Дали здравата храна станува привилегија на богатите или е достапна и за оние со „потенок“ џеб?
Објавено во: Македонија 11 Август, 2022
Граѓаните се загрижени од бранот поскапувања кој никако да запре. Инфлацијата урива рекорди и достигна 16 отсто. Поскапеа лебот, маслото за јадење, млечните производи, овошјето, констатираше Државниот завод за статистика(ДЗС).
Во вакви услови кога граѓаните се жалат дека едвај го поминуваат месецот, дали се храниме во согласност со финансиските можности или се храниме здраво? Дали здравата храна е достапна за сите или само за побогатите граѓани? Дали кога пазариме купуваме што сакаме или се одлучуваме за најевтините намирници?
„Не можам да си дозволам сè што сакам, но донекаде се хранам здраво. Ако уште малку поскапат млечните производи, во нашето семејство нивната употреба ќе се намали. За луѓето кои примаат минималец, верувам дека им е многу потешко, затоа што секојдневно слушам коментари како луѓето се жалат дека доматите, пиперките се скапи“, вели наша соговорничка.
Нутриционистот м-р Илија Бузлевски, вели дека на светско ниво цените на храната растат, ниту развиените земји не се поштедени, а во некои делови од светот се чувствува недостиг од храна. Тој истакнува дека добро во целата приказна е тоа што во нашето поднебје имаме здрава храна во изобилство.
„Меѓутоа многу е важно да се разјасни таа табу тема која воглавно доминира во однос на достапноста на здравата исхрана и нејзината цена. Во програмите за здрава исхрана што ги изработуваме во нашиот центар сите хранливи продукти кои се ставени, истите се од нашето поднебје и кои за наша среќа ги имаме во изобилие. Таа храна не е ништо поскапа од онаа условно речено нездрава исхрана, односно т.н нездрави продукти, меѓутоа мора да се знае и разликува која е таа храна, да се познаваат принципите на комбинирање на таа храна, време на земање, количина, калориски внес, начин на спремање и т.н. Од таа гледна точка Ви тврдам дека здравиот начин на исхрана пред сè зависи од нашата желба и подготвеност, нашата принципиелност и едуцираност за примена на истиот“, вели Бузлевски.
Доколку не внимаваме на исхраната, на долги стази ќе се соочиме со здравствени проблеми. Посебно ако имаме в предвид дека пандемијата на коронавирусот не е завршена, а имунитетот е многу важен.
„Мотивираноста за долг и здрав живот треба да биде основен двигател за примена на здрав начин на исхрана, пред сè од нас самите зависи да одбереме дали ќе се храниме здраво и со тоа ќе превенираме многу заболувања кои се причинител за огромна смртност дури и во светски размери. Со нездравиот начин на исхрана сами ќе придонесеме нашиот организам да заболи или да не биде отпорен кон многу заболувања односно нашиот имунитет тоа ќе го дозволи. Одлуката во најголема мера зависи токму од нас. Правилниот пат кон здрав и долговечен живот води покрај другото и преку здравиот начин на исхрана и со поскромен буџет можеме и доколку сакаме, имаме желба и сме принципиелни да го одбереме најдоброто за нас, ако се однесува на начинот на исхрана. Нездравиот начин на исхрана односно недоволната грижа за самите нас е предуслов за појава на различни здравствени заболувања“, додава нутриционистот.
Објаснува дека многубројните научни светски трудови говорат за истото, дека неправилниот и нездрав начин на исхрана, доведува до здравствени проблеми кај 70 отсто од светската популација.
„Како најчести заболувања како резултат на погоре спомнатото се дијабетот тип 2, кардиоваскуларните заболувања, дебелината кое преставува болест сама за себе, но е и предуслов за други заболувања, потоа бубрежни заболувања, малигните заболувања и т.н. Кардиоваскуларните заболувања на светско ниво се движат од 50 до 60 проценти од сите заболувања, а и морталитетот предизвкан од нив е на прво место во светот особено во индустриски поразвиените земји. Бројот на заболени од шеќерна болест е во подем, а неправилната исхрана е еден од клучните фактори за нејзино настанување. Како што претходно спомнав вишокот на килограми односно дебелината сама по себе е и патолошка состојба, но таа е и погодно тло за развој на кардиоваскуларни и заболувања на локомоторниот систем, дијабет тип 2 итн. Јадеме за да живееме, а не живееме за да јадеме – е од суштинско значење! Изреките носат со себе многу позитивни пораки. За да успееме во животот покрај другото треба иницијатива, здраво тело и енергија, а таа доаѓа преку исхраната. Затоа луѓето треба здраво да се хранат, да одвојат време за повремени физички активности, да бидат позитивни и добивката кон нивното здравје ќе биде огромна“, рече Бузлевски.
Во меѓувреме, минималната синдикална кошничка за јули изнесувала над 47.000 денари.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.