Д-Р СТОЈАНОВ: СПАСОТ Е ВО МАСОВНА ВАКЦИНАЦИЈА - па нека е и за одење во кафеана
Објавено во: Македонија 12 Август, 2021
Неколку дена по ред не престанува да расте бројката на новозаразени од ковид 19 во земјава, а вчера особено загрижувачки прозвуче информацијата за големиот број смртни случаи. Односно, само во еден ден короната однесе дури осум животи, а беа регистрирани дури 588 нови случаи, откако завчера, пак, бројот на новозаболени изнесуваше 518.
Здравствените власти не кријат дека веќе го живееме четвртиот бран, како и многу други држави во светот. Можеби и затоа предложија непопуларна мерка - да им се дозволува влез во локалите и на настани само на оние кои се вакцинирани, а тоа да биде невозможно за невакцинираните граѓани.
Зошто толку одеднаш расте бројот на заразените, какви се очекувањата и дали ќе помогнат мерките кои ќе почнат да важат од 16 август, Фактор разговараше со епидемиологот д-р Александар Стојанов.
На нашето прашање зошто расте бројот на заразени и покрај вакцинацијата, но и зошто има заболени и вакцинирани граѓани, д-р Стојанов вели дека воопшто не е тема фактот што минорен број од вакциниранте граѓани, се заразил со ковид 19.
„Од последните податоци кои ги имавме од пред неколку дена, од околу 414 илјади вакцинирани граѓани, само мал број или 167 граѓани беа заразени.
„Тоа е занемарлива бројка, дотолку повеќе што тоа се главно случаи кај постари лица, кои имаат послаб имунолошки одговор на вирусот. Од друга страна, пак, помладите досега ги немаше да се вакцинираат. Така што, ако го земеме предвид бројот на заболените во однос на вакцинираните, факт е дека вакцината си ја врши својата работа. Инаку, нема вакцина во светот која штити 100 отсто од одредена болест“, објаснува Д-р Стојанов.
Неколку клучни фактори се причина зошто деновиве сериозно расте бројот на заразените, а со тоа расте бројот и на смртните случаи. Прва се секако свадбите, каде реално не се почитуваа мерките за заштита.
„Главно наши иселеници кои живеат во Италија и кои во август се на колективен одмор дојдоа во земјава и како да се натпреваруваа кој ќе направи поголема свадба. Свадбите се главната причина. Дали некој стоеше пред вратите на рестораните да проверува колку точно гости дошле, колку се исполнете капацитетите, колку се почитувале протоколите – факт е дека не беше така“, укажува д-р Стојанов.
Втората причина, пак, е фактот што кај нас се уште не е доволен бројот на вакцинирани граѓани, особено кај помладите.
„Прашање е дали и 30 отсто од младите се вакцинирани, а од друга страна, младите се преносители на болеста. Еве гледаме и дека е слаб одзивот за вакцинација на деца над 12 години. А, во Кина, веќе почнаа со вакцинација на деца и над три години“, објаснува овој епидемиолог.
Инаку, според последните податоци на Министерството за здавство, 66 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 63 проценти од оние над 65 години се вакцинирани со барем една доза, 59 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со една доза и 48 проценти од граѓаните над 50 години се вакцинирани со барем една доза.
Се уште нема податоци колкава е стапката на вакцинација кај помладите граѓани, но факт е дека откако се најави дека од 16 август влез во кафеана нема да се дозволи за невакцинираните, вакциналните пунктови не можат да постигнат да ги опслужат сите заинтересирани граѓани.
Д-р Стојанов вели дека најновата мерка која се планира за од 16 август тешко дека ќе биде физички изводлива, бидејќи тешко дека секој локал може да обезбеди редарска служба што ќе ги прави проверките, а тешко и дека ќе може да се контролира колку се исполнети капацитетите во угостителските објекти. Но, кога станува збор за наводна дискриминација на која се жалат овие граѓани, според д-р Стојанов, тие не се во право.
„Една Франција или една Италија на пример, воведоа задолжителна вакцинација на здравствените и на просветните работници, а станува збор за многу поразвиени демократии. Како може таму да не е дискриминација, а овде мерката да се смета за тоа. Се разбира дека кога има вонредна ситуација, треба да се преземат вонредни мерки, Инаку, јас сум изненаден што толку се зголеми интересот за вакцинација. Па и нека е мотивот одење во кафеана, битно е да имаме што повеќе вакцинирани граѓани. Да го достигнеме тој имунитет од 80 отсто и да можеме потоа сите мирно да дишеме“, вели д-р Стојанов.
За тоа, пак, зошто повторно се врати на сцена високата смртност, односно вчера имавме осуммина починати пациенти, д-р Стојанов вели дека причина за тоа е зголемениот број на случаи, па колку повеќе хоспитализации има, толку е и поголем број на смртните случаи.
„Сепак, тоа треба да ги прашате клиничарите“, вели д-р Стојанов.
На дваесетина дена пред стартот на учебната година, овој епидемиолог укажува и дека треба да се извакцинираат што поголем број просветни работници, бидеќи е најдобро таа да почне на први септември, со физичко присуство на учениците.
Нина Нинеска-Фиданоска* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.