Бесими: Јавните инвестиции ќе го движат растот, автопатите и железницата ја менуваат економската слика
Објавено во: Економија 16 Ноември, 2023
Со Предлог-буџетот за 2024 година ја менуваме економската слика во земјата. Имаме проекции за повисоки расходи и приходи, но понизок дефицит и капитални расходи од 733 милиони евра. Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за Централниот дневник на МРТ во кое потенцира дека е најважна структурата на буџетот.
„Она што е важна е каква е структурата на Буџетот, бидејќи станува збор за пари на граѓаните и стопанството, што преку даноци се финансираат сите потреби. Така во предлог-буџетот за 2024 година имаме многу повисоки позиции во однос на претходната година. Приходите се планираат со раст од 10 отсто, расходите со раст од 5,8 проценти, што значи намалување на дефицитот на 3,4 отсто, кој во 2020 година, во време на Ковид беше 8 проценти. При тоа имаме зголемување на капитални расходи кои од 262 милиони евра во 2020 година се зголемуваат на 733 милиони евра, што е повеќе од два пати. Исто така, имаме 18 отсто раст во делот на плати, а притоа намалување на дефицит на 3,4 проценти, кој во 2020 беше 8 отсто од БДП“, истакна министерот Бесими.
Тој потенцира дека веќе е воспоставен тренд на реализација на капитални инвестиции од над 70-80 проценти и дека во оваа година веќе се реализирани 500 милиони евра инвестиции од планираните 730 милиони евра кои се пак за 95 отсто повеќе во споредба со претходната година.
„Имаме големи инфраструктурни проекти и тоа конкретни проекти кои се познати како автопатиштата на Коридор 8 и 10д, железничката пруга од Коридорот - 8 кон Бугарија, каде имаме грант, исто така финансирани проекти од ЕБОР за НОМАГАС и други како во образование здравство, енергетика. Тоа се конкретни проекти кои се веќе во тек и кои ја менуваат економската слика за идната година“.
Министерот очекува дека реализацијата на планираните капитални расходи, односно јавните инвестиции заедно инвестициите во приватниот сектор, за кои, исто така, има повеќе програми, ќе бидат моторот за економски раст, кој е проектиран на 3,4 отсто.
„Растот на економијата е проектиран на 3,4 проценти, а на што најголемо влијание ќе имаат јавните инвестиции кај кои има раст од околу 8 отсто, како и потрошувачката која ќе забележи раст со оглед на растот на платите кој е веќе реален од април наваму со оглед на тоа што раст на платите ќе има и во наредната година, а имаме едноцифрена инфлација“, посочи Бесими и додаде дека инпут ќе има и приватниот сектор.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.