Арапските држави размислуваат за нови санкции против Катар
Објавено во: Свет 30 Јули, 2017
Тензиите меѓу Катар и арапските држави во регионот изгледа се зголемуваат. Саудиска Арабија, Египет, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Бахреин се очекува да разговараат за наметнување на нови економски санкции против Доха, кога ќе се состанат во неделата, соопшти весникот "Ал Хаиат".
Четирите арапски држави ги прекинаа дипломатските врски со Катар на 5 јуни, обвинувајќи го емиратот дека поддржува терористички организации.
Министрите за надворешни работи на четирите земји "се очекува да наметнат санкции, кои постепено ќе влијаат на економијата на Катар", пишува весникот, цитирајќи неидентификувани извори во Персискиот залив, без да се даваат повеќе детали.
Бахреинската државна новинска агенција објави во саботата дека кралот Хамад бин Иса ал-Калифа ја поздравил соработката меѓу четирите земји во борбата против тероризмот.
Дипломатските напори предводени од Кувајт и со учество на САД и Турција, не успеаја да стават крај на забраната, која ги засегна патувањата и комуникацијата меѓу Катар и четирите земји.
Саудиска Арабија ја затвори копнената граница со Катар, додека и четирите држави ги скинаа воздушните и поморските врски со Доха, барајќи земјата извозник на гас да преземе неколку мерки, за да покаже дека ја менува својата политика.
Турција и Иран презедоа чекори за обезбедување на свежи производи, пилешко месо и млечни производи во Катар наместо Саудиска Арабија и ОАЕ, а Оман обезбеди алтернативни пристаништа на оние во ОАЕ.