Барањето на СЈО неосновано, судот не го одзема пасошот на министерката за култура
Објавено во: Македонија 31 Октомври, 2016
Судија на претходна постапка го одби барањето на Специјалното јавно обвинителство и не им ги одзеде пасошите на министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, и на уште еден осомничен во случајот „Тендери“.
Оваа одлука судијата ја донел по распитот на двајцата осомничени, во петокот. Барањето на СЈО, тој го одбил како неосновано и решението со кое се одбива предлогот за одредување мерки на претпазливост, односно одземање на пасошите и обврска осомничените еднаш во неделата да се јавуваат кај службеник во судот, го доставил до странките во случајот.
Против одлуката на судијата, Специјалното јавно обвинителство има право на жалба до Кривичниот совет на судот, во рок од 24 часа по добивањето на решението.
Министерката е првоосомничена во случајот за злоупотреба со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“, со што буџетот е оштетен за околу 54 милиони денари. Таа се товари дека местела тендер во корист на Бетон Штип.
Канческа-Милевска, по распитот рече дека станува збор за чист политички театар организиран од СДСМ и потпомогнат од СЈО.