора, бидејќи добивањето мандат за Владата значи преземање одговорност за изодување на патот кон остварувањето на стратешката цел уште од 1991 год. –членство во ЕУ (и НАТО). Преговорите не ни требаат за самото одобрение од ЕУ – „да, добри сте, повелете“. Преговорите се одмотување на тепихот што содржи бројни реформи кои се потребни за зголемување на квалитетот на живот на нашите граѓани, не на ЕУ. Граѓаните се крајни корисници и без разлика на моменталниот статус во процесот на ЕУ интеграции, реформите треба(ше) да почнат со забрзано темпо вчера и да бидат апсолутен приоритет на секоја влада. Ни треба огромна работа во сите споменати сфери, да се консолидираат законите со EU Acquis и што е поважно, да се имплементираат, да се креираат и спроведуваат политики кои ќе ја вратат довербата на граѓаните во институциите и во надежта дека Македонија може да биде добро место за живеење. Колку луѓе познавате кои се иселени во последниве години и уште колку кои би сакале да го направат тоа што поскоро?
Фактор: Северна Македонија веќе е членка на НАТО, со перспектива да стане членка и на ЕУ. Сето ова се случува во ек на глобална пандемија со КОВИД-19, но и бројни регионални предизвици како што е нерешеното прашање меѓу Белград и Приштина, системската криза во БиХ, новите апетити на Турција во Егејот и позиционирањето на Грција како регионална сила. Што значат сите овие процеси за нас, особено од развојот на новите енергетски и безбедносни стратегии на САД и ЕУ и имаме ли капацитет да се поставиме соодветно на овие геополитички поместувања?
Јакимовска:Сè почесто се организираат вебинари, конференции, дискусии за надворешните влијанија на Западниот Балкан, што значи дека постои аларм во рамки на Унијата дека „дупката“ што се остава со непринципиелната политика кон Балканот во изминатите години, се пополнува од страна на други чинители (Кина, Турција, Русија, ОАЕ). ЕУ останува најголемиот инвеститор во регионот, но нејзината комуникациска стратегија не успева да го преслика тој факт во јавниот дискурс и меѓу граѓаните во регионот, што резултира и со пад на поддршката за ЕУ. Ние сме мала земја и колку и да сакаме да се убедуваме дека сме некоја геополитичка крстосница каде се преплетуваат интересите на големите сили, тоа може да има вистина, но не во опсегот и често повторуваниот наратив кај нас. Не сум сигурна дека имаме друг избор освен да ги следиме тековите и да делуваме првенствено од националните интереси, но најпрво треба да ги утврдиме истите. Каде сакаме да бидеме, што сакаме да оствариме, кои се нашите сојузници, кои се најголемите предизвици, кои се можните решенија за истите. Овие прашања треба да ги одговориме внатрешно, за да можеме да зборуваме за наше позиционирање во како што инсистирате, геополитичките поместувања.
*Ставовите се лични и не ги одразуваат ставовите на Вилфрид Мартенс Центарот за европски студии.
Х.С.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.