19 Април, 2024
0.0597

Атанасоски: Прашање е колку Заев е психофизички силен и за премиер и за прв финансиер

Објавено во: Анализа 24 Јуни, 2019

Добивај вести на Viber

Премиерот Заев го предложи новиот состав на кабинетот кој сега е пополнет со нови кадри додека пак главното изненадување е одлуката тој самиот одреден период да биде и министер за финансии. За неопходните промени во начинот на кој функционира оваа власт, за финиширање на операцијата „Метла“ разговараме со политикологот Благојче Атанасоски.

Фактор: Со реконструкцијата на Владата предвидено е Заев покрај премиер да биде и министер за финансии додека пак Тевдовски негов советник. Дали ова е најчудната одлука која веќе се коментира со потсмев?

Атанасоски: Ова е веројатно првата ваква политичка одлука во тридецениската плурална историја на Македонија, во која првиот министер ( премиерот), воедно ќе биде и ресорен министер (во нашиот случај за финансии). Сепак, ова не е новина, или политички непознат „ преседан“, бидејќи пред извесно време и  во нашето соседство, кај јужниот сосед, поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу, беше истовремено и грчки министер за надворешни работи. На социјалните мрежи,веќе со потсмев и сарказам се коментира оваа одлука, бидејќи за нашите политички прилики е несвојствена и за прв пат најавена. Веројатно, намерата на премиерот е да има директна контрола во раководењето на „ државната каса“, и во редистрибуцијата на буџетот. Од една страна, ова е социјалдемократска влада, која согласно левичарските идеолошки вредности треба да работи на зголемување на финансиската помош за социјално ранливите категории на граѓани, пензионерите, и работничката класа, но од друга, оваа влада сака да остави впечаток  дека ќе биде економски развојна со капитални инвестиции, зголемување на БДП-кои ќе придонесат за зголемување на животниот стандарт на граѓаните. И да е најдобра намерата на премиерот, прашање е дали  психофизички,  и на практика, ќе може да се извршуваат и двете функции, да „ испорача“ резултати и како предводник на извршната власт, и како  прв финансиер во републиката. Овој „чуден“ политички потег, освен предвидени позитивни страни, крие и негативности кои може да се одразат врз функционалноста пред се на министерството за финансии.

Фактор: Метлата ќе подзачисти во владините ресори иако одредени функционери добиваат рокади, а дел ќе добијат пониски функции. Што е следниот чекор кој треба да го преземе власта на Заев, како ќе демонстрира дека ова не се само козметички измени?

Атанасоски:  Долгонајавуваната  „ метла“, ги даде своите првенствени резултати, и веќе имаме пополнување на испразнетите места во министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ( Трајан Димковски), кој од позицијата на досегашен шеф на кабинетот на досегашниот министер Љупчо Николовски ќе ја пополни оваа битна функција, и професорот Хисни Исмаили на министерското столче во културата, кој доаѓа како кадар на Алтернатива на Африм Гаши , на местото на Асаф Адеми. Досегашниот министер за животна средина Садула Дураку,  ќе ротира во новоформираното министерство за политички систем, а на неготово место ќе дојде Насер Нуредини. Од последните информации добиваме и потврда дека лидерот на ЛДП Горан Милевски, ќе седне на министерското место во локална самоуправа, но има и шпекулации дека помалиот етничко албански коалициски партнер во владата на Заев, НДП на Весел Мемеди не се согласува со оваа одлука, бидејќи досега нивни кадар го предводеше ова министерство. Во суштина, ова е  нормална одлука, на половина од мандатот на една политичка влада, која ја тресеа и непотистички и корупциски скандали, па оттука „ ова кадровско проветрување“ е добредојдено, за да се задоволи јавноста. Суштински побитна работа е дали, со оваа владина реконструкција, ќе има реални, видливи и практични резултати, во функционирањето на владиниот состав, односно граѓаните ќе почнат да ги чувствуваат најавените реформи и подобрувањето  на животниот стандарт. Кадровски, ќе видиме дали ќе има суштинска промена во финансиите ( предводени од премиерот), загадувањето кое е акутен, реален и можеби најголем проблем за граѓаните во зима, земјоделието и културата, бидејќи овие ресори добиваат нови персонални кадри. Доколку има  вистински и реални подобрувања  во односните сфери, да смената е добредојдена, доколку не, ќе биде како и секоја „ владина шминка“ во изминатите 27 години независност, во која „ министрите се менуваат, но ништо не променуваат“. Следниот чекор кој треба да го преземе власта на Заев, е насочување на енергијата кон економски реформи и резултати, и агилна работа со која ќе се постигнат тие ветени резултати.

Фактор: Ќе има ли оваа влада капацитет да ги преземе одговорностите за реформи на земјата кои се неопходни за продолжување на евроинтеграциите?

Атанасоски: Не е прашањето дали ќе има, туку ќе мора, за да Македонија го добие датумот за почеток на евроинтегративниот процес,за да ја реформира целокупно сликата во земјата и тоа на: политички, економски, административен, културолошки, стопански и секаков друг план. И не само оваа влада, туку и секоја идна, основно политичко „ вјерују“, доколку сака да биде влада на евроатлански колосек, ќе мора вистински и сериозно да се зафати со реформирање на земјата, и нејзино трансформирање во земја, подготвена за членство  во европската заедница. Не изгубивме години, туку децении во „ глумење на реформи“, и затоа сме таму каде што сме, на дното , дури и во споредба со балканските земји. Граѓаните се уморни, апатични и резигнирани, и немаме не година, туку ни месец повеќе за  политички акробации и создавање на илузии дека „ ние се променуваме по европски терк“.


Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!