ГРАЃАНИТЕ УТРИНАВА „ГЛУМАТ“ АВТОБУСИ: Се собираат од автобуски, за сите да можат да стасаат каде што треба
Објавено во: Македонија 21 Ноември, 2024
Апел до сите што одат на работа со сопствено возило да застанат на најблиската автобуска станица и да прашаат студенти, пензионери дали има некој да превезат до попатната дестинација, е само еден од апелите што скопјани ги споделуваат на социјалните мрежи како резултат на немањето градски автобуси.
Скопјани гневни и револтирани, утринава мора да се снаоѓаат како знаат и умеат за да стасаат до своите работни места, училишта и на други места каде што утринава треба да бидат.
-Со часови се чека, ова во ниту еден нормален град го нема. На крајот сите плаќаме такси и покрај тоа што уредно сум си платила слободна за да ја користам. Кој ќе ми ги врати парите што јас сега не можам да користам јавен превоз? прашува една скопјанка.
Трпението на граѓаните веќе го нема, па утре се организира и протест заради ваквата состојба.
На протестот кој е во организација на градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш ќе се придружат и студентите кои се едни од најголемите корисници на јавниот градски превоз.Тие бараат од градоначалничката Данела Арсовска да најде решение за проблемот.
Од Синдикатот на ЈСП информираа дека возилата немаат нафта. Веќе неколку недели автобусите едвај возеа заради недостигот.
Како што информираа оттаму, нема дистрибуција на нафта од „Пуцко Петрол“ за ЈСП „Скопје“ поради голем долг.
Африм Муча, претседател на Независниот синдикат на возачите во ЈСП, вели дека состојбата е многу сериозна, дури и алармантна, бидејќи речиси 70 проценти од возилата се паркирани.
Град Скопје со обвинувања до премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ. Градоначалничката тврди дека станува збор за смислено сценарио од страна на ВМРО-ДПМНЕ со цел пропаѓање на претпријатието.
Решение за ситуацијата понудија приватните превозници кои велат дека имаат автобуси за да го покријат целиот град. Но велат дека прво мора да се решат и некои нивни проблеми.
Приватните автобуски превозници во Скопје „Јофи бус“, „Вестор транс“ и „Радос компани“ апелираа до надлежните за свикување проширен состанок со цел решавање на проблемот со јавниот превоз во главниот град.
Како причини поради кои не сообраќаат според зададениот возен ред, приватните превозници ги наведуваат неподмирените долгови кон нив од јуни годинава, недостаток на верификувани извештаи за јули, август, септември и октомври, како и ниската цена која им се плаќа за изминат километар, со која не можат да ги покријат основните трошоци.
Оттаму посочуваат дека располагаат со 200 автобуси кои не се максимално искористени, а со кои може да се пополни недостатокот на автобуси на ЈСП. На дневно ниво, како што велат оттаму, во Скопје недостасуваат од 160 до 200 автобуси.
Дали оваа „шпанска серија“ конечно ќе заврши и граѓаните ќе добијат квалитетен и навремен градски превоз, останува да видиме.
Ф.Р.Фото: Фактор