04 Мај, 2024
0.0257

Бербата на грозје ќе започне порано и со повисоки цени од лани

Објавено во: Агробизнис 11 Август, 2013

Добивај вести на Viber

Подготвен за новиот гроздобер е најголемиот лозарски регион во земјава, Тиквешкиот. Од Винарските визби велат дека тој годинава ќе започне нешто порано, споредено со минатите години, бидејќи топлото време придонесе да се постигне потребната технолошка зрелост кај некои сорти.

Винарските визби биле празни, залихите на вино биле продадени, па се очекува интерес за годинешниот род на лозјата.  Од новата винарница која е во завршна фаза на градба со  германски капитал годинава ќе откупеле 12 милиони клограми грозје, најмногу вранец. Винаријата пак која исто така е во финална фаза на градба во селото Марена со американски капитал, исто така ќе откупува грозје оваа гроздоберска сезона. „Аневски” од Штип годинава планира да откупи вкупно 12 милиони килограми грозје или 3 милиони повеќе од лани, дознаваме од менаџерот на „Аневски”, Ѓорѓи Бебеџаков, пишува „Дума.мк“

Најголемата винарија, „Тиквеш“, вчера попладне ги објави откупните цени. Од таму рекоа дека тие биле повисоки за 20 отсто споредено со лани.

„Добрите позиции на неколку сорти на вина на „Тиквеш“ на одредени пазари и потенцијалот што постои е причина за зголемувањето на цените за откуп на високо квалитетното сорти  грозје. Од друга страна за да понудиме врвно вино на пазарите мора да имаме и квалитетно грозје“ рече Игор Илиевски, генерален директор на „Тиквеш“.

За долгогодишните партнери, винаријата ќе плаќала 40% повисок надомест како резултат на континуираниот квалитет.

„За килограм шардоне со 24 брикса цената е 17,6 денари. За коминтентите кои ќе добијат покани за берба на грозјето во гајби ќе се доплаќа по 2 денара за килограм. За мерло од 25 шеќерни единици цената е 15,4 денари. За совињон бланк со 23 брикса ќе се добива 16,5 денари, а 19 денари ќе се исплатуваат за 23 брикса траминец и темјаника“, велат од винаријата.

Зависно од квалитетот и шеќерноста на грозјето, посочуваат оттаму, ќе се добива и поголема цена. Цените за сортите смедеревка, вранец и кратошија дополнително ќе бидат соопштени.

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?