БОЖИНОВСКА: Македонија до 2030 со 15.000 зелени работни места, помали сметки за струја - зелени можности за соработка и со Германија
Објавено во: Економија 03 Декември, 2024
15 000 зелени работни места, 30 oтсто пониски сметки за струја и инвестиции од над 1 милијарда евра, очекува Македонија до 2030 година - нови можности за соработка и со германски компании. Министерката Божиновска се обрати на конференцијата за инфраструктура на обновливи извори на енергија, организирана од АХК Северна Македонија.
Министерката за енергетика, Сања Божиновска, денес се обрати на отворањето на стручната конференција посветена на проширување на инфраструктурата за обновливи извори на енергија во регионот, организирана од АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските стопански комори. Настанот претставува дел од делегациската посета на шест германски компании специјализирани за иновативни решенија во енергетскиот сектор.
Во своето обраќање, министерката Божиновска ги претстави тековните и планираните активности на Владата во насока на забрзување на енергетската транзиција, вклучувајќи го и новиот Закон за енергетика кој стапува на сила во 2025 година. Таа нагласи дека Македонија бележи пораст на инвестициите во обновливи извори на енергија, со посебен акцент на развојот на соларните и ветерните капацитети, како и на проектите за складирање енергија.
„ Македонија е подготвена да го искористи својот потенцијал за обновливи извори на енергија и да прерасне во регионален лидер во зелената транзиција.Трансформацијата ќе генерира повеќе од 15 000 зелени работни места до 2030 година, во сектори како што се изградба, одржување и менаџирање на обновливите капацитети и во наредната деценија се очекуваат инвестиции од над 1 милијарда евра што ќе го поттикнат локалниот економски раст. Ќе се намалат трошоците за електрична енергија преку зголеменото домашно производство и намалена зависност од увоз, домаќинствата и бизнисите ќе имаат до 30% пониски сметки за електрична енергија до 2030 година. Со реализирање на планираните проекти, Македонија ќе стане нето извозник на електрична енергија, со потенцијал да генерира повеќе од 300 милиони евра годишно од извоз на обновлива енергија.“ истакна министерката Божиновска.
Конференцијата, на која присуствуваа повеќе од 80 претставници од македонски и германски компании, понуди можност за директни деловни средби и размена на искуства. Големиот интерес за настанот, укажува на растечката важност на зелената енергија како фактор за привлекување на странски инвестиции и регионална соработка.
„Германските инвеститори сè повеќе гледаат на зелениот енергетски потенцијал како клучен елемент при донесувањето на одлуки за инвестирање. Нашата цел е Северна Македонија да ја позиционираме како атрактивна и одржлива дестинација за ваков тип инвестиции.“ додаде Антје Ванделт, директорка на АХК Северна Македонија, Албанија и Косово.
Настанот претставува важен чекор кон зајакнување на партнерствата помеѓу компаниите од Северна Македонија и Германија, создавајќи основа за понатамошна размена на знаења и технологија во областа на обновливите извори на енергија.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.