08 Декември, 2025
0.0383

Проф. Јаковљевиќ: Македонските граѓани можат да не контактираат за вакцината за рак

Објавено во: Македонија 08 Декември, 2025 10:36

Добивај вести на Viber

Професорот на Медицинскиот факултет во Крагуевац, Србија, кој е соработник на рускиот тим што ја развива првата мНРА вакцина против рак зборува за кои карциноми има надеж за нивно излекување, каква е всушност, оваа терапија, кој се ќе може да ја добие, што не чека во иднина на ова поле...

Еден од најистакнатите научници и академски лидери од Србија, проф. др Владимир Јаковљевиќ, редовен професор по физиологија и долгогодишен декан на Факултетот за медицински науки во Крагуевац, како истражувач со меѓународен углед е дел од тимот на руски медицински експерти, предводени од српскиот доктор Сергеј Бољевиќ на универзитетот „Сеченов“, кои работат на на развој на персонализирана вакцина против рак базирана на мРНА технологија.

Овој пристап не претставува класична превентивна вакцина, туку индивидуализиран третман насочен кон тешки форми на карцином. Проектот се смета за значајна можност за регионот, бидејќи отвора простор за нови медицински технологии, трансфер на знаење и потенцијален пристап до напредни терапии за пациенти кај кои традиционалните методи не се доволни, објаснува тој за МИА.

Можете ли за почеток да ни објасните што точно значи „персонализирана mRNA вакцина против рак? Како функционира, за кого е наменета и по што се разликува од класичните терапии против рак?

- Персонализираната mRNA вакцина против рак е всушност, персонализирана терапија, која е направена за одделен пациент којшто има малигно заболување и тоа само за таа единствена малигна болест. Што значи дека доколку тој пациент развие друго малигно заболување, оваа терапија нема да делува, туку мора да се направи нова „вакцина“ за него. Намерно инсистирам на терминот персонализирана терапија, а не вакцина. Имено, принципот на дејство е ист како кај вакцинацијата, но оваа терапија не делува превентивно на појавата на карцином, туку терапевтски. Во моментов, се користи за третман на малигнен меланом во Русија, додека компанијата „Модерна“ од 2019 година спроведува клиничка студија, која моментно е во втората фаза на клиничкото испитување. Резултатите од двете страни се ветувачки.

Од пациентот се зема биопсија на туморот и примерок од неговото здраво компатибилно ткиво, се вкрстуваат и на овој начин имунолошкиот систем се стимулира да произведува специфични антитела против нео-онкогенот што се наоѓа на туморските клетки на тој специфичен тумор. Со помош на вештачката интелигенција, се забрзува создавањето на mRNA скелетот, којшто ќе ги детерминира овие специфични антитела.

Во овој момент, поради тоа што терапевтската постапка е на самиот почеток, наменета е за пациенти кои ги исцрпиле сите други форми на терапија, но кои имале барем минимален позитивен одговор на имунотерапијата, која во последно време даде исклучително добри резултати во лекувањето на оваа исклучително опасна болест.

Дали вакцината или „носачот“ е наменета за транспорт на лекот против малигни клетки или нејзината цел е будење на имунолошкиот систем?

Сега сме на почетокот на нејзината примена, па од етички принципи е невозможно да се има широк спектар на пациенти. Вообичаено е овој вид иновативна терапија прво да се применува кај најтешките пациенти, односно оние кои ги исцрпиле сите други форми на лекување.

Колкав е капацитетот за масовна примена на оваа вакцина, ако некој мора да биде во Москва пет месеци за да ја користи?

Во овој момент, нема јасни ограничувања од руска страна, но секако, таа бројка не може да се мери во стотици или илјадници на самиот почеток. Исклучително тешкиот процес на производство одзема време, но, повторувам, засега нема ограничувања.

Првиот пациент од Србија замина за Москва. Дали тоа значи дека лекувањето во моментов не се нуди во Србија и дали постои план оваа терапија да се направи достапна и тука? 

Кон средината на октомври, висока руска делегација беше во посета на Србија и се сретна со наши претставници, вклучително и прием кај претседателот Вучиќ. Тогаш стана збор за можноста за трансфер на технологии и развој на оваа терапија во Србија, бидејќи Русите, колку што јас знам, се подготвени да ја „извезат“ оваа технологија само во Србија. Не бев вклучен во тие разговори, па затоа не ги знам директните детали, но она што го знам е дека постои добра волја тоа да се случи.

За кои специфични видови канцер би помогнало? Колку дози ќе бидат потребни?

Во овој момент оваа терапија во Русија е регистрирана исклучиво за третман на малигнен меланом. Првите следни малигнитети за кои треба да се регистрира се крупноклеточни карциноми на белите дробови. Сметам дека потоа тоа ќе се случи вистинска експанзија во оваа област, бидејќи ова откритие, очигледно, ги забрза истражувањата во оваа област во сите делови од развиениот свет во медицинската научна мисла.

Дали на македонските граѓани ќе ни биде достапно ова и на кој начин?

Македонските граѓани можат да го контактираат проф. Бољевиќ преку мене сега, доколку страдаат од оваа ужасна болест и можеме да создадеме пат за дијагностика и за евентуален третман, доколку ги исполнуваат многу строгите критериуми. Верувам дека нивниот пат до терапија во Србија ќе им биде полесен, кога тоа ќе се спроведе во нашата земја, но ова засега е единствениот начин.

Како ја оценувате научната и етичката страна на брзото одобрување и примена на иновативната „вакцино-терапија“? Кои се можните ризици, а која е очекуваната корист?

Моето искуство со Русите е дека тие не објавуваат ништо, особено не во науката, во јавноста пред темелно да го проверат. Секогаш треба да се има предвид дека зад овој проект стои респектабилен научен институт (Институтот „Гамалеја“), и во крајна линија, руското Министерство за здравство. Тие не би го ризикувале својот углед и доверба туку-така, пред сè кон сопствените граѓани, а потоа и во светски рамки. Во научна смисла, сметам дека можностите за несакани ефекти се сведени на минимум, бидејќи практично станува збор за стимулирање на нашиот организам сам да се реши проблемот.

Што предвидувате во поглед на научната транспарентност? Дали резултатите, податоците за безбедноста и ефикасноста ќе бидат објавени со цел јавноста и научната заедница да можат да го следат практичниот успех на вакцината?

Апсолутно сè ќе биде транспарентно од најмалку две причини: прво, затоа што тоа е вообичаена процедура и второ, публицитетот што го доби ова откритие ни дава на сите нас вклучени во овој проект дополнителна одговорност пред светската јавност.

Како ја гледате улогата на меѓународната соработка (посебно со руските институции) во развојот на ваквите иновативни терапии? Дали тоа отвора повеќе можности за пациентите во Србија и на Балканот?

Можноста за соработка постои и постои добра волја за неа. Најважно е да се изберат вистинските луѓе за оваа соработка кои ќе работат на овој проект во научна и оперативна смисла. Бидејќи на почетокот и на крајот, треба да запомниме дека најважниот камен во секоја градба се луѓето, а не зградите и опремата, иако не можеме без нив. Бидејќи и таа опрема и тие згради се направени од луѓе. Се надевам дека, ако има памет во сите делови од светот, ова ќе биде револуционерно откритие и ќе биде можност светската медицина да создаде еден вид храм на хуманост.

Младите луѓе често имаат погрешна претстава за нивната идна професија. Кои се најчестите заблуди што младите истражувачи во медицината ги имаат?

Не сакам да звучам како некој намќорест старец, иако не сум баш млад, но, генерално, новите генерации имаат проблем со преголемата достапност на информации во сите сфери, па и во науката, па и во медицината. Лесната достапност рефлексивно произведува помалку студиозност кај повеќето луѓе. Задачата на нас, поискусните, а да не зборуваме за постарите истражувачи, кои имавме помалку пристап до извори на научни информации, па моравме повеќе да бараме, е да ја разбудиме таа особина кај нив, да им го олесниме патот до светлината, отелотворен во старата физиолошка фраза: „searching for a truth“. Се надевам дека успеав, барем делумно, во ова, бидејќи сакам да работам со млади луѓе. За мене, тие се трајна инспирација и секогаш ќе бидам на нивна страна, дури и кога, можеби, грешат.

Како академската заедница може подобро да соработува со индустријата и јавниот сектор за доброто на сите?

Ова е апсолутно неопходно, бидејќи, како што би рекол мојот покоен ментор, проф. Вујадин Мујовиќ: „науката е мртва без пракса, а практиката е слепа без наука“. Оваа синергија е апсолутно неопходна за нови откритија, како и за унапредување на постојните. Улогата на јавниот сектор, кој ќе поддржува научни проекти во секој поглед, е неизмерна, бидејќи без него, сè што е на дневен ред може да остане само на ниво на идеи. Затоа е важно најодговорните функции во секоја сфера да ги имаат оние кои можат да го препознаат ова. Бидејќи, ако таквите луѓе не го водат општеството, не можете да ги обвинувате дека не препознале нешто за кое немаат никакво знаење. Исто како и во имунологијата: секој антиген има свое антитело.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат научниците во Србија и регионот?

Мислам дека сите во регионот имаат два заеднички проблема: недоволно добар статус и недостиг на пари. Сè друго имаме: интелигенција, иновација, увидност, патентно размислување. Не е случајно што нашите луѓе се секогаш најдобрите работници насекаде во светот, каде што науката и образованието се препознаваат како клучни сфери на општеството (сите западни земји, Русија, Кина, Индија, Индонезија), бидејќи таму им се обезбедени подобри услови. Убеден сум дека, со подобрувањето на целокупната позиција и статус на научниците и универзитетските професори, и нашата земја и регионот би имале неверојатен замав за иднината. Прашање е само дали оваа улога ни е предодредена на светско ниво. Ако не е, секако, треба да се бориме за неа.

Извор: МИА

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

„Бројот е мој, таткото е мој, зетот и внукот се мои, ама немам врска со фирмата“: СДСМ и денеска бараат одговорност од Томовски

„Бројот е мој, таткото е мој, зетот и внукот се мои, ама немам врска со фирмата“: СДСМ и денеска бараат одговорност од Томовски

Македонија денес го одбележува денот на Свети Климент Охридски

Македонија денес го одбележува денот на Свети Климент Охридски

ДВЕ ЛИЦА ФАТЕНИ ГО ГОЛЕМА КОЛИЧИНА АЛАТ БЕЗ ДОКУМЕНТАЦИЈА: завршија во затвор, а робата им е одземена

ДВЕ ЛИЦА ФАТЕНИ ГО ГОЛЕМА КОЛИЧИНА АЛАТ БЕЗ ДОКУМЕНТАЦИЈА: завршија во затвор, а робата им е одземена

НЕВООБИЧАЕНО ТОПЛО ВРЕМЕ НЕ ОЧЕКУВА ДЕНОВИВЕ - температурите над просекот, еве ги деталите

НЕВООБИЧАЕНО ТОПЛО ВРЕМЕ НЕ ОЧЕКУВА ДЕНОВИВЕ - температурите над просекот, еве ги деталите

„Едвај завршиле гимназија, а купиле факултетска диплома“: Најчевска со нова критика и прашање до јавноста на социјалните мрежи

„Едвај завршиле гимназија, а купиле факултетска диплома“: Најчевска со нова критика и прашање до јавноста на социјалните мрежи

Давкова: Ако сме милостиви, тогаш зошто има толку суровост меѓу нас?

Давкова: Ако сме милостиви, тогаш зошто има толку суровост меѓу нас?

Доктор Беќаровски предупредува: Седењето е поопасно и од пушењето

Доктор Беќаровски предупредува: Седењето е поопасно и од пушењето

„НЕМА ДА СЕ ГРАДАТ ОГРАДЕНИ КАМПОВИ, ТУКУ СТАНОВИ ЗА ОДБИЕНИТЕ АЗИЛАНТИ“: Професорот Трајковски со реакција за мигрантите

„НЕМА ДА СЕ ГРАДАТ ОГРАДЕНИ КАМПОВИ, ТУКУ СТАНОВИ ЗА ОДБИЕНИТЕ АЗИЛАНТИ“: Професорот Трајковски со реакција за мигрантите

Левица: Томовски дели тендери на негови блиски фирми, ќе објавиме фотографии

Левица: Томовски дели тендери на негови блиски фирми, ќе објавиме фотографии