Барањата на пазарџиите прифатени
Објавено во: Агробизнис 29 Август, 2018
„Денеска имаме добра причина што сме тука, кај пазарџиите, бидејќи нивните барања конечно добија одговор, преточен во win-win-win законско решение, со кое победуваат и трговците, и граѓаните, и ние како Влада. Трговците во зелените пазар засекогаш ќе го решат нивниот досега нерешен статус, граѓаните ќе знаат дека купуваат здрав и квалитетен производ, а ние како Влада со изнаоѓање на решение за поедноставна регистрација на дејноста на овие лица, ќе го намалиме бројот на невработени и нелојалната конкуренција, а со тоа ќе придонесеме за сузбивање на сивата економија“, рече министерот за економија Крешник Бектеши по работната средба со претседателот на Комората на трговци на Република Македонија, Екрем Долек, на кого му ги претстави донесените подзаконски акти од Законот за трговците во зелените пазари, со кои се регулираат условите и начинот на организирање на зелените пазари.
Имено, со потпишувањето на подзаконските акти од Законот за трговците на зелени пазари, конечно ќе се регулираат условите и начинот на организирање на зелените пазари, развојот на трговијата во самите пазари, ќе се утврдат субјектите кои можат да продаваат на зелените пазари, начинот на нивно регистрирање, како и нивните права и обврски. Воспоставена е едноставна постапка за регистрација, обврска за плаќање согласно со прописите за даноци, како и надзор над работењето. Решавањето на статусот на физичките лица преку регистрација на својата дејност во Комората на трговци овозможува тие да бидат составен дел од бизнис заедницата, а со тоа да ги користат поволностите кои важат за бизнис секторот.
Министерот Бектеши истакна дека на овој начин се воведува ред и во однос на безбедноста на храната, квалитетот на земјоделските производи и здравјето на растенијата.
„Владата преку Министерството за економија во соработка со Министерството за земјоделство и Агенцијата за храна и ветеринарство ги пропишува производите кои можат да се продадваат на зелените пазари“, посочи Бектеши.
Претседателот на Комората на трговци на Република Македонија, Екрем Долек, изрази задоволство од изнаоѓањето решение за овој долгогодишен проблем на трговците на зелените пазари: „Со потпишување на подзаконските акти дефинитивно се заокружи процесот на реализација на Законот за зелени пазари донесен во почетокот на оваа година и ова претставува голем чекор во оваа сфера, која не беше регулирана од осамостојувањето на Република Македонија. Пазарџиите имаа нерешен статус, секој работеше на своја рака и беше извор на нелојална конкуренција и сива економија. За многу кусо време сите овие негативни економски појави ќе станат минато, а со нашиот ангажман во соработка со пазарџиите ќе продолжиме кон подобрување на услугите кон граѓаните, за снабдување со производи со подобар квалитет, а од страна на организаторите на пазарите цврсто ќе бараме подобрување на условите за работа на пазарџиите. Оваа Влада покажа слух за реалните состојби и проблеми и политичка волја да изнајде клуч за нивно решавање“.
По состанокот министерот Бектеши и претседателот на комората Долек ги посетија и пазарџиите на скопски Битпазар.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.