Бизнисот за финансирање има уште само 15 милиони евра пари од странство додека се чека унгарскиот кредит
Објавено во: Економија 22 Ноември, 2024
Бизнисот ги чека 250-те милиони евра од унгарскиот кредит за да ги финансира своите инвестиции. Во моментов, како што дознава „Фактор“, од меѓународните кредитори може на фирмите да им се понудат како слободни само 15 милиони евра со ниска камата и тоа од Европската инвестициска банка.
Државната Развојна банка, како посредник во нудењето на меѓународните кредити за стопанството, во одговор за „Фактор“ вели дека од последната кредитна линија од 100 милиони ерва од Европската инвестициска банка, веќе пласирани се 85 милиони евра. И овие пари, како што е и замислата со унгарскиот кредит, се пласираат преку домашните деловни банки.
- Средствата од сите седум кредитни линии од Европската инвестициона банка, Развојната банка ги пласира преку деловните банки учеснички. Од последната кредитна линија ЕИБ 7 во износ од 100 милиони евра, останати се уште 15 милиони евра, за кои банките се во фаза на обезбедување проекти од домашните компании, гласи одговорот кој го добивме од Развојната банка на РСМ.
Во моментов не постојат официјални информации колку пари издвојува државата од буџетот за субвенционирање на каматите од овие кредити. Од Развојна банка додаваат дека тие како институција се само посредници, додека субвенционирањето на камататa е работа на Министерството за финансии.
Од последниот годишен извештај за 2023 на Развојна банка, може да се види дека во домашните деловни банки во текот на минатата година се администрирале околу 270 милиони евра како кредити од меѓународните банки за поддршка на локалниот бизнис во Македонија. Овие средства за една година се зголемиле за плус 40 милиони евра.
Инаку последната вест од викендот е дека во однос на каматата за унгарскиот кредит, наменет за стопанството, сè уште не е постигнат договорот, а во однос на рочноста ќе се даде можност, во зависност од барањето на клиентите, да се користи одложен период за отплата до три години и вкупен период на отплата до 15 години.
Македонската влада го доби овој кредит од Унгарската експорт-импорт банка со камата од 3,25 проценти, грејс-период од 3 години и рок на отплата 15 години. Кредитот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати. Преку банките, Владата инсистираше да се пласира кредитот со иста камата како што е добиен унгарскиот заем – 3,25 проценти. Владата најави субвенционирање на каматата, но побара од банките и тие да учествуваат во субвенционирањето. Министерството за финансии секоја од банките посебно ќе ја седне на маса за да ги испегла разликите и да ги дефинира критериумите под кои стопанството ќе ги добие парите од унгарскиот кредит. Премиерот Христијан Мицкоски последно што изјави е дека очекува до почетокот на следната недела со банкарите да ја дефинираат конечната позиција за каматната стапка што ќе ја плаќа стопанството за да ги користи парите од купчето 250-те милиони евра.
А.К.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.