05 Декември, 2025
0.0404

Дали субвенциите ќе го ублажат ударот од климатските промени?

Објавено во: Агробизнис 12 Јануари, 2015 09:48

Добивај вести на Viber

Со близу 102 милиони евра ќе се стимулира развојот на земјоделското производство оваа година. Вкупно со субвенциите наменети за руралниот развој, директната финансиска поддршка годинава за аграрот ќе изнесува 150 милиони евра. Според податоците од Програмата за Финансиска поддршка на земјоделство 2015 година објвена во Службен весник, најголем дел од субвенциите или 50.617.886 милион евра се наменети за растителното производство,  34.146.341 евра се предвидени за субвенционирање на сточарството, над 302 илјади евра изнесуваат субвенциите за премии и осигурување. Со Програмата за финансиска поддршка на земјоделството за 2015 година, се предвидени 13.821.138 евра за исплата на субвенции од претходните години. Остатокот од парите се предвидени за субвенции за заштита на земјоделско земјиште, помош заодделни категории на земјоделци, помош во сточарскиот сектор и за материјални трошоци за спроведување на Програмата. Критериумите за добивање субвенции остануваат исти како и минатата година, односно висината на поддршката се намалува со зголемување на пријавените површини или грла добиток. Според календарот за исплата, први субвенции треба да земат тутунарите, односно во април оваа година треба да почне исплатата за оваа култура. За производство на поледелски култури, добиточна храна сончоглед и ориз исплатата на субвенциите треба да почне во септември.За одржување на постоечки овошни насади и предадени овошни производи во преработувачки капацитети исплатата треба да почне во ноември.За останатите сектори од растително и сточарско производство исплатата на годинешните  субвенции почнува од февруари 2016-та година. Ако се направи споредба со минатата година,оваа година има намалување на субвенциите за растителното производство. Така лани тие изнесувале 51.333.012 евра, а годинава се намалени за околу 715 илјади евра. Од друга страна кај директните плаќања за сточарство има пораст на субвенциите за околу 1,6 милиони евра. Според анализите на дел од експертите, се забележува намалување на сумата за субвенции во растителното и сточарското производство за оваа година споредено со 2012-та година. Можеме да направиме споредба за мерката директни плаќања за растително производство кои во 2012 година биле 56.788.617, а ова 2015 година се планирани 50.617.886 или имаме намалување за нешто повеќе од 6,1 милион евра.За мерката директни плаќања за сточарско производство во 2012 година биле планирани 37.991.869 евра, а за 2015 година за истата мерка се планирани 34.146.341 евра или имаме намалување за нешто повеќе од 3,8 милиони евра. Ако ја собереме разликата за овие две мерки ќе видиме дека 9,9 милиони евра помалку се планирани за 2015 година во споредба со 2012 година вкупно само за овие две мерки. Намалувањето на директните плакања за мерките 1 и 2 за растително и сточарско производство од бизу 10 милиони евра за само 3 години ни го дава вистинскиот показател зошто во Македонија се намалува бројот на добиток, зошто се намалуваат обработливите површини, зошто се намалува севкупното земјоделско производство скоро во сите гранки. Во прилог на ова оди фактот дека во 2012 година за субвенции аплицирале околу 90 000 земјоделци, а за 2014 година аплицирале 73 000 земјоделци. За 2015 година со дополнителните измени во Законот за земјоделство и рурален развој бројката на земјоделци што ќе аплицираат може да падне под 70 000 земјоделци, што би било само една третина од вкупните земјоделски стопанства што се изјасниле според последниот земјоделски попис. Една третина е веќе црвен сигнал за Владата да планира и превзема нешто во менување во пристапот за исплата на субвенциите, вели Трајан Димковски од Руралната Коалиција. Дел од земјоделците сметаат дека иако сумата за субвенции ќе го поттикне развојот на земјоделството, сепак климатските промени година ќе бидат главна пречка за аграрот. -Ние сакаме земјоделството да се развива и да се намали увозот  на храна, но климатските промени последниве години му нанесоа многу штета на земјоделството и навистина не знаеме како годинава ќе го задржиме производството, не очекува тешка година во сите сектори, поледелство, овоштарство, лозартсво , градинарство, сите сектори се во многу лоша состојба. Затоа сметам дека субвенциите ќе ни помогнат само да ги покрием загубите, а не очекуваме да одиме напред и да имаме некаков развој, барем како што сега стојат работите, вели Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци. Дали субвенциите ќе го дадат очекуваниот ефект? Агроекспертите сметаат дека освен висината парите што се одвојуваат за финансиска поддршка на земјоделството, многу поважно е пред да се планираат парите да се напарават анализи каква била реализацијата на исплатата на субвенциите во претходните години.Според дел од експертите државата треба да се насочи кон субвенционирање на секторите од кои се произведува храна, бидејќи увозот на храна постојано расте. -Најголем дел од субвенциите во растителното производство се наменети за тутунот. Точно е дека извозот на тутун е важен, но ние немаме храна. Парите што доаѓаат од извозот на тутун ги трошиме за увоз на храна, наместо да стимулираме поголемо производство на храна, да се зголемат површините и производството и на пченица и јачмен кои последниве години се намалуваат. Мал процент од субвенциите се одвојува за семе и саден материјал а од тоа ни зависи колкави и со какво квалитет ќе ни бидат приносите. Затоа потребно е да се прават анализи за да се види кои се вистинските потреби на државата. Исто така кога се планира буџетот за новата земјоделска година, треба да се направи анализа што е остварено и реализирано претходните години.Развивањето на оддржливо земјоделско производство, бара спроведување на оправдана во однос на целите и доследна во однос на мерките и дејствијата долгорочна секторска политика за развој.Успешниот развој на македонското земјоделство и реализацијата на неговите оштествени функции бара јасно формулирани стратешки цели на аграрната политика,комлексни мерки и дејствија за нивно оствараување, вели агроекономистот, Борис Анакиев. Според официјалните податоци од завршните сметки на централниот Буџет објавени во СЛужбените весници, во 2013-та година речиси 30 проценти од вкупните пари планирани за финансиската поддршка на земјоделството и руралниот развој, не се исплатиле. Дали има недоволна искористеност на субвенциите, колкав е капцитетот на земјоделците да ја апсорбираат државната помош?Дел од агроекономистите сметаат дека субвенциите не се доволно искористени бидејќи нашите земјоделци не можат во целост да ги апсорбираат субвенциите.Ако се анализираат годините од 2010 заклучно со 2013 година, за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој со буџетот биле планирани вкупно 472 милиони евра, но реализирани според завршните сметки за овие години се нешто повеќе од 332 милиони евра, или 70,5 отсто од субвенциите, односно искористеноста е помала за околу 30 отсто. Најголема реализација има во 2010 година, 80,30 отсто. Во Програмата за последните парламентарни избори владејачката партија ВМРО ДПМНЕ најави дека за секоја година ќе обезбеди по 150 милиони ерва за субвенции во земјоделството. Од 2007 година досега годишно се издвојуваат стотитици милиони евра за поддршка на земјоделството. Агроекономистите велат дека постојат релевантни податоци за земјоделството од кои се заклучува дека има определен придонес во севкупната економија: зголемен БДП, зголемен извоз, поголеми приноси. Но предупредуваат дека постојат и индикатори кои укажуваат на намалени производни капацитети и голем увоз на храна.Според податоците од Националната стратегија за развој на земјоделството и руралниот развој 2014-2020 година, ако во 2007 година увозот на земјоделско-прехрамбени производи изнесувал над 461 милиони евра, во 2013-та година вредноста на увозот изнесува над 654 милиони евра. Ј.С

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

ИМА ДОБРИ ПРИНОСИ, А БАРА МАЛКУ ЃУБРИВО: Оваа култура станува популарна во Војводина

ИМА ДОБРИ ПРИНОСИ, А БАРА МАЛКУ ЃУБРИВО: Оваа култура станува популарна во Војводина

Koj е најголемиот европски центар за производство на зеленчук?

Koj е најголемиот европски центар за производство на зеленчук?