23 Април, 2024
0.0360

Браво за приватните, но има ли спас за државниот пензиски фонд?

Објавено во: Анализа 27 Октомври, 2012

Добивај вести на Viber

По изјавата на министерот Спиро Ристовски дека државниот пензиски фонд се наоѓа во тешка состојба, и дека таа ситуација, во која огромни суми пари од буџетот се одвојуваат за полнење на Фондот за пензиско осигурување, е неодржлива, денеска беше презентирана и една добра вест. Сепак, таа се однесува само на приватните пензиски фондови кои, како што изјави министерот, од предвремената продажба на еврообврзницата оствариле капитална добивка од околу 10 милиони евра. Тоа според Министерот е успех, според опозицијата, со предвремената отплата е изгубена многу поголема добивка. Настрана тоа, Ристовски генерално смета дека резултатите од досегашниот период на функционирање на вториот пензиски столб, покажуваат успех и раст на фондовите и во бројот на членови и во висината на средства со коишто управуваат. Ќе речеме БРАВО за приватните пензиски фондови, но во исто време не можеме да ја заборавиме дилемата што пред неколку дена ја наметна самиот министер, за одржливста на државниот пензиски фонд. -Имаме запрепастувачка ситуација на еден пензионер во моментот да работат и одговараат за него 1,7 вработени лица што е тешко одржливо за целокупниот пензиски систем во Република Македонија, а до пред 20 години за потребите на еден пензионер работеа четири до пет лица – рече Ристовски, апелирајќи сериозно да се сфати ризикот од намалувањето на наталитетот. Проблемот и јавно беше обелоденет, но денеска не чувме од министерот, дали има најави дека се планираат било какви мерки за подобрување на ситуацијата, иако се знае дека таа дополнително ќе се влоши во март идната година, за кога е најавено ново зголемување на пензиите, овој пат за 5 проценти! 300 милиони евра е годишната дупка на Фондот за ПИОМ! На Фондот за ПИОМ потребни му се околу 750 милиони евра годишно за пензии, но од придонесите што ги уплаќаат вработените собира не цели 450 милиони. За да обезбеди редовни пензии, Владата годинава директно од буџетот префрли во Фондот рекордни 287 милиони евра, или речиси исто колку и за капитални инвестиции. Праксата да се „помага“ ПИОМ не е нова, бидејќи пензискиот систем веќе дваесетина години не е самоодржлив, но последниве години зазема драматични размери. Така, само во однос на лани сумата што се трансферерира од буџетот е зголемена за 54 милиони евра, а во однос на 2008 година за цели 100 милиони евра!. Следната година пак, со зголемувањето на пензиите ќе требаат минимум дополнителни 50 милиони евра. И покрај крајно загрижувачките показатели, владата сепак, не планира значајни реформи што би ја вратиле виталноста на пензискиот систем. Годинава имаше само мало намалување на основицата за идните пензионери, но, според упатените, сериозен импакт може да се почуствува само преку зголемување на старосната граница за пензионирање, по примерот на многу европски земји. Сепак, ваков потег е малку веројатен, со оглед на политичките импликации од него. Сите надежи остануваат во приватните пензиски фондови, кои за неколку децении треба да понесат посериозен дел од товарот, но прашање е како државниот буџет ќе може да го премости тој период. М.Г.