Анкета „Димитрија Чуповски“: ВМРО и Груевски со предност пред СДСМ и Заев
Објавено во: Македонија 15 Октомври, 2016
Најновата анкета направена од институтот „Димитрија Чуповски“ која била спроведена телефонски во периодот од 7 до 10 октомври на 1.237 испитаници, покажува дека за владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ би гласале 27,6 отсто од граѓаните, за опозициската СДСМ 16,1 отсто, за ДУИ 6,3 отсто, а за ДПА 2,9 отсто од граѓаните. За „ниту една партија“ се одлучиле 22 отсто од анкетираните, а „не знам“ одговориле 17,4 отсто.
Најголема доверба од политичарите има Никола Груевски за кого се одлучиле 30,1 од анкетираните, 8,9 отсто му веруваат на Зоран Заев, за Али Ахмети се одлучиле 5,9 отсто од испитаниците, а за Мендух Тачи 2,6 отсто. Во ниту еден политичар не веруваат 27,3 отсто од прашаните граѓани, а „не знам“ бил одговорот на 19,6 отсто.
Дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на следните избори сметаат 40,5 отсто од испитаниците, дека тоа ќе биде опозициската СДСМ сметаат 14,8 отсто, за ДУИ се одлучиле 7,6 отсто, а за ДПА 1,9 отсто. Без одговор биле 27,1 отсто од анкетираните.
Истражувањето покажува дека повеќе од половина, односно 53,2 отсто од анкетираните сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ има подобра економска програма, додека 23,6 отсто сметаат дека тоа е економската програма на СДСМ е подобра.
-Во анкетата која беше на ниво на целата територија на Република Македонија, беа опфатени сите изборни единици, но и други релевантни демографски карактеристики на населението како пол, возраст, и етничка припадност. Дополнителна поделба беше направена и според руралните и урбани места на живеење. Сите резултати од анкетата подлежат на статистичка грешка од +/- 2 проценти, информираат од Институтот