МАКЕДОНСКИТЕ ПЛАТИ ЗАОСТАНУВААТ ВО ОДНОС НА ТИЕ ВО РЕГИОНОТ: Граѓаните се разочарани, велат младите допрва ќе бегаат во странство
Објавено во: Економија 04 Декември, 2024
Граѓаните се разочарани од фактот дека македонската минимална и просечна плата се најниски на просторот на поранешна Југославија. И Босна ја зголеми минималната плата на 600 евра, а кај нас е неизвесно дали идната година ќе имаме минималец од 450 евра. Во август годинава е договорено дека од 2025 година, српските работници ќе примаат минималец од 457 евра. Во Црна Гора минималецот е 600, односно 800 евра, зависно од тоа дали работникот е со средно или високо образование. Со Хрватска и Словенија одамна не можеме да се споредуваме, тие се далеку подобри од наведените земји од поранешна Југославија. Граѓаните чувствуваат дека економски заостануваме и бараат час поскоро платите да се зголемат.
„Разочарани сме, децата ни бегаат. Платите и пензиите да се покачат, да ни останат младите тука. Ние сме најбедни. Моето дете е во странство, и мораат младите да бегаат, овдека нема живот“, додава Вера Илиќ, граѓанка.
Граѓаните велат дека треба да се има предвид дека во Босна имаше страотна граѓанска војна, која направи големи штети на земјата, но платите говорат дека тие побрзо напредуваат од нас.
„Чувствувам дека заостануваме, но навикнавме веќе, никогаш не сме биле подобри. Што да се зборува? Мораат младите да бегаат. Јас каде што живеам во населбата, останаа само стари луѓе. Преку зима и тие одат кај децата. Но, како ќе каже власта, така ќе биде, ама и од нас зависи“, додава Богица Тасевска, граѓанка.
Друга жена вели дека во иднина во Македонија ќе биде многу полошо, ако нешто итно не се промени.
„Штом немаме пари, нормално дека ќе бидеме разочарани. Можно е работната сила да ни бега и понатаму“, додава таа.
Младите се иселуваат, а Македонија пак ќе мора да „увезува“ работна сила од други држави. Инаку, Државниот завод за статистика(ДЗС) објави дека во третиот квартал годинава во државава имало 10.010 слободни работни места, а најголем број односно 1.950 се во услужните дејности и продажба.
„Во секој случај останува негативниот впечаток дека на Балканот назадуваме многу и дека сите нè поминаа. Тоа е од несоодветната политика на државата и поставувањето на лимити и за развој на бизнисите и на економијата. Реално Македонија остана без работна сила, емиграцијата која почна од 2011 година си го зеде данокот и популацијата која ја таргетираме е преполовена, поради проблеми со намалениот наталитет и делумно и тоа што сепак заминувањето од Македонија остана како негативен фактор, само заради бегање од реалноста. Младите не се многу мотивирани за работа, го бараат полесниот метод. Мислам дека ќе биде тешко. И да сакаме да направиме промени, немаме капацитет во државата. Политиката на размислување треба да се промени. Оваа државата нема да може без „увоз“ на работна сила“, објаснува Зоран Кочоски од Коузон Корпорација.
Просечната плата во Србија годинава беше нешто над 850 евра и се приближува кон износот од 900 евра, просечната плата во Црна Гора во октомври изнесувала 944 евра, додека во Босна и Херцеговина(БиХ) просечната плата e 713 евра, а во Хрватска е 1.322 евра. Во Словенија просечната бруто плата годинава беше над 2.300 евра. Во земјава просечната плата во септември изнесуваше 41.585 денари, односно околу 690 евра.
Сања Атанасовска
foto freepik.com
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.