Анализа: Професионалните војници да завршат во агенции за обезбедување или да се пензионираат на 55 години?
Објавено во: Анализа 30 Мај, 2019
Членството на Северна Македонија во НАТО покрена повеќе прашања за подобрување на стандардите на професионалниот кадар ангажиран во АРМ како и во одбранбените структури. Синдикатот на одбраната и безбедноста поднесе и предлог Закон за служба во АРМ со кој се бара подобро решение за иднината на војниците и персоналот откако ќе им заврши работниот век кој според сегашните прописи изнесува 45 години. Може да се забележат и одредени професионални војници кои се во работен однос, а во слободното време да работат како обезбедувачи најчесто ангажирани во ноќните локали. За првиот синдикалец на одбраната Ристо Ајтов тоа и не е големо изненадување.
Според него професионалните војници, како и останатите вработени во АРМ, во своето слободно време можат да се занимаваат со дополнителна дејност.
„Голем дел од нас го правиме тоа, најмногу поради ниските плати, кои не ни овозможуваат достоинствен живот на нас и нашите фамилии. За ваквата состојба е најмногу заслужно самото Министерство за одбрана на РМ, односно неспособноста на менаџментот на МО да обезбеди подобри услови за работа и повисоки плати за вработените во МО и АРМ, што само по себе укажува дека нивните пораки за достигнување на НАТО стандардите не се ништо друго него една голема лага“ вели Ајтов.
Верица Милеска Стефановска Претседателката на Комората на Северна Македонија на приватно обезбедување ја запрашавме дали има војници на АРМ кои работат вон работно време во приватни агенции за обезбедување, има ли надзор врз ваквиот ангажман и има ли тука судир на интереси?
Милеска Стефановска тврди дека дејноста приватно обезбедување јасно и прецизно е уредена со Законот за приватно обезбедување и подзаконската регулатива, според кои таквиот тип на ангажирање не е дозволен.
„Комората има ингеренции во тој дел кои единствено се препознаваат преку издавањето на службени легитимации за работниците за обезбедување. Односно, работник за обезбедување својот легитимитет за примена на овластувања на приватно обезбедување го црпи од службената легитимација, која се издава единствено на лице кое има засновано работен однос во агенцијата за приватно обезбедување. Комората нема сознанија за фактот кој се однесува на ангажмани на војници во агенции за приватно обезбедување. Оттука, ќе ја искористиме оваа прилика да упатиме апел доколку Вие имате сознанија дека има било каков судир на интереси (како што велите) или имате сознанија дека некој војник работи вон работно време во приватна агенција, Ве поттикнуваме и охрабруваме веднаш да го пријавите кај надлежните органи и тела за контрола на приватното обезбедување во Министерството за внатрешни работи и кај нас како Комора за приватно обезбедување“ вели Милеска Стефановска.
Верица Милеска Стефановска како претседател на Комората на Северна Македонија за приватно обезбедување заедно со Марјан Ѓуровски професорот на Факултетот за безбедност ја начна идејата на јавна дебата дека преку јавно-приватно партнерство може да се ангажираат приватните агенции за стражарските потреби.
„Идејата наместо војници за обезбедување на касарни да се ангажира приватно обезбедување не е ниту нова, ниту национална, ниту невообичаена. Напротив, светските искуства применуваат различни форми на јавно-приватно партнерство, кое претставува соработка помеѓу јавниот сектор (централната или локалната власт) и приватниот сектор, за дејности кои се во надлежност исклучиво на јавен орган и истото на наше национално ниво е уредено со Законот за концесии и јавно-приватно партнерство (Службен весник на РМ бр. 6/12). Споменатиот Закон пропишува можност за договорно регулирана соработка која за приватното обезбедување во овој случај може да се однесува на јавна набавка на услуга меѓу кои и приватно обезбедување. Токму преку овој концепт може да се подржи процесот на реформи на одбранбено безбедносниот систем во нашата држава. Концептот на јавно-приватно партнерство во секторот приватно обезбедување во Република Северна Македонија во извесна форма се применува уште со донесувањето на првото законско решение во областа односно Законот за обезбедување на лица и имот во 1999 год., во смисла на тоа што државата дел од јавните овластувања ги пренела на приватниот сектор. Имено, приватното обезбедување веќе врши дејност која некогаш претставувала ексклузивно право на јавен орган, така што суштината на концептот јавно-приватно партнерство во секторот приватно обезбедување е веќе постигната. Сепак, државата има задржано ексклузивитет во вршење обезбедување во специфични сегменти, како на пример: обезбедувањето на објекти на МВР или МО, кампови за бегалци и мигранти, обезбедување кое го врши судската полиција итн. кои потенцијално би можеле да претставуваат предмет на јавно-приватно партнерство, секако со интервенции во материјалното законодавство од предметната проблематика. Синергијата на јавните и приватните капацитети и ресурси од областа на безбедноста, и преку проектот за кои се води дебата ќе придонесе за зголемување на ефикасноста и ефективноста во борбата против сите форми на криминал и загрозувања на општата безбедност. Дополнително, стратегискиот одбранбен преглед 2018 година го разгледува делокругот на работа и можностите за понатамошно дивестирање на несуштинските дејности кои во моментов ги обезбедува одбраната вклучително и заштита на дел од воените објекти. Сите активности може да доведат до безболно дополнително намалувања на персоналот во АРМ и Министерството за одбрана. Секако од Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување како претставник на интересите на дејноста ја поздравуваме подготвеноста да се разгледа можноста за дополнително дивестирање на несуштински дејности“ вели Милеска Стефановска за Фактор.
Сепак, министерството за одбрана засега даде став дека се размислува само во правец на формирање на Државна компанија за обезбедува каде би се вработувале поранешни војници по навршување на 45 години. За синдикалецот Ајтов и тоа решение не е квалитетно бидејќи според динамиката на пензионирање потребниот кадар од околу 300 обезбедувачи стражари би се исполнил уште во првите две години од формирањето на државната агенција.
„Прво, ПФВ (професионален војник) согласно сегашната регулатива во Законот за служба во Армијата на Република Македонија (АРМ), по навршување на 45 години возраст, воопшто не се пензионира. Законот го задолжува МО на РМ да им обезбеди вработување на тие ПФВ во други државни институции во Република Македонија. Синдикатот на Одбраната и Безбедноста (СОБ), во Април 2019 год. и прати на министерката Шекеринска целосно нов закон за Служба во АРМ, кој содржи нов реформиран пристап кон решавање на проблемите на вработените во АРМ, согласно НАТО стандардите. Во истиот предлагаме на ПФВ да им се продолжат договорите до 55 години возраст, а потоа да се пензионираат. Сметаме дека на овој начин ќе овозможиме трајно решение на проблемот на ПФВ, кој после својата служба во АРМ ќе може достоинствено да го заврши својот работен век со пензионирање“ смета Ајтов.
Доколку пак, идејата за приватно обезбедување навистина се протурка Милеска Стефановска смета дека професионалните војници по 45 години би можеле да бидат ангажирани многу лесно според досегашното искуство.
„Во однос на идејата пензионирани професионални војници по 45 години да преминат во приватниот сектор и да бидат ангажирани како обезбедување од агенциите, истата не е нова, ниту до сега неприменета, напротив. Комората во 2011 год. има потпишано Меморандум за соработка со Министерството за одбрана, меѓутоа нашата соработка е започната претходно уште во 2009год. заради директна поддршка на проектот „Лепеза“. Овој проект во МО беше финансиран од Кралството Норвешка, а со кој се овозможи квалитетна подготовка за враќање во цивилен живот на поранешниот воен персонал по престанок на службата во Армијата на РСМ, а особено на поранешните професионални војници со навршени 38 годишна возраст. Врз основа на тој договор Комората има спроведено стручни обуки и испит за голем број кандидати кои во тоа време беа постоечки воен персонал со цел квалитетна подготовка за враќање во цивилен живот на поранешниот воен персонал по престанок на службата во Армијата на РМ. Оттука, познат е фактот дека меѓу вработените во Агенциите за приватно обезбедување имаме поранешни припадници на МВР, МО, АРМ и другите безбедносни институции чие искуство е добредојдено во работењето на нашите компании и придонесува во развојот на професионалност во процесот на давање на услугите од сферата на безбедноста“ ни одговори Милеска Стефановска.
Х.С.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.