Анкета: Лавот на дофат на тупаницата, се намалува предноста на ВМРО-ДПМНЕ!
Објавено во: Македонија 26 Ноември, 2016
Анкета: Лавот на дофат на тупаницата, се намалува предноста на ВМРО-ДПМНЕ
Се топи предноста на ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ се приближува до рејтингот на владејачката партија. Според последната анкета направена од агенцијата „М проспект“ разликата меѓу двата најголеми ривали во моментов е 4,8 проценти во корист на партијата на Никола Груевски.
Според резултатите кои ги објави Телевизија Телма на прашањето „За кого би гласале ако изборите се одржат утре“ 23,7 проценти одговориле дека гласот би го дале за ВМРО-ДПМНЕ, а 18,9 за СДСМ.
Анкетата е спроведена во периодот од 6 до 20 ноември по методот лице в лице на примерок од 1.000 испитаници.
Овие податоци покажуваат дека разликата меѓу овие две партии е преполовена во споредба со ситуацијата во 2014 година во корист на СДСМ. Тогаш анкетата на агенција блиска до ВМРО-ДПМНЕ „Институт Димитрија Чуповски“ направена непосредно пред изборите, а која беше најблиску до конечните резултати, покажа дека 28,4 процент од испитаниците се изјасниле дека се за ВМРО-ДПМНЕ, а 14 отсто рекле дека ќе гласаат за СДСМ. Според таа анкета прогнозата беше дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе освои 63 мандати, а СДСМ и коалициските партии дека ќе имаат 31 пратеници. На изборите Груевски беше победник со 61 пратеник, а Заев освои 34 пратеничко место.
Но, дали можеби конечниот збор ќе го имаат неопределените, разочараните или оние кои ќе молчат се до 11 декември, а чиј процент во моментов е 33 проценти. Од нив, 14,9 отсто рекле дека се уште не одлучиле за кого ќе го дадат гласот, 18,2 проценти одбиле да одговорат, а 18,5 изјавиле дека нема да гласаат.
Најновата анкета пред изборите на 11 декември покажува и дека разликата меѓу двете најголеми партии во албанскиот блок ДУИ и ДПА се намалила и изнесува 2,9 проценти. Односно анкетираните испитаници рекле дека за ДУИ би гласале 6,2 проценти, а за ДПА 3,3 отсто. Според анкетите пред претходните избори разликата меѓу партиите на Али Ахмети и Мендух Тачи беше 3,6 проценти.
Според резултатите на анкетата, на избори повеќе сакаат да одат Албанците во земјава. А, 6,3 проценти од нив рекле дека би можеле да гласаат за СДСМ.
Анкетата покажала и дека ВМРО-ДПМНЕ голем дел од гласовите на изборите би ги добила од вработени во јавната администрација. 14,6 проценти од анкетираните рекле дека доколку дојде до промена на власта, сметаат дека ќе живеат подобро. За новата коалиција на чело со Беса рекле дека својот глас ќе го дадат 1,2 проценти.