Депонијата Дрисла чека – ФЦЛ Амбиенте се заканува дека ќе тужи
Објавено во: Мои пари 02 Декември, 2013
Со соопштение до јавноста се огласи италијанската ФЦЛ Амбиенте, компанијата од групацијата што ја доби концесијата за депонијата „Дрисла“. Оттаму навуваат тужба и претставка до Јавното обвинителство поради изнесените факти во медиумите.
„Дојдовме до сознание за постоење крајно штетни факти и акти искажани на штета на ФЦЛ Амбиенте ДОО кои ја извртуваат и оцрнуваат реалноста. ФЦЛ Амбиенте ДОО не може да го толерира настанатото, бидејќи се премина секаков праг на правна и морална прифатливност. За таа цел, Друштвото без понатамошно одлагање, со цел да ги заштити своите права, ги овласти своите правни застапници, да започнат судска постапка, помеѓу другото, и преку Јавното обвинителство и македонските судови“, пишува во соопштението.
Оттаму додаваат дека легитимно работеле една година за проектот околу депонијата „Дрисла“за што вложиле над милиони евра. Сметаат дека се неутрални, а укажуваат и дека екологијата е приоритет , а Македонија треба да се доближи достандардите за квалитет на земјите од ЕУ.
„ФЦЛ Амбиенте е целосно транспарентна и на македонските граѓани ќе им му го покаже квалитетот на сопствениот проект во сите негови фази на имплементација“, се додава во соопштението.
Сепак , не се објаснува ниту кого, ниту пак кога планираат да тужат. Инаку компанијата го доби договорот за Дрисла на првиот тендер од Град Скопје. Ова беше поништено со тужбата од германскиот конзорциум на чело со „Шолц“ поради нерегуларности во тендерската постапка. Сепак ова не ги спречи надлежните по втор пат договорот за концесија да го дадат на ФЦЛ Амбиенте.
Според договорот, станува збор за јавно приватно партнерство, а компанијата од „Дрисла“ ќе треба на направи депонија по европски стандарди.