06 Октомври, 2024
0.0243

ИНТЕРВЈУ Маја Парнарџиева Змејкова: во 2014-та ќе обезбедиме поквалитетни здравствени услуги!

Објавено во: Мои пари 03 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Кога пред пет месеци се врати на челната позиција на Фондот за здравство Маја Парнаџиева Змејкова ја изненади јавноста, која не ја очекуваше повторно на директорската позиција. Сепак, повторното назначување на Змејкова не ги изненади аналитичарите, кои го посочуваат нејзиното искуство и експертиза во раководењето на Фондот за здравство. Со оглед на буџетот од 370 милиони евра предвиден за 2014 година, Фондот за здравство останува да биде една од финансиски најмоќните институции во државата. Затоа Фактор се реши на крајот на годината да поразговара со директорката на  Фондот за здравство, Маја Парнаџиева Змејкова, која одговара на прашањата кои преставуваа и ќе преставуваат проблемски аспекти во работата на фондот. Фактор На крајот на 2013 како ја оценувате финансиската состојба на Фондот за здравство. Дали буџетските расходи и приходи се на планирано ниво, постојат ли критични точки? Парнаџиева Змејкова ФЗОМ, 2013 година ќе ја заврши блиску до проценките, односно согласно предвидениот буџет за годината. Согласно очекувањата дека наредната година економијата ќе има нагорен тренд, истото неминовно ќе се рефлектира во ФЗОМ преку зголемени придонеси за здравствено осигурување. Имено во Предлог Буџетот на РМ за 2014 година, предвидено е ФЗОМ да располага со 22,7 милијарди денари или за скоро 350 милиони повеќе од буџетот предвиден за тековната година. Прашање Фактор Проектот за воведување на електронските здравствени картички е еден од проектите кои привлекоа најголемо влијание на јавноста. Проектот за воведувањето на здравствените картички имаше неколку пробивања на роковите, имаше и промена на на плаќањето на легитимациите, од бесплатни во платени. Како од сегашна перспектива го оценувате спроведувањето на проектот, и кои поволности сега се најмногу видливи за граѓаните? Парнаџиева Змејкова - 1.1 милион жители на Македонија веќе имаат електронска здравствена картичка и истата можат да ја користат како замена на синиот картон. Постепено обезбедуваме осигурениците, здравствените работници и фирмите да можат своите права да ги остваруваат електронски, без да доаѓаат на шалтерите во нашите подрачни служби. Фондот континуирано работеше на имплементација на повеќе проекти за осовременување на својот информационен систем во изминатите три години и резултатите и ефектите постепено почнуваат да се чувствуваат: Овластените лица од фирмите можат да ги пријавуваат или одјавуваат вработените во нивните фирми и членовите на нивните семејства во здравствено осигурување преку интернет со користење на дигитални потписи со електронски здравствени картички, матичните лекари можат електронски да ги пријавуваат новите пациенти со електронски здравствени картички, осигуреникот може да врши избор или промена на избран матичен лекар електронски, кај матичниот лекар и во истиот момент да добие здравствени услуги со електронски здравствени картички. Како додадена вредност е тоа што со овие електронски услуги постепеното ќе се укинува хартиената достава на документите. Значи водиме сметка и за заштита на животната средина, сакаме на нашите деца да им оставиме здраво место за живеење. Така на пример, потпишувањето на новите Договори, веќе од јануари 2014 ќе биде електронски, со користење на електронската здравствена картичка. На тој начин околу 4.000 Договори и анекси кои се потпишуваат во текот на годината ќе бидат потпишани електронски и ќе се скрати непотребно печатење на околу 320.000 страни хартија. Фактор Дел од граѓаните кои не поднесоа барања за електронски здравствени картички во предвидениот рок се жалат дека и после неколку месеци сеуште чекаат изработка на електронски картички. На што се должи овој застој, и постои ли опасност луѓето кои од различни причини сеуште немаат електронски картички да останат без здравствено осигурување? Парнаџиева Змејкова Точно е дека сега се заокружува проектот за издавање на електронска здравствена картичка. И како секој голем проект, во кој практично е вклучен секој граѓанин во нашата држава, потребна е дисциплина. Свесни сме исто така и дека повеќето од нас сепак секогаш реагираат на крајниот рок. Токму затоа, знаејќи го тој факт, уште кога го најавивме стартот на проектот, инсистиравме во определен период, определена категорија да ни биде примарен таргет. Прво беа државните службеници, па фирмите, па пензионерите. Практично, сега на ред се пензионерите, но и сите оние кои досега од било која причина не поднеле барање за издавање на езк. Да повториме, електронските здравствени картички се доказ дали осигуреникот има здравствено осигурување. Што значи, се додека осигуреникот не ја добие ЕЗК, а има поднесено барање, ќе добива сини картони како доказ дека има здравствено осигурување, што значи не може во никој случај да му биде ускратено правото на здравствено осигурување. Уште 180.000 граѓани не поднеле барање за издавање на електронски здравствени картички и затоа упатувам апел тоа да го сторат итно до подрачните служби на Фондот. Оние пак граѓани што доставиле барање, наместо да доаѓаат во подрачната служба, да се јават на бесплатниот телефон 0800 33 222 секој работен ден од 8.30 до 20:00 часот на мобилен 076/339 180 од 12.00 до 20.00  или на маил info@fzo.org.mk или helpdesk@fzo.org.mk и прво во прозорчето мое осигурување на веб страната на фондот www.fzo.org.mk да проверат  дали им се изготвени електронските здравствени картички или да проверат. ЛЕКОВИТЕ ПОЕВТИНУВААТ, ЗДРАВСТВЕНИТЕ ТРОШОЦИ РАСТАТ Фактор Пред новогодишните празници Фондот за здравство направи уште едно намалување на цените на лековите. Имате ли анализи за финансиските ефекти од досегашните намалувања за Фондот ? Парнаџиева Змејкова Проверките и усогласувањата на референтните цени за лекови кои ги плаќа Фондот се вршат по транспарентна методологија со која ги споредуваме цените на лековите во нашата држава и регионот (Србија, Бугарија, Словенија, Хрватска). Со оваа ревизија има намалувања на цени, но има и зголемувања на цени на лекови за кои плаќа Фондот, а најголемиот дел од цените за лекови кои се подигаат во аптека не се променети. Фондот сега обезбедува за 3,5% повеќе лекови без доплата по генерика, односно генериките за прв пат станаа без доплата,  што значи околу 76,5%, или рекордни 299 терапии – имаат сега барем еден лек без доплата. Тоа истовремено значи и заштеди за Фондот од 88 милиони денари и за осигурениците од 31 милиони денари. Вкупните заштеди се проценуваат на околу 119 милиони денари годишно. Проценката на финансиските ефекти за лекови за примарната здравствена заштита, односно за лекови кои можат да се подигнат на рецепт на товар на ФЗОМ во аптека, се прави врз база на добиените податоци за потрошените лекови кои аптеките ги доставуваат до Фондот. Дополнителни заштеди има и во болниците. Со претходните ревизии и континуираните намалувања на единствените и референтните цени на лековите, Фондот ја остварува целта за обезбедување на повеќе лекови за осигурениците и лекови со максимално избалансирани цени согласно прописите, актуелните состојби и можностите. Фактор Иако со сите намалувања на лекови се потенцира дека граѓаните добиваат поевтини лекарства, дел од граѓаните се жалат дека одредени фреквентни лекови не се намалени, или дека се благо поскапени. Одредени аналитичари посочија дека намалувањата на лековите на Фондот се движи во насока на поевтинување на лековите кои се користат поретко, и така ефектот за граѓаните не е позитивен. Парнаџиева Змејкова - Во однос на генериките на лекови, бидејќи позитивната листа е креирана на тој принцип и дава можност за избор на лек, на што се надоврзува и системот на референтни цени на лекови, сега имаме 76,5% лекови по генерика без доплата наместо 20% во 2009 година, што значи 4 пати подобра состојба за 4 години. Тоа е многу позитивен ефект. Стратегијата на ФЗОМ е 100% од терапиите да се со барем 1 лек без доплата до крајот на 2014 година. За секој лек каде е направено намалување на референтната цена има адекватни 170 лекови со намалена доплата – со што повторно бенефит имаат граѓаните. Последните измени на Фондот осигураа и намалување на партиципација на 110 лекови со намалените цени на лекови. Прашање на избор е дали осигуреникот ќе подигне лек на рецепт на товар на Фондот со или без доплата. Со постапката за референтни цени на лекови од примарната позитивна листа, во 2013 година се обезбедени 442 лекови без доплата по заштитено име, во 2009 година биле само 166 лекови без доплата по заштитено име од различни производители. Бројот на готови лекови без доплата очекуваме да расте и понатаму заради ефектот од конкуренцијата на пазарот на лекови. Сите овие бројки ги демантираат како што велите вие аналитичарите во нивните паушални тврдења. За можноста за подигнување на лек без доплата на товар на Фондот и за доплатата за секој лек, фармацевтскиот кадар и докторите во аптеките задолжително треба да ги информираат осигурениците соодветно на индивидуално пропишаната терапија. За осигурениците е видлив делот за доплатите и партиципациите на лекови што тие ги плаќаат,  додека пак референтната цена за нив не е видлива и тие не је плаќаат, т.е. референтната цена за лек ја плаќа Фондот заедно со надоместокот на аптеките. Фактор Во однос на намалувањето на лековите, контрадикторни информации доаѓаат и од Заводот за статистика. Нивните бројки покажуваат дека постои зголемување на трошоците за лекови од 11,6 % во првите девет месеци годинава во однос на лани. Како би ги коментирале овие податоци? Парнаџиева Змејкова Од аспект на Фондот може да кажеме дека ние ја следиме потрошувачката на лекови од позитивната листа кои се издаваат на рецепт на товар на Фондот во аптеките и не можам да коментирам податоци на Завод за статистика каде се дава преглед за сите лекови, и на оние кои се вон Позитивната листа. Од наш аспект, констатираме дека потрошувачката на лекови контиунирано е во пораст, но во рамките на истиот буџет покриен од ФЗОМ, значи зголемени трошоци за лекови во нашиот сегмент не постои – напротив, се намалува. Имено, од 2008 година до 2012 година бројот на рецепти е зголемен за 70%, а износите за лекови во ПЗЗ се зголемени за околу 50%. Паралелно работиме и на подигннување на свеста на нашите граѓани да не користат лекови на своја рака. Една од целите на Фондот е и афирмација на рационалното користење на лекови, што подразбира лековите да се користат наменски, ефикасно и безбедно во интерес на зачувување на здравјето на граѓаните од можните штетни последици од неадекватно користење на лекови. Фактор Фондот за здравство ги бележи и финансиските состојби на здравствените установи. Па така со години се повторува негативниот тренд на раст на долговите и обврските на јавните здравствени установи. Колку изнесуваат сегашните долгови и обврски на ЈЗУ и што според вас треба да се направи од страна на државниот здравствен менаџмент за да се подобри финансиското работење на ЈЗУ? Парнаџиева Змејкова Во бројка, долговите со месец септември изнесуваат 2,3 милјарди денри. Значи долговите на јавното здравство не се занемарливи, но исто така би потенцирала дека оваа година за разлика од претхдните, трендот на раст е стабилизиран, односно во текот на целата година се движат во рамките од 2,2 до 2,3 милијарди денари. Сепак, најважно е што здравствениот систем во изминатиов период благодарение на новата опрема, доктори и возила нуди поквалитетни    и побројни здравствени услуги за осигурениците. Тоа значи во крајна мера позадоволни осигурениците, кое Фондот може да го забележи и преку намалениот број на поплаки, но и од фактурите на здравствените установи доставени до фондот. ЌЕ ИМА ЛИ ЗДРАВСТВОТО ДОВОЛНО ПАРИ ВО 2014 ГОДИНА Фактор Кој е ефектот од зголемувањето на буџетот на Фондот за лекување на пациенти во странство. Колку пациенти се пратени на лекување годинава со партиципација од 200 евра, и постои ли квалитативна разлика во овој сегмент за разлика од минатата година? Парнаџиева Змејкова Нема ништо повредно од животот на еден човек, а посебно е мачно кога здравствена услуга му е потребна на некое мало детенце.  Оваа мерка го прави лекувањето во странство, откако ќе се одобри достапно до секој граѓанин кој има здравствено осигурување. Колку за илустрација, доколку на некој член на Вашето семејство му е потребна здравствена услуга во странство, која не може да ја добие во Република Македонија и му се одобри лекување во странство, да речеме на пример, таа здравствена услуга чини околу 350.000 евра, 20% требаше да ги обезбеди  осигуреникот, бидејќи 80% од услугата беше на товар на Фондот. Ќе се согласите дека тоа е навистина голема сума, која ретко кое семејство може да си ја дозволи. Со новите измени од 1.1.2013 година, сега осигурениците плаќаат само 200 евра, независно колку чини самата услуга која му е потребна на осигуреникот во странство. Во 2013 година имаме вкупно 119 одобрени лекувања во странство (до 02.10.2013 година). Користени се следниве здравствени услгуи: очни-32, детски болести-27, неврохирургија-16, детски хируршки-11, ТОАРИЛ-6, торакална и васкуларна хирургија-6, хематологија-5, дигестивна хирургија-4,кардиологија-3, уво нос и грло-3, ендокринологија-2, трауматологија и неурохирургија-1, урологија-1, абдоминална хирургија-1. Вкупно исплатени средства во 2013 година се2.876.509,49 евра. Во 2012 година имаме вкупно 155 одобрени лекувања во странство, за следниве здравствени услуги: очни-55, детски кардиолошки-48, неврохируршки-11, ОРЛ-12, гастроентерохепатологија-5, детска хирургија-2, ортопедски-1, уролошки-1, онколошки-2. Вкупно исплатени средства во 2012 година 2.552.845,00 евра.  Фактор Кои се предизвиците на ФЗО за 2014 година, мислите ли дека предвидениот буџет ќе биде доволен за непречено функционирање на фондот, и дали граѓаните можат да бидат сигурни дека без проблем ќе можат да ги добиваат здравствените услуги? Маја Парнаџиева Змејкова Веројатно не постои директор на здравствен фонд во светот кој ќе ви рече дека има доволно средства. Факт е дека пари во здравство никогаш не се доволно. Меѓутоа нашето мото е и со ограничени финансиски средства да обезбедиме што поквалитетни здравствени услуги за осигурениците. Значи ние не гледаме проблеми, туку предизвици кои мора да ги решиме. Да, со предвидениот буџет за 2014 година на осигурениците ќе им обезбедиме поквалитетни и побројни услуги здравствени услуги. Еден од начините да ја реализираме таа цел е ставањето во полна функција на софистицираната опрема и едукацијата на кадарот, што ќе значи обезбедување на нови посовремени здравствени услуги. Електронските услуги како модерен софистициран начин на работа кои ФЗО ги воведе се на задоволство на самите осигуреници. Сепак, во случај да има било какви поплаки од осигурениците во остварување на нивните права, или во поглед на добиените здравствени услуги, ние ги охрабруваме да достават претставка до Фондот. Воедно најавуваме во 2014 година дека докторите вработени во Фондот за здравствено соигурување ќе почнат да го контролираат квалитетот на дадените услуги кои се преточени во клинички упатства – протоколи објавени во Службен весник. Во кратки црти, 2014 година ќе контролираме дали напишаните дијагностичко-терпавтски постапки се почитуваат во сите здравствени установи во Република Македонија. Знаете,  делокругот на Фондот е многу широк, директно работиме со 111 јавни здравствени установи, со преку 4000 приватни здравствени установи. Истовремено работиме и осигуреници, фирми, со здруженија на пациенти и комири. Целиот наш напор може да го сведеме на едноставна формула, сакаме одржлив, ефикасен и квалитетен здравствен систем, задоволни осигуреници и доктори. И планираме да работиме не само да го обезбедиме истото, туку и постојано да го подобруваме, во рамките на нашите надлежности. За крај, дозволете на сите да ја честитам Новата година, да посакам здравје, среќа и успешна работа. С.Р.

Можеби ќе ве интересира

Нов елитен станбено деловен комплекс Порта Скопје by Adora – Општина Центар

Нов елитен станбено деловен комплекс Порта Скопје by Adora – Општина Центар

Групација Триглав повторно доби висок кредитен рејтинг „А“ Во 2024 година, AM Best очекува успешно работење на Групација Триглав согласно последните години

Групација Триглав повторно доби висок кредитен рејтинг „А“ Во 2024 година, AM Best очекува успешно работење на Групација Триглав согласно последните години

Продавниците на Телеком нема да работат во текот на претстојниот викенд, на 5 и 6 октомври

Продавниците на Телеком нема да работат во текот на претстојниот викенд, на 5 и 6 октомври

„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ – РЕГИОНАЛЕН ВОДЕЧКИ ЦЕНТАР ЗА ИНТЕРВЕНТНА РАДИОЛОГИЈА

„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ – РЕГИОНАЛЕН ВОДЕЧКИ ЦЕНТАР ЗА ИНТЕРВЕНТНА РАДИОЛОГИЈА

Првата работилница за родители од проектот „Крени глас“ на „Макпетрол“ утре ќе се одржи во „Песталоци“

Првата работилница за родители од проектот „Крени глас“ на „Макпетрол“ утре ќе се одржи во „Песталоци“

ТАВ АЕРОДРОМИ: АВИОНСКОТО КАРГО НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ СО ПОРАСТ ОД НАД 40 ОТСТО ОД ЈАНУАРИ ДО АВГУСТ

ТАВ АЕРОДРОМИ: АВИОНСКОТО КАРГО НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ СО ПОРАСТ ОД НАД 40 ОТСТО ОД ЈАНУАРИ ДО АВГУСТ

СРЕЌНИ ВЛТ ВЕСТИ: БЛАГОЈЧО КОЛАРСКИ Е ВЛТ МИЛИОНЕР, ОСВОИ 1.799.026 ДЕНАРИ

СРЕЌНИ ВЛТ ВЕСТИ: БЛАГОЈЧО КОЛАРСКИ Е ВЛТ МИЛИОНЕР, ОСВОИ 1.799.026 ДЕНАРИ

Fashion Group fall/winter ‘24: Натпросечно со стил со Тино и Атанас!

Fashion Group fall/winter ‘24: Натпросечно со стил со Тино и Атанас!

„Лесја Украинка“: Егзекуцијата на 16 воени заробеници и прашањата за почитување на меѓународните норми

„Лесја Украинка“: Егзекуцијата на 16 воени заробеници и прашањата за почитување на меѓународните норми