Дамјан Манчевски: Хакерите кои го нападнаа ФЗО немаат релевантни податоци за уцена
Објавено во: Македонија 22 Февруари, 2023
Поранешниот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во синоќешната емисија „24 Анализа“ на Телевизија 24 рече дека во мапирањето во ИТ индустријата, превземените податоци за физичките и правни лица од Фондот за здравство во хакерскиот напад најверојатно „не се релевантни за објавување“ од страна на хакерите.
Според поранешниот министер, кој во моментов работи во приватниот сектор со медицински софтвер, хакерите во овој случај не би имале материјал за уцени со кој би извршиле притисок да извлечат побрзо пари од уцената.
„Јас сум противник на таа параноја, каде се не ги споделуваат своите лични податоци и се сликаат дома во тоалет, но имаат проблем ако некој го пробие нивниот мејл. Треба да се знае какви се тие податоци и да се види колку се релевантни.
Во овој случај тоа се податоци на луѓе-пациенти, меѓутоа да бидеме искрени, кому во светот би биле потребни тие податоци? Треба да направиме приоритизација што е критична инфраструктура и што може да браниме, бидејќи се не може да се брани. Сметам дека имаме направено едно добра база на критична инфраструктура и ние како граѓани треба да пазиме како ги споделуваме нашите податоци. Не може да се плашиме од „ЦИРТОТ“, а се да ставаме на Фејсбук и Инстаграм“, рече Манчевски.
Според Манчевски, ФЗО е една од поспремните институции на полето на ИТ од аспект на ресурси и свесност и дека во вакви случаи најважна е превенцијата.„Најбитна е превенцијата, доцна е од кога ќе се случи настанот. Тоа може да и се случи и на приватна компанија, главна е превенцијата.“, додаде Манчевски.