26 Ноември, 2024
0.0275

ЧИТАЊЕ НА КНИГИ: Психолoг објаснува зошто оваа навика е добра за менталното здравје

Објавено во: Македонија 30 Август, 2024

Добивај вести на Viber

Читањето на книги носи многу бенефити за менталното здравје.

Според психолозите, добро е луѓето од сите возрасти да читаат книги. Во медиумите, сме среќавале инспиративни приказни за мали деца, но и за повозрасни граѓани кои често ги посетуваат библиотеките и постојано читаат. Страстните читатели можат да се пофалат со стотици прочитани книги од различни жанрови. Но, има и обратни ситуации, односно луѓе кои со години не прочитале книга. Читањето бара умствено ангажирање, концентрација, нè тера да ги обработуваме информациите на кои сме наишле во книгите.

„Читањето пред сè е когнитивен процес на спознавање и дешифрирање на графемите (пишаните букви) во разбирлив текст. Тоа е сложен процес кој опфаќа вклучување на повеќе функции како кај лицата со типичен развој, така и кај лицата со одредена попреченост. Со други зборови, покрај менталното перцепирање на текстот што се чита и негова интерпретација, за остварување на овој процес потребно е да се вклучат сензорните органи преку кои се примаат дразбите. Преку видот (или преку допирот - Брајово писмо) ние го перцепираме напишаното и на тој начин ја проследуваме информацијата на когнитивна обработка. Понатаму, тука се вклучува сетилото за слух. Имено, без разлика дали станува збор за почетник во читањето (пример ученик кој сега учи да чита) или пак, за активен читач (кој чита во себе, без присутна гласна репродукција на прочитаното) ние во себе го артикулираме прочитаниот текст, што предизвикува вклучување и на сетилото за слух. Накратко кажано, процесот на читање ги буди и синхронизира нашите сетила, овозможувајќи му на нашиот мозок соодветна обработка на информацијата“, вели Јана Момировска, специјален едукатор и рехабилитатор, едукант на семејна и системска психотерапија.

Таа објаснува дека кога зборуваме за читање, тоа нè асоцира со информирање, учење, мислење, концентрација и внимание. Тоа е така затоа што сите овие засебни процеси исто така се присутни во моментот на читање. Потребно ни е насочување на вниманието на текстот што сакаме да го прочитаме, вклучување на концентрација (задржување на вниманието и посветеност на активноста), а преку приемот на информациите од прочитаниот текст се активираат и процесите на мислење (обработка на информациите, разбирање, заклучување), помнење и учење. 

„Читањето како ментална вежба се препорачува на секоја возраст, токму затоа што ги интегрира и активира гореспоменатите функции и процеси, а со тоа индиректно ги развива мозочните структури и ни помага да ги обликуваме нашите мисли. Кога се работи за училишни деца кои во моментот се стекнуваат со вештината на читање, се препорачува постепен пристап. Детето не треба да се форсира да чита повеќе, туку да чита правилно, со насочено внимание на прочитаното, со цел да се избегне создавање на аверзија кон читањето или пак фрустрација. Потребно е увидување на способноста на разбирање на прочитаниот текст. Се препорачува кога децата се учат да читаат тоа да бидат забавни, кратки и лесни приказни, кои кај децата ќе разбудат насмевка, чувство на забава и ќе го направат читањето интересна активност“, вели Момировска.

Додава дека кога зборуваме за возрасни, активни читатели, кај нив процесот на читање се разликува од читањето кај оние кои се почетници.

„Разликите се однесуваат на намалување на вниманието и концентрацијата (вложуваат помал напор), појава на „претрчување“ на текстот, бидејќи пишаните зборови се запомнети и не е потребно нивно дешифрирање. Познавањата на темата на која се чита го намалува вложениот напор во мислењето и обработката на информациите, бидејќи се познати, научени и концентрацијата се насочува само кон новите и помалку познатите информации. Затоа повремено се препорачува читање и информирање на теми кои нам не ни се толку познати и проучени, со цел максимално активирање на останатите процеси. Што се однесува на менталното стареење и појавата на невролошките болести, сметам дека не може да се одвои конкретно што нив ги предизвикува, а што ги превенира. Кога зборуваме за нив, зборуваме за збир од генетски и средински фактори, како и за можни тригери. На ова прашање би одговорила дека сите активности кои подразбираат вклучување на ментални процеси се посакувани активности кои придонесуваат за пролонгирање или спречување на појавата на менталните болести. Што значи дека од активностите како што е читањето немаме никакви загуби. Напротив, „го освежуваме“ нашиот нервен систем со нови информации кои можеби ќе ни бидат корисни, а ако ништо друго ќе послужат за забава“, вели Момировска.

Ги прашавме граѓаните дали читаат книги и дали се запознаени кои се бенефитите од читањето.

„Јас не читам книги. Знам дека е корисно, имам време, ама не читам. Последен пат читав книги кога одев во школо“, вели повозрасна граѓанка.

Друга жена објаснува дека кога има време, чита книги и е свесна дека оваа навика позитивно делува на човекот.

„Моментално сега не можам, а многу читав и обожавам слободна литература. Сега сум сама со дете и затоа не можам“, рече Елизабета Јовановска, граѓанка.

Следната соговорничка вели дека е активна во трета доба, а тоа опфаќа и дружење со книгите.

„Сега сум малку зафатена со внучето, а читам кога ќе најдам слободно време. Јас сум свесна за позитивните работи и паметни совети слушам секогаш“, рече Јадранка Димитриевска, граѓанка.

Сепак, една четвртина од Македонците не прочитале ниту една книга во 2018 година, покажа  анкетата на Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност ИНАКУ од Скопје. Низ годините се правени различни истражувања, но тие не укажуваат дека луѓето се навикнати редовно да читаат. Дури имаше укажувања дека младите ретко читаат, а повеќе време поминуваат на мобилните телефони. 

Сања Атанасовска

foto freepik.com

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

За бугарскиот премиер прашањето за уставните измени е веќе затворена работа

За бугарскиот премиер прашањето за уставните измени е веќе затворена работа

Николоски: Диви плажи функционираат во Струга, до кога ќе се толерира Мерко?

Николоски: Диви плажи функционираат во Струга, до кога ќе се толерира Мерко?

Просториите на Адвокатска комора насилно запалени, се бара брзо пронаоѓање на сторителот

Просториите на Адвокатска комора насилно запалени, се бара брзо пронаоѓање на сторителот

Финансиска полиција го истражува поранешниот министер за култура Исмаили

Финансиска полиција го истражува поранешниот министер за култура Исмаили

Тепачка во Итна медицинска помош Гевгелија

Тепачка во Итна медицинска помош Гевгелија

Вицепремиерот Фетаи: Државата лани замрзнала сомнителен имот од само 1,8 милиони евра

Вицепремиерот Фетаи: Државата лани замрзнала сомнителен имот од само 1,8 милиони евра

По контроверзните помилувања, Силјановска Давкова објави нов комисиски состав

По контроверзните помилувања, Силјановска Давкова објави нов комисиски состав

Утре ќе бидат претставени шестте еколошки автобуси на ЈСП, донација од ЕУ

Утре ќе бидат претставени шестте еколошки автобуси на ЈСП, донација од ЕУ

„ЗА 176 ПРОЦЕНТИ Е ЗГОЛЕМЕНО НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ“: Мојсоска најави - Левица ќе поднесе измена на Кривичниот законик

„ЗА 176 ПРОЦЕНТИ Е ЗГОЛЕМЕНО НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ“: Мојсоска најави - Левица ќе поднесе измена на Кривичниот законик