(ФОТО) МИЦКОСКИ: Пуштена е во употреба железничката пруга Куманово-Бељаковце, во должина од над 30 километри
Објавено во: Македонија 17 Јануари, 2025
„Но, она што преставува една важна симболика е што изградбата на оваа пруга преставува и еден синоним за победа над една неуспешна и криминална транзиција и победа над сите лажни ветувања за градбата на оваа пруга, која постојано беше ветувана, не само во деведесеттите години, туку и две и половина децении потоа. Последниот воз кој се обратил на овие правци е далечната 1996 година и практично нејзината изградба стана мит за лагите и неуспесите на, за жал на, многу Влади потоа. Речиси 28 години потоа, еве на еден убав настан, каде сме сведоци на пуштањето во употреба да модерна железница, важен сегмент на Коридорот 8“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
На некој начин, во изградбата на оваа пруга беше вклучена Европската Унија во мало, односно дел од средствата беа обезбедени од ЕУ и ЕБОР, а во сегменти на оваа пруга преку свои активности учествува и компании од Италија, Словенија, Австрија и други европски држави.
„Јас сум убеден дека, наскоро од денеска и втората секција ќе се заврши, односно ќе се заврши во рокот којшто е предвиден во договорот. А многу скоро од денеска, ќе заврши тендерската процедура и за третата секција, со што ќе бидеме целосно поврзани со нашиот источен сосед. А со тоа практично ќе бидеме и дел од еден многу важен коридор, не само за Европската Унија, туку и за НАТО Алијансата, а тоа е коридорот којшто ги поврзува Бугарија, Македонија, Албанија, а потоа и Италија, односно Коридор 8 којшто ги поврзува Црното море со Јадранското. Исто така ќе ми дозволите да споменам дека сите оние коишто беа вклучени во овој проект се заслужни. А најзаслужни се оние коишто оставија дел од својот живот, вложија многу енергија, односно вложуваа многу енергија на дневна основа, и дење и ноќе, за да ова денеска што ние го поминавме со возот биде реалност и она кое што ќе се поминува во деновите коишто следат“, додаде Мицкоски.
Министерот за транспорт и заменик-претседател на Владата, Николовски кажа дека со голема заслуга и на директор на Македонски железници транспорт, директор на Македонски железници инфраструктура, ќе почне редовната линија Куманово-Скопје, а во одредени денови ќе има до Бељаковце нормално обраќање на возовите.