29 Април, 2024
0.0236

ЦЕФТА одлучува, Македонија ќе биде прогласена виновна во трговскиот спор со Србија?

Објавено во: Агробизнис 22 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

Во текот на денешниот ден ќе биде познато кој ги прекршил, а кој не правилата на ЦЕФТА, во трговскиот спор Македонија-Србија. На денешниот состанок, членките на ЦЕФТА треба да се произнесат за македонската мерка за условен увоз на пченица и брашно. Од српска страна, надлежните министерства се убедени дека ЦЕФТА ќе упати официјално барање до Македонија да ја укине мерката за условен увоз на пченица и брашно од Србија. Државниот секретар на српското Министерство за земјоделство Данило Голубовиќ, за тамошните медиуми вчера изјави дека со македонското министерство имаат постигнато договор, мерката за ограничен увоз на пченица да се укине до 15 август, а за брашно до 1-ви септември. Но појасни дека сепак треба тој договор и официјално да се верификува. На денешниот состанок ќе присуствуваат сите членки освен Молдавија, која испратила писмено известување дека Македонија треба да ја укине мерката. Како што зијави Голубовиќ, тие веќе  добиле ветување, дека овој состанок  членките од заедничкиот Комитет ќе се договорат, во иднина доколку некоја земја неколку години по ред воведува мерки како Македонија и ги крши правилата на ЦЕФТА, земјата кон која се насочени тие мерки да има право веднаш да воведе реципрочни мерки без да бара дозвола од ЦЕФТА. Мерката не се укинува И по двете средби што се случија изминатиот период меѓу Димовски и срспскиот министер за трговија Расим Љајиќ, двајцата пред медиумите излегоа со изјави, дека трговскиот спор ќе се реши во корист на двете земји. И додека Србија е убедена дека Македонија порано од планираното ќе ја укине мерката, македонскиот министер за земјоделство Љупчо Димовски, порача- мерката останува да важи до крајот на годината, односно до стабилизација на пазарот. Засега не може со сигурност да се потврди дали стабилизацијата ќе се случи до датумите кој ги постави Србија. Пред две недели на средба со мелничарите, лично министерот Димовски им порача на мелничарите, овој период да го забрзаат откупот на домашната пченица. Како образложение беа посочени лошите временски услови. Сепак мелничарите тогаш изјавија дека на состанокот не станало збор за укинување на мерката. Зад ваквиот забрзан откуп на домашната пченица се крие друга причина, коменитраат извори за Фактор. Колку побрзо се собере домашниот род, толку побрзо ќе може да се укине мерката. Добро упатени извори велат, дека планот е оваа година мерката да се укине порано од лани, односно најверојатно наесен. Но очигледно работите на терен не се одвиваат во насока на планираниот забрзан откуп. Од опозициската СДСМ велат дека во битолско-прилепскиот регион, дворовите се полни со пченица, поради немањето интерес од страна на откупувачите да ја платат по 15 денари за килограм. А дел од земјоделците пченицата ја продаваат на трговци кои плаќаат во кеш. Порачуваат дека мерката за условен откуп е контрапродуктивна - Наместо секоја години да гаси пожари, на Владата треба да и е јасно дека неможе да ги заштитува земјоделците со прекршување на договори или на грбот на мелничарите. Долгорочното решение е да овозможи земјоделците со 50% поефтина нафта, квалитетни и регресирани семе и ѓубрива, да ја намалат производната цена на пченицата и со тоа македонската пченица да биде конкурентна на увозната, стои во соопштението од СДСМ Димовски- Србија нема да воведе реципрочни мерки Министерот Димовски е уверен дека Србија, и покрај  најавите, нема да воведе реципрочни мерки за македонското вино и домати. Извори за Фактор коментираат дека најверојатно ова е потврдено и од српска страна. Тој вчера појасни дека мерката важи за сите држави, а не само за Србија. - Взаемен е заклучокот дека до стабилизирање на пазарните услови и редовниот откуп на пченицата од годинешната реколта мора да се дојде за што е потребно да се применува мерката, изјави Димовски. Од друга страна пак, српскиот државен секретар за земјоделство Голубовиќ, уште еднаш потсети, дека Македонија со ваквата мерка ги крши ЦЕФТА договорите и за тоа не треба да има никакво сомневање. -Македонија е наш традиционален партнер и сакаме да имаме добри економски односи. Затоа треба да се најде заеднички јазик за за да не би се влегло во “трговска војна”, изјави вчера Голубовиќ за српски Танјуг. Македонија мерката за условен увоз на пченица ја воведува четери години. Со неа се предвидува мелничарите за секој увезен еден килограм пченица, да откупат три килограми домашна пченица, а за увезен еден килограм брашно да треба да откупат четири килограми пченица. Оваа година Србија одлучи да возврати. Најави дека ќе воведе реципрочни мерки кон Македонија, односно дека ќе го ограничи увозот на македонско вино и домати, доколку Македонија не ја повлече мерката. Ј.С

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?