Добивај вести на Viber
Според последните податоци, ние сме држава со 31.2 % невработено население, колку што е и процентот на луѓето во државата кој живеат во сиромаштија. Овој податок комбиниран со процентот на инфлацијата која што споредено со октомври минатата година, ги осиромашила македонските граѓани за 5%, неслучајно беше доволен параметар лондонски Економист да не прогласи за први во светот по индексот на мизерија. Американците при ваква состојба (25% невработеност во 1933год.) живееја во Големата Депресија, но иако е невозможно да се прави паралела, ние сега живееме сепак блага форма на Американската Депресија од 1929-33. Далеку потешки беа економските услови во тогашната Депресија каде беше регистрирано намалување на БДП за 50% во рок од 4 години. Но, она што останува како факт е дека американците преку Кејнзијанското имплементирање на економските политики многу брзо се извлекоа од двоцифрената стапка на невработеност, а ние Македонците преку нашите политики многу лесно ,,успеваме’’ стапката од над 30% невработеност да ја одржиме со години, а сега и официјално да влеземе во рецесија.
Во овој контекст ќе го цитирам нобеловецот Кругман кој вели - ,,Исто како и во Големата Депресија така и сега, излезот од моменталната рецесија треба да се бара преку нечие трошење. Кога другите субјекти се склони кон штедење за отплата на долговите тој некој кој може да троши за да немаме рецесија мора да биде државата’’. А ние пак за воља на вистината сеуште имаме регионални патишта со коцка, имаме мостови кои одамна чекаат на реновирање, немаме доволно болници, имаме стари училишта, неискористени алтернативни извори на енергија што во последните 6 години заради покривање на дефицитот на електрична енергија од странство не’ чинеше 1 милијарда евра. При таков процент на невработеност многу е подобро за луѓето да се градат патишта, мостови, клинички центри, училишта. Доколку е потребно би го прифатиле и саркастичниот предлог на професорот Кругман : Ни треба група научници кои би не известиле дека постои опасност од деструктивен напад од вонземјани, а за да се избегне тој напад треба да изградиме супер-брзи железници. Можеби некој ќе каже, нема вонземјани – но нас ни треба било што, бидејќи сега имаме потреба од некој да троши за да излеземе од рецесијата, а тој некој мора да биде државата. Парите секако би се обезбедиле преку задолжување од странство, кои ќе се вратат во време на просперитет.
Долгот треба добро да се менаџира!
Споредувајќи ги податоците за јавните долгови на државите во светот, може да се види дека сите земји со релативно повисок животен стандард имаат и релативно повисоко ниво на јавен долг. Па од тука, се поставува прашањето, вреди ли во услови на рецесија и мизерија, просперитот и повисокиот животен стандард на македонските граѓани да се држат во заложништво на ниското ниво на јавен долг? Не можеш да продолжиш да го удираш веќе мртвиот човек на патот. Уште повеќе кога и самиот приватен сектор, не еднаш има кажано дека им треба свеж капитал и затоа треба да се стимулира, бидејќи неможеш постојано да го изгладнуваш ѕверот. Така би не решил Кејнз, бидејќи како што кажал: Трошењето е она што е важно, зошто е тоа толкав скандал!?...јас би додал, доколку државата знае добро да го менаџира јавниот долг!
,,Австријците’’ не би се согласиле и би чекале пазарите да се стабилизираат, но дали имаме време за тоа? Би се согласил и со нив дека она што треба да прави државата е да продолжи со реформите на судскиот систем, администрацијата и борбата против корупцијата со што би придонесла за зголемување на инвестициите, домашни и странски. Меѓутоа зарем финансиската криза во САД не беше доволен доказ дека приватниот сектор неможе да се остави сам на себе. Бидејќи нема апсолутна вистина, ниту кај Кејнз ниту кај класичарите, најлесно економијата би поминала само ако се применуваат и двете идеи, во зависност од економските циклуси.
Што уште треба да направиме за излез од рецесијата и постигнување на толку посакуваниот стабилен економски раст? Листата на реформските проекти во сите свери е долга, меѓутоа ЕДНО е она што НЕ треба да правиме: и понатаму да ја изгладнуваме економијата и да чекаме само од надвор да дојде некој да инвестира и да ги реши нашите проблеми.
Кире Трајков
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.