ДЕСПОТОВСКИ: СДСМ не смее да дозволи членовите да ги враќа од избирачките места
Објавено во: Македонија 30 Јуни, 2024
На голем број на членови на СДСМ не им било овозможено да гласаат, вели Јован Деспотовски, кандидат за лидер на партијата.
Деспотовски денеска по гласањето во Општина Карпош изјави дека очекува дека до крајот на денот ќе се почитува принципот на демократски изборен процес. СДСМ, како што вели, е политичка партија која што во ниту еден момент не смее да си дозволи своите членови да ги враќа од избирачките места.
„Јас очекувам дека целата оваа енергија што успеавме изминативе денови да ја мобилизираме, енергија за промени, денеска да се ефектуира, односно да се случи преку гласањето. Очекувам до крајот на денот ќе се почитува принципот на демократски изборен процес и дека членовите на СДСМ ќе изберат еден нов почеток кој што треба да почне уште утре“, рече Деспотовски.
Политичката партија СДСМ денеска избира нов лидер. Вчера од трката се повлече поранешната министерка за одбрана, Славјанка Петровска, па на денешните избори ќе се гласа за тројца кандидати.