Добивај вести на Viber
Носечката акција на индексот МБИ 10, воедно и најважниот негов компонент, Комерцијална Банка го започна периодот на објави на годишните извештаи на котираните компании на берзата. Зошто оваа банка е една од најинтересните за инвеститорите ( не само за домашните туки и надворешните, па така Комерцијална Банка ја има најшареноликата структура на инвеститори исполнета со голем број на странски фондови, доста странски физички лица, самиот менаџмент поседува солиден број на акции и секако голем број на домашни мали инвеститори):
1. Од трите големи банки единствено Комерцијална Банка нема доминантен сопственик и веројатно во иднина треба да биде потенцијална мета за превземање
2. Банката има исклучително стабилна дивидендна политика што ја прави дополнително интересна за инвеститорите
3. Банката има релативно отворен менаџмент од аспект на транспарентност и голем дел од нејзиното работење е ставено на отворен увид на јавноста
Секако многу подлабинска анализа може да се направи кога на увид ќе го имаме годишниот ревидиран извештај кој ќе биде исполнет со забелешки за разните позиции од билансот, но бидејќи извештајот доаѓа во период кога трендот на домашната берза се менува сметаме дека ќе биде интересно да се извадат некои заклучоци и во овој период.
Основната работа е падот на нето добивката и тоа за цели 50% споредено со 2011 година.
Банката во измината година забележа добивка од 562 милиони денари. Продажбата на административната зграда веројатно имала свој позитивен удел како вонреден приход (иако тоа не може да го знаеме точно од овој биланс), но сепак големите резервации си го направија своето во делот на намалувањето на добивката.
Но, да одиме малку подетално. Доколку се видат основните извори на генерирање на приходите ќе забележиме сосема пристојни показатели
. Раст на нето приходите од камати за скоро 7%, како и раст од 5,5% од провизии и надоместоци. Значи банката продолжува да ја врши својата основна дејност сосема коретно и профитабилно, дури и во вакво опкружување.
Точката 12 од билансот на успех е главниот проблем за послабиот резултат за оваа година
. Исклучително големи 1,9 милијарди денари или повеќе од 30 милиони евра е износот кој е тргнат настрана како резервација за лошите пласмани настанати поради неможноста некои клиенти на банката да ги сервисираат навремено своите кредити. Треба да се напомене дека овој износ не значи дефинитивна загуба за банката, во случај на подобрување на ситуацијата со наплата постои можност за ослободување на дел од овие резервации и остварување на вонредна добивка. Исто така може да забележиме дека банката
уште во минатата година најави дека очекува значително полош резултат од 2011 година, па така ова можеби и нема да биде толку голем шок за инвеститорите.
Факт е дека ќе биде многу значајно макроопкружувањето за работењето на банката.
Значајно ќе биде да се следи индустриското производство, прометот во индустријата и генералните показатели во економијата како показател на она што во 2013 година ќе се случува со билансот на успех на Комерцијална Банка. Сепак имајќи го предвид драстично високото ниво на резервации, можеби најлошото поминало (иако тоа не може да го кажеме со сигурност имајќи ги во предвид нетипичните квартални резултати за изминатава година).
Многу подобра слика ни дава прегледот на билансот на состојба. Факт е дека се работи за исклучително стабилна билансна структура која во себе содржи 1,3 милијарди евра актива.
Огромни 34% од средствата се врзани кај Народната Банка, кај останати комерцијални банки и веројатно еден дел во државни записи. Ваквата структура ја прави банката сигурна од аспект на ликвидност, но сепак тоа значи дека голем дел од потенцијалот за кредитирање не е искористен. Што би рекло некаде
440 милиони евра ликвиден потенцијал. Згора на ова дополнители 30 мил евра се врзани во записите на министерството за финасии. Ова е заклучок дека банката исклучително внимателно ги пласира своите средства и е споредено со огромен број на западни банки, има
супер ликвидна позиција со ниво на левериџ од 5,4 ((актива – ликвидна позиција)/капитал).
Токму поради ова депонентите (пред се физички лица) продолжуваат да и даваат доверба на банката и депозитите бележат постојан пораст и го достигнуваат нивото од 1,1 милијарда евра и во основа тие депозити се базата за кредитирање на банката.
Дури и во една од најтешките години банката го зголемува кредитирањето на скоро 6,5%.
Заклучок е дека се работи за банка која во значително влошение услови за работење успеа да генерира профит од близу 10 милиони евра и покрај резервациите од 30 милиони евра. Истите тие резервации ќе бидат главниот фактор на работењето за 2013 година, со оглед на тоа дека банката и натаму успева да направи позитивни разлики помеѓу дадените кредити и примените депозити. Исто така банката во случај на размрдување на економијата има доста солидна депозитна база која секоја година постојано расте и кеш на располагање за нови кредити, кои ќе се доделуваат со поголема стапка на раст во некои подобри времиња.
Фундаментално за инвеститорите е многу значајно да се види каква одлука ќе се донесе за овогодинешната дивиденда. Со оглед на тоа дека како што напоменавме банката има стабилен биланс, можеби би била интересна
одлуката да не се намали ланската дивиденда. Тогаш акцијата повторно би била исклучително атрактивна и би имала бруто дивиденден принос од 7,5% или значително поголем од она што може да се добие од алтернативните извори на штедење.
Банката во моментов се тргува 40% под нејзината книговодствена вредност и има коефициент цена/заработка од 10, што не е премногу ефтино но имајќи ги во предвид причините за овој финасиски резултат е можеби фер валуација.
И за крај да се обидеме да направиме една проценка на база на трендовите:
Технички гледано, може да заклучиме дека инвеститорите имаат доверба во банката. И покрај лошиот трет квартал цената не падна под 2.300 и гледате дека по двете одбивања на тоа ниво започна силен раст кој застана, заедно со објавата на годишниот извештај.
Сега забележуваме дека нивото на кое ќе водат битка мечките и бикови е 2.650 денари. Мора да забележиме дека техничките трендови на берзата за разлика од пред некој месец се значително подобри и дека доколку истите се задржат пред се регионално,
може да очекуваме дека цената нема да доживее сериозни потреси.
Можеби одлуката за дивиденда ќе биде клучната за краткрочната иднина на акцијата.
Милан Димитриоски
*авторот не поседува акции во Комерцијална Банка
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.