„НЕРАЗУМНОТО РАСФРЛАЊЕ НАРОДНИ ПАРИ ЗА ПАТНИ ТРОШОЦИ ПРОДОЛЖУВА“: Левица со остра реакција, еве колку пари се трошат секоја година
Објавено во: Македонија 17 Јануари, 2025
Од политичката партија „Левица“ денеска со нова реакција на трошоиците кои ги издвојува Собранието за плаќање на познатите „патни трошоци“ за пратениците.
- Неразумното расфрлање со народни пари од пратениците во име на патни трошоци продолжува. За удобно патување на претставниците во законодавниот дом од народни пари е платено 300.000 евра за изминатата 2024 година, односно околу 280.000 евра е потрошено за претходната 2023 година - пишува во соопштението на „Левица“.
Од таму велат, дека поради овие причини, нивните пратеници во понеделник до Собранието ќе поднесат Закон за патни трошоци со кој драстично ќе се намали расфрлањето со народни пари од страна на пратениците.
- За време на мандатот на претходниот собраниски состав, пратениците инкасирале над еден милион евра. Расфрлањето со народни пари за претходните години изгледа вака:
– За 2019 година исплатен износ од 390.993 евра;
– За 2018 година исплатен износ од 522.930 евра;
– За 2017 година исплатен износ од 512.000 евра;
– За 2016 година исплатен износ од 698.797 евра;
– За 2015 година исплатен износ од 770.883 евра;
Покрај злоупотребата на патните трошоци, (гориво, патарини, амортизација), добар дел од пратениците наплаќале кирии во висина од 400 евра месечно. Дел од нив наплаќале за кирии и покрај тоа што поседуваат станови во главниот град. Арач кој е дополнително наплатен врз грбот на граѓаните. „Битката“ за најмногу потрошени народни пари по овој основ ја водат пратениците на ДПМНЕ, кои се во блага предност пред пратениците на СДС, а за овој мандат во „битката“ им се приклучија и пратениците од ЗНАМ - укажуваат од „Левица“.
Потоа потсетуваат дека Левица го оспори незаконското наплаќање патни трошоци на пратениците, кое започна во времето на груевизмот од 2006 година. Тогашниот претседател на Комисија за прашања на изборите и именувањата - Трајко Вељановски кој заедно со уште 13 пратеници од ДПМНЕ и СДС донесе „Одлука за висината на надоместоците на пратениците за користење автомобили во лична сопственост за службени цели и надоместок на трошоци за патарина“. За жал, Уставниот суд тогаш потврди зошто ужива „доверба“ од 2 отсто и ја отфрли иницијативата на Левица.
- Левица е пет години парламентарна партија, но за патни трошоци нема наплатено ниту денар. Покрај иницијативата на Уставен нашите пратеници поднесоа и Закон за патните трошоци на пратениците во 2021 година, којшто заеднички беше одбиен од широката коалиција, иако во нивните предизборни програми сите имаа вакво ветување! - се нагласува во соопштението.