17 Декември, 2025
0.0863

Деребан: поднесовме прекршочни пријави за 19 градоначалници, а за еден кривична!

Објавено во: Економија 15 Јули, 2013 08:53

Добивај вести на Viber

Процесот на легализација на бесправно изградени објекти, донесе кривични пријави за еден и прекршочни пријави за 19 градоначалници низ цела Македонија, вели во интервју за Фактор, Ромео Деребан, директор на Државен управен инспекторат. Кривичните пријави се поднесени бидејќи во барањата за легализација на граѓаните, со коректор се бришеле едни податоци, а потоа се внесувале нови податоци. Прекршочните пријави пак се поднесени оти градоначалниците во чии општини биле утврдени недостатоци во постапката за легализација, прво не ги отстраниле тие недостаоци, а потоа одбиле да платат глоба од 15.000 илјади евра, поради што против нив се поведени прекршочни постапки, вели Деребан.

ФакторКакви неправилности регистрираа инспекторите кај општинската админситрација во процесот на легализација  на бесправно изградени објекти? Деребан: Во неколку случаи, инспекторите утврдија дека општинската администрација не водела уредна евиденција.  Или ако сакате попрецизно да ви објаснам, биле менувани податоци во документацијата на определени предмети. Практично податоците се прешкртувани со коректор и потоа биле допишувани други податоци. Против тие лица во соодветната општина се поднесени кривични пријави. Сега на потег се истражните органи,  тие треба да утврдат како и во чија полза се менувани податоците. Ние само сме констатирале состојба, односно утврдиле  дека во одреден документ има прешкртување на податоци, што укажува дека е направена злоупотреба.  А, понатаму се е во рацете на истражните органи и затоа за таквите случаеви се поднесени кривични пријави. ФакторЗа кого се поднесени кривични пријави ? Деребан: Поднесени се три кривични пријави. И тоа, за еден градоначалник, еден раководител на оделение и еден раководител на сектор за урбанизам. Фактор: Според информациите што веќе ги објави Фактор, кривичната пријава е за поранешниот градоначалник на општина Сопиште и уште едно лице вработено во истата општина, а кривична пријава е за вработен во општина Босилево? Деребан: Иако, Вие веќе ги објавивте, сепак јас во оваа прилика не би сакал да зборувам со конкретни имиња. Нека завршат постапките. ФакторКакви други нерегуларности утврдиле инспекторите? Деребан: Да, имаше и други неправилности. Да појаснам, според законот за Управна постапка, доколку во постапката на надзор утврдиме определни неправилности во работењето на органот, тогаш носиме решение, и со тое решение ние го задолжуваме органот да ги отстрани утврдените недостатоци во определен рок. Ние, како надлжен инспекторат извршивме контрола во февруари годинава и констатиравме дека кај поголемиот дел од општините има неправилности. Мислам дека беа само 7 или 8 општини каде се беше во ред. Но, кај поголемиот број општини имаше неправилности а тие се однесуваа пред се на роковите за донесување решенија и кај роковите за превземање  управни дејствија. ФакторПопрецизно што значи тоа ? Деребан:  Тоа значи дека во редовниот инспекциски надзор утврдено е дека има голем број на недонесени решенија иако предметите биле комплетни. Објаснувањето на администрацијата во општините е дека не ги донеле оти биле презафатени и имале енормен број на предмети, односно не можеле да постигнат да ги обработат и решат сите. Но, исто така утврдивме дека кај определен број на предмети, иако странката не ги поднела сите потребни документи, сепак не е донесен заклучок за прекин на постапката. Тоа значи дека предметот останал во мирување, односно странката не била известена и задолжена да го комплетира предметот.  На градоначалниците им беше даден  дополнителен рок од 30 дена да ги отстранат тие неправилности. Односно, за оние предмети кои се со комплетна документација, да донесат решение со кое ќе го уважат или одбијат барањето за легализација, а за оние предмети кои не се со комплетна документација да ја прекинат постапката до комплетирање на документацијата. ФакторГо испочитуваа ли рокот градоначалниците, ги отстранија ли недостатоците? Деребан: Рокот од 30 дена истече, по што ние имавме контролен инспекциски надзор во втората половина на април. И, од извршениот контролен инспекциски надзор утврдивме дека 19 –те градоначалници не постапиле по решенијата и согласно законот за Управна инспекција против нив е поведена прекршочна постапка. Фактор: За сите 19 градоначалници е е поведена прекршочна постапка? Деребан: Да, за сите. Фактор: Пред да биде поведена прешочна постапка, побарано ли е од нив да ги платат казните за неотстранување на недостатоците ? Деребан:  Пред да покренеме прекршочна постапка( согласно законите) на 19 -те градоначалници им беа доставени покани за порамнување. Порамнување е институт утврден согласно законот за прекршоци. Односно тоа значи дека пред да се поднесе барањето за поведување на прекршочна постапка до судот, органот го кани сторителот на прекршокот во неговите простории и му нуди да му издаде платен налог за да ја плати казната која е пропишана со закон,  без при тоа да се води постапка пред суд . Казните се големи.  За градоначалниците се движат од 7.500 до 15.000 евра.  Доколку, во конкретниот случај градоначалникот се согласи да ја плати казната тогаш му се издава платен налог,  а ако го плати во рок од 8 дена тогаш плаќа само половина од сумата утврдена во платниот налог и не се води прекршочна постапка против него. Овие казни се пропишани за прекршокот кој се однесува на непостапување односно не оттранувње на недостаоците од инспекцијата. ФакторСо оглед дека рековте оти против сите 19 градоначалници се водат прекршочни постапки тоа значи дека ниту еден од нив не се согласил да плати казна? Деребан: Да, ниту еден од 19 –те градоначалници до кои беше доставено барање за порамнување не се согласи да го плати платниот налог, односно глобата против нив. И против нив сега се водат прекршочни постапки пред надлежните судови. ФакторЌе сакате ли да кажете кои се тие градоначалници притив кои се водат прекршочни постапки, со оглед дека повторно ќе потенцирамe,  Фактор веќе објави дел од нив? Деребан: Како што веќе реков, Вие сте ги објавиле, но јас сега нема да зборувам со имиња.  Можам да Ви кажам дека меѓу нив има и Албанци и Македонци, има и од големи и од мали општини. Има и градоначалници од поголемите скопски општини. Во ниту еден случај не се водел селективен пристап,  а дури можам да кажам дека имавме и супер надзор. За целата постапка беше информирана и Владата. Фактор: Според, информациите во општина Чучер Сандево не Ви било дозволено да направите контрола? Деребан:  Точно е. Во општина Чучер Сандево инспекторката која беше на терен, побарала документи, но градоначалникот и рекол дека може да и даде само 10 , а по неколку дена повторно ќе и биле дадени на увид други 10 документи.  Тоа не е во согласност со законите. Инспекторката ми се јави лично мене, и јас и реков дека треба да ја напушти просторијата а против градоначалникот да биде поведена прекршочна постапка бидејки не и биле овозможени услови за инспекциски надзор. Секако против градоначалникот беше поведена прекршочна постапка. Јас се надевам дека ќе биде максимално казнет, бидејки не смееме да дозволиме во една правна држава, некој да не дозволува инспекциите да вршат надзор и да диктира и наредува врз кои предмети ќе може да се врши надзор, а врз кои нема да може. Инспекторот е тој што одлучува врз што ќе врши надзор, а врз што нема да врши надзор . Фактор: Имате ли притисоци или случаеви каде се бараат врски да се протне кој предмет?

ДеребанДиректни притисоци не верувам дека има врз инспекторите . Не можам да кажам дека до мене нема притисоци, но можам да кажам дека нема никакви притисоци од страна на овластени или надредени лица за било каква ургенција спротивна на законот.  Нормално имаме круг на пријатели, познаници кои се јавуваат и бараат одредени услуги, но Ве уверувам дека ниту јас, ниту инспекторите не подлегнуваат на никакви барања, особено не на барања кои се недозволени со законите.

ФакторИма ли инспекторатот доволен број на инспектори?

Деребан: Инспекторатот има 34 вработени,  од нив 31 се инспектори . Тие се за цела Македонија. Ама можам да кажам дека добро се држиме и она што е утврдено со редовниот план до одржуваме.  Предност им даваме на барањата за вонреден инспекциски надзор и ми се чини дека не сме заглавиле.  Но во однос на другите инспекторати сме премногу ангажирани и преоптоварени. Потребено е зголемување на бројот на инспектори, освежување на кадрите и според еден од заклучоците на Влада во 2012 требаше да се вработат 7 инспектори. Тоа не се случи минатата година, но се надевам дека ке се случи во годинава.

С.Н.

Можеби ќе ве интересира

Кои европски земји имаат најниски нивоа на БДП по глава на жител?

Кои европски земји имаат најниски нивоа на БДП по глава на жител?

Ристески објасни како од 1 јануари ќе ја пресметуваат просечната потрошувачка кошничка

Ристески објасни како од 1 јануари ќе ја пресметуваат просечната потрошувачка кошничка

Цената на среброто скокна над рекордните 65 долари за унца

Цената на среброто скокна над рекордните 65 долари за унца

Фатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје

Фатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје

„Бауер БГ“ ја реконструира Палата АСНОМ по стара шема, со нови анекс-договори од 700.000 евра засега

„Бауер БГ“ ја реконструира Палата АСНОМ по стара шема, со нови анекс-договори од 700.000 евра засега

КУПЦИТЕ НА СТАНОВИ МОЖЕ ДА ЗДИВНАТ – повластената даночна стапка останува и следните три години

КУПЦИТЕ НА СТАНОВИ МОЖЕ ДА ЗДИВНАТ – повластената даночна стапка останува и следните три години

Кончар потпиша договор со позната американска компанија

Кончар потпиша договор со позната американска компанија

Откриено што ја чека германската економија

Откриено што ја чека германската економија

ВАЛУТАТА ПОТОНА: Се тргуваат 1,3 милиони риали за еден американски долар

ВАЛУТАТА ПОТОНА: Се тргуваат 1,3 милиони риали за еден американски долар